Пит Хегсет е нов министер за одбрана на САД
25 јануари 2025Пит Хегсет ќе биде министер за одбрана на новиот американски претседател Доналд Трамп. Гласањето во американскиот Сенат, во кој Републиканците имаат само тесно мнозинство, се покажаа како крајно неизвесно, на крајот, за неопходното мнозинство беше потребен гласот на потпретседателот Џ. Венс. Тројца Републиканци гласаа против Хегсет - вклучувајќи го и поранешниот лидер на мнозинството, Мич Меконел.
Одговорен за 3,5 милиони вработени
Хегсет е познат во САД првенствено како поранешен водител на каналот Фокс њуз, пријателски настроен кон Трамп. Тој беше еден од најконтроверзните кандидати што Трамп ги номинираше за неговиот кабинет. Освен неуспешната кандидатура за место во американскиот Сенат за Минесота, новинарот нема политичко искуство.
Сега 44-годишникот ќе го предводи Пентагон, едно од најважните министерства во САД. Како министер за одбрана, поранешниот војник е одговорен за најмоќната војска во светот, 3,5 милиони воени и цивилни вработени, буџет од околу 800 милијарди долари, како и проекти за вооружување и големи безбедносни политички одлуки.
Обвинувањата го засенија изборот
По неговата номинација, вознемиреност предизвикаа и извештаите за наводни расистички и сексистички изјави на Хегсет, злоупотреба на алкохол и сексуален напад. Хегсет цврсто ги отфрла наводите. Непосредно пред гласањето, на виделина излегоа нови наводи. Демократската сенаторка Елизабет Ворен објави дека Хегсет пријавил во Сенатот дека на жена која остана анонимна и која го обвинила за силување, ѝ платил 50.000 долари како дел од договорот за спогодба со клаузула за доверливост.
Хегсет вечерта стигна во американскиот Капитол за гласањето. Додека сенаторите гласаа, тој објави писмо на платформата Х, адресирано до републикански сенатор, кој сè уште имаше неодговорени прашања во врска со наводите што беа објавени во јавноста, но кои Хегсет ги отфрли. Сенаторот на крајот гласаше за Хегсет.
„Прашина на чизмите"
На своето сослушување во Сенатот, 44-годишникот се претстави како преродбеник: време е некој со „прашина на чизмите“ да го врати „борбениот етос“ во Пентагон. Тој истакна дека би водел политика „Америка на прво место“ и би постигнал мир преку сила.
Изјавите на Хегсет дека жените не можат да се користат во борбени мисии предизвикаа иритација. Еден висок Републиканец благонаклоно го нарече Хегсет неконвенционален кандидат - и направи паралела со Доналд Трамп, кој постојано ја крши конвенцијата и самиот се кандидираше на изборите во 2016 година како кандидат без значајно политичко искуство.
Трамп се потпира на Пентагон и за да го спроведе својот тврд антимиграциски курс. На неговиот прв ден на функцијата, тој му даде овластување на секретарот за одбрана да испрати онолку војници колку што е потребно за обезбедување на јужната граница.