И „Вреди“ влегува во трка за Град Скопје
24 јули 2025И Коалицијата „Вреди“, која што е дел од владиното мнозинство, најавува дека ќе има кандидат за градоначалник на Град Скопје. Според вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, имињата на сите кандидати за градоначалници од оваа коалиција ќе бидат соопштени идната недела.
Токму Меџити се споменува како можен кандидат за градоначалник на општина Чаир, откако ривалската партија на Али Ахмети - ДУИ соопшти дека поранешниот шеф на дипломатијата, Бујар Османи претендира да биде градоначалник на оваа скопска општина.
Во Струга, пак, коалицијата „Вреди“ планира да го поддржи независниот кандидат Менди Ќира, бизнисмен и претседател на Стопанската комора на Северна Македонија.
„За другите општини при крај се анализите и разговорите и се очекува наредната недела да бидат објавени имињата на кандидатите“, изјави Меџити.
Коалиции и поддршка
На новинарско прашање дали наредната недела ќе биде официјализирана неговата кандидатура за градоначалник на Општина Чаир, Меџити кусо одговори дека ќе бидат официјализирани сите кандидатури.
Во врска со коалицирањето во некои општини со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Меџити вели тоа нема да биде ништо ново, бидејќи „од деведесеттите до сега секогаш владините партнери се помагале“.
„Секогаш владините партнери се помагале и ќе се помагаат, како што и опозициските партнери ДУИ, Левица, СДСМ очекувам дека ќе се помагаат“, рече Меџити.
Локалните избори во Македонија се очекува да се распишат во август, а првиот круг да се одржи на средината на октомври. ВМРО-ДПМНЕ на изборите ќе истрча со партискиот кандидат - актуелниот градоначалник на Кисела Вода - Орце Ѓорѓиевски, додека опозициската СДСМ ја кандидираше потпретседателката на партијата, Каја Шукова, за која смета дека ја има вистинската визија за Скопје.