Русија повторно ги засилува нападите врз Украина
21 август 2025Во најмасовните руски воздушни напади врз Украина месецов, во текот на ноќта помеѓу среда и четврток, најмалку едно лице е убиено, а 15 се повредени. На западот од земјата, погодена е американска фабрика за електроника, објавија украинските власти. Нападот се случи паралелно со напорите за започнување директни преговори меѓу Русија и Украина за ставање крај на руската агресија која го крши меѓународното право. Меѓутоа, рускиот претседател Владимир Путин досега не покажа голема подготвеност да се вклучи во преговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во градот Мукачево, во западниот Закарпатски регион, дванаесет лица се повредени во ракетен напад, а магацините на една компанија се уништени, објавија локалните власти. Гувернерот на регионот, Мирослав Билецки, изјави на украинската телевизија дека фабриката произведува потрошувачка електроника и дека е „странска инвестиција“. Министерот за надворешни работи Андриј Сибиха напиша на платформата X дека станува збор за „чисто цивилен објект кој нема никаква врска со одбраната или армијата“. Во Лвов, во западна Украина, едно лице е убиено, а три се повредени, според зборовите на гувернерот Максим Козицки. Покрај тоа, оштетени се 26 станбени објекти. Цел на ноќните руски напади бил и главниот град Киев.
Според украинските воздухопловни сили, Русија во ноќниот напад користела 574 дронови и 40 ракети. Тоа е најголемиот напад во август досега. Сибиха изјави дека ова не е првиот руски напад врз американски компании во Украина и потсети на нападите врз канцелариите на Боинг во Киев на почетокот на годината. „Затоа напорите да се принуди Русија да ја заврши војната се толку клучни“, додаде тој.
Русија, која негира дека таргетира цивили, во минатото повеќепати користеше ракети и дронови за да напаѓа украински градови далеку од лините на фронтот. Од инвазијата на Москва во февруари 2022 година, загинаа илјадници цивили.