Нова влада во Берлин: Крај за краткиот пат до државјанство
12 април 2025Следната германска влада, составена од конзервативниот сојуз на Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ)и централно-левичарската Социјалдемократска партија (СПД), ќе го укине тригодишниот забрзан пат до државјанство за „добро интегрираните“ имигранти, наведено е во коалицискиот договор на партиите објавен неделава.
Нема веќе „турбо“ натурализација
Тој тригодишен пат до државјанство стана достапен за апликантите минатиот јуни, откако претходната владејачка коалиција на СПД, Зелените и либералите од Слободната демократска партија усвои реформа на германското законодавство за државјанство.
Тригодишната опција бара од апликантите не само да поседуваат напредно ниво C1 на германски јазик, туку и да покажат други достигнувања за силна интеграција во германското општество, како што се волонтерска работа или високи достигнувања на работа или на студиите.
Конзервативната ЦДУ и нејзината баварска сестринска партија ЦСУ често го критикуваа тригодишниот пат, нарекувајќи го „турбо“ натурализација. Некои конзервативни критичари тврдат дека три години престој во Германија е прекраток за да се добие германско државјанство.
Меѓутоа, имигрантите сепак ќе можат да аплицираат за германско државјанство по 5 години континуиран престој во земјата и средно ниво Б1 на познавање на германскиот јазик во согласност со минатогодишната реформа. Згора на тоа, двојното државјанство и натаму ќе биде дозволено.
Двојното државјанство останува
Пред минатогодишната реформа, генерално не беше дозволено двојно државјанство на Германија и на земја која не е членка на ЕУ. Односно, доселениците, на пример од Македонија, повеќе не мора да се откажуваат од македонското државјанство за да добијат и германско. Откако реформата стапи во сила, барањата за стекнување германско државјанство се драстично зголемени, со голем интерес од страна на германската турска заедница.
Иако конзервативците, како лидерот на ЦДУ и веројатниот следен германски канцелар Фридрих Мерц, ја критикуваа идејата за двојно државјанство, се чини дека тие направија компромис по ова прашање за време на коалициските разговори со СПД.
Повеќе не се разгледува одземањето на двојното државјанство
Следната германска коалиција, исто така, нема да ја следи идејата за одземање на германското државјанство на натурализираните „двојни“ државјани.
Претходно, партиите беа заинтересирани да ја истражат идејата дали германското државјанство може да им биде одземено на натурализираните граѓани кои се карактеризираат како поддржувачи на тероризмот, антисемитисти или екстремисти кои „повикуваат на укинување на слободниот и демократски основен поредок“.
Идејата, изнесена од ЦДУ/ЦСУ, беше критикувана од СПД како да значи дека германското државјанство ќе биде „помалку вредно“ за лицата со двојно државјанство. Предлогот го осудија и здруженијата на мигранти во Германија.
Наместо тоа, во коалицискиот договор за идната влада се наведува дека партиите ќе ги испитаат можностите за промени во врска со протерување на оние кои „повикуваат на укинување на слободниот и демократски основен поредок“, но тоа би се однесувало на лицата кои не се државјани на државата, а не на оние со двојно државјанство.