И покрај растот, цените во Македонија најниски во Европа
18 јули 2025Целата плата оди за храна - ова е една од најчестите поплаки на граѓаните. Истото што ги мачеше лани, финансиски ги исцрпува и годинава. Нема ден да не се пожалат пред тв-камерите колку платиле, а колку малку купиле за потрошената сума. Темата станува уште поактуелна во сезона на летни одмори, кога за таа ставка во домашниот буџет не останува речиси ништо. Проблемот не е ендемски. Ги мачи и граѓаните од земјите членки на ЕУ.
Но, според податоците на Евростат, Македонија била земја со најниски нивоа на цени минатата година. Тоа го покажува јунската анализа на оваа статистичка институција, при што резултатите се базираат на паритетот на куповната моќ и цени што опфаќаат повеќе од 2 илјади стоки и услуги за широка потрошувачка. Анализата е спроведена во 36 европски земји: 27-те земји од ЕУ, три земји од ЕФТА (Исланд, Норвешка и Швајцарија) и 6 земји-кандидатки (Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Турција).
Анализирани се цените во четири групи: на храна и безалкохолни пијалоци; на алкохолни пијалоци и тутун; на облека; и на обувки. Овие 4 групи соодветно во просек претставуваат 17%, 5%, 3% и 1% од трошоците на домаќинствата.
Најниски цени на храна, алкохол, тутун, мебел, ресторани...
Меѓу земјите на ЕУ, во 2024 година Луксембург има највисоко ниво на цени за храна и безалкохолни пијалоци, Ирска за алкохолни пијалоци и тутун, а Данска била најскапа за облека и обувки. Меѓу сите 36 анализирани земји, Швајцарија има највисоко ниво на цени за храна, безалкохолни пијалоци и облека. Македонија пак има најниски нивоа на цени во две од анализираните групи.
„На другиот крај од спектарот, Северна Македонија покажува најниски нивоа на цени од сите 36 земји во однос на храна и безалкохолни пијалоци, алкохолни пијалоци и тутун", се вели во анализата на Евростат.
Цените на храната и безалкохолните пијалаци во Македонија биле пониски за 26,6%, односно изнесувале 73,4% од просекот на ЕУ. За споредба со соседството, цените на храната во Србија биле 96,4% од европскиот просекот, во Црна Гора 84,4%, во Босна и Херцеговина 83,2%, а Албанија за првпат ја надминала европската просечна вредност, достигнувајќи 101%. По Македонија (со 73,4%) на второ место со најниски цени на храна и безалкохолни пијалаци е Турција со 76,7%. Турција пак предничи со најниско ниво на цените на облека со 68,8% од европскиот просек, а Македонија е втора со 78,3%.
Според податоците на Евростат, Македонија има и најниски нивоа на цените за алкохолни пијалоци и тутун кои се 59% од европскиот просек. Но има и најниски цени на мебел (покуќнина, подни подлоги, теписи итн.) со 61,8% од европскиот просек. Македонија е најевтина и според нивото на цени за опрема за личен транспорт (возила) 87,7%, најевтина за транспортни услуги со 55,2%, а има и најниски нивоа на цени на ресторани и хотели со 49,5% од европскиот просек.
Податоците од паричникот
Граѓаните не ја гледаат статистиката туку „податоците“ од паричникот, и бараат ефикасни мерки со кои ќе се заузда растот на цените. На таа тема во тек се консултации меѓу надлежните институции и експерти. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека наскоро ќе има предлози во таа насока.
„Наш интерес како Влада е да имаме задоволни граѓани, кои ќе имаат најниски цени во Европа. Ние ќе направиме се што е во наша моќ за граѓаните, во рамките на нашите можности, да имаат најниски цени во Европа. И тоа го правиме. Но мораме да влеземе во базата, во основата. Ако не влеземе, сето ова ќе биде со краток интензитет и на кратко време“, рече премиерот.
Во тек консултации со експертската јавност, се следи што се случува со однесувањето на трговците, производителите, дистрибутерите и трговските синџири. Според Министерството за економија, дали ќе има мерки за стопирање на растот на цените на храната ќе се знае до крајот на месецов. До крајот на јули треба да се одржи седница на Економско-социјалниот совет, на која би се разговарало за евентуалните мерки за стопирање на растот на цените.
Трошоците на животот пораснале за 4.5%
Според Државниот завод за статистика, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јуни 2025 година, во однос на мај 2025 година, изнесува 0.8 %. Повисоката инфлација во јуни во однос на мај е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: транспорт за 2.9 %, рекреација и култура, храна и безалкохолни пијалаци за 1.1 %, разновидни стоки и услуги за 0.9 %, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0.8 %, ресторани и хотели за 0.5 %, здравје за 0.3 %, комуникации, облека и обувки за 0.2 % и домување, вода, електрика, гас и други горива за 0.1 %. Трошоците на животот во групите алкохолни пијалаци, тутун, образование, остануваат на исто ниво како и во претходниот месец. Индексот на трошоците на животот во јуни 2025 година, во однос на јуни 2024 година, бележи зголемување од 4.5 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 3.7 %.
Од друга страна, вредноста на синдикалната минимална кошница за мај 2025 година изнесува 63.908 денари и е повисока за 1.217 денари во споредба со онаа април која изнесува 62. 691 денари. Најголемиот расход е за храна и пијалаци (22.434 денари).
Големи ценовни јазови
Во 2024 година, нивоата на цените за стоки и услуги за широка потрошувачка значително се разликувале низ цела Европа. Според Евростат, во 2024 година Данска го имала највисокото ниво на цени за стоки и услуги за широка потрошувачка меѓу земјите од ЕУ, со 43% над просекот на ЕУ, додека Бугарија најниското, со 40% под просекот. Највисока дисперзија на цените е утврдена кај алкохолните пијалоци и тутунот, што главно се должи на големите разлики во оданочувањето на овие производи во 36-те земји. Алкохолот и тутунот забележале најголем ценовен јаз меѓу земјите од ЕУ: Ирска се издвојува како најскапа, со цени што достигнале 205% од просекот на ЕУ или 3 пати повисоки од Бугарија, каде што цените биле најниски со 69% од просекот. Вториот најголем ценовен јаз меѓу земјите од ЕУ лани бил во категоријата ресторани и хотели. Најскапо било во Данска со цени од 148% од просекот на ЕУ, а најевтина Бугарија со цени од 53% од просекот.
Рекордно високите цени на храната беа причина хрватска европратеничка да иницира расправа во Комисијата за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите при Европскиот парламент, на која присуствувале претставници од Европската комисија (ЕК), Европската централна банка (ЕЦБ) и Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО). За мерките допрва ќе се размислува.
Страв од пресвртна точка
И на европско, и на глобално ниво, не постои оптимизам дека цените на храната во иднина ќе паѓаат, бидејќи не се гледаат знаци дека ќе исчезнат причините кои ги зголемуваат цените: растот на трошоците за производство, нарушувања на синџирите на снабдување, климатските промени и трговската политика. За особено загрижувачко се смета влијанието на климатските промени. Според извештај на Светска банка од 2022 година, климатските промени го забавиле растот на земјоделското производство во последните 60 години. Во него се предупредува на потенцијална „пресвртна точка“ кога климатските влијанија ќе го избришат секој иден напредок во зголемувањето на производството, што може да биде поразително.
Но и без тоа, поголемиот дел од земјоделското производство кое зависи од временските услови е исклучително неизвесен бизнис, a особено сe ранливи oдредени производи, како што се маслиновото масло, кафето и какаото, чие производството е концентрирано само во неколку земји.