Шумски пожари во јужна Шпанија, пеколна жештина во Франција
12 август 2025Шпанија, како и повеќе земји од југоисточна Европа, е зафатена од исклучителен топлотен бран, поради што постојано избувнуваат и шумски пожари.
Повеќе од 2.000 луѓе се евакуирани поради шумски пожар во близина на шпанското одморалиште Тарифа, популарна дестинација за германските туристи. Меѓу погодените се посетители на плажа, гости на одморалишта и жители во областа Плаја де Атлантера и Плаја де Болонија, околу 25 километри северозападно од центарот на градот Тарифа, според Антонио Санц, министер за внатрешни работи на регионот Андалузија.
Според официјалните извештаи, пламените јазици избувнале во понеделникот наутро во еукалиптусните и боровите шуми на планините Сиера де ла Плата. Според извештаите, пожарот првично се проширил брзо кон брегот. Повеќе од 100 лица од службите за итни случаи се бореле со пламените јазици на терен во понеделникот вечерта, поддржани од 14 противпожарни авиони и хеликоптери. Силните ветрови со налети до 50 километри на час ги отежнале напорите за гаснење на огнот.
Пред нешто помалку од една недела, областа околу Тарифа во покраината Кадиз веќе беше погодена од шумски пожар. Тогаш беа евакуирани неколку хотели, населби и камп во областа Ла Пења, а околу 1.500 туристи и жители, како и 5.000 возила, беа спасени. Пламените јазици, кои беа изгаснати само пред два дена, уништиле релативно мала површина (280 хектари), но предизвикале голема загриженост кај властите.
Масивниот топлотен бран во Франција пак во вторник се прошири и во други делови од земјата. Француската метеоролошка служба Метео-Франс во понеделник предупреди за „исклучителна“ топлина на северот и истокот од земјата. Метео Франс предвиде температури од над 36 степени Целзиусови во главниот градски регион околу Париз и температури до 40 степени Целзиусови во долината на Рона.
Највисокото ниво на предупредување за топлина, црвено, е издадено за 14 департмани, а портокаловото ниво на предупредување се однесува на други 64 департмани.
Во департманот Рона, властите воведоа прекин на работата на градилиштата од 12 до 22 часот. Сите јавни настани на отворено или во затворени простори без климатизација се исто така забранети до вечерта. Во понеделникот, рекордни температури беа забележани на неколку места во Франција, вклучувајќи ги Бордо (41,6 степени Целзиусови) и Ангулем (42,1 степени Целзиусови).
Некои градови нудат иновативни решенија за справување со жештината. За да му се даде можност на населението да се разлади, градот Лион, на пример, држи еден парк отворен цела ноќ за луѓето да можат да спијат на отворено. Два климатизирани музеи, исто така, ги отворија своите врати бесплатно за да им обезбедат на луѓето ладен, освежителен простор. Во Бордо, на југозапад, беше отворен центар каде што бездомниците можат да најдат засолниште.
Според метеоролошката служба, новиот топлотен бран ќе трае „барем“ до викендот. Франција веќе претрпе топлотен бран од 19 јуни до 4 јули. Експертите велат дека антропогените климатски промени ги прават временските екстреми како што се топлотните бранови почести и поекстремни.