ЕУ и сојузниците подготвуваат суд против руските лидери
9 мај 2025Според заедничката декларација на повеќе од 30 дипломати кои се состанаа во Лавов во петокот, панелот на судии ќе биде со седиште во Хаг и ќе ги повика на одговорност највисоките претставници на руското раководство. Меѓу поддржувачите на декларацијата е и Северна Македонија, а шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски беше присутен на настанот во Украина.
Според објавата на Фејсбук на Муцунски, тој бил единствен министер од земјите на Западниот Балкан на настанот, и „учествувал на Министерскиот состанок на основната група за формирање на Специјалниот трибунал за злосторство на агресија против Украина“.
Новиот министер за надворешни работи на Германија Јохан Вадефул, кој присуствуваше на средбата, изјави:
„Оваа војна, која е спротивна на меѓународното право, не смее да остане без последици.“
„Оние кои ја сносат одговорноста за тоа, мора да бидат изведени пред легитимен суд,“ додаде тој.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека трибуналот ќе „обезбеди оние кои се најодговорни за агресијата врз Украина да бидат повикани на одговорност.“
Вадефул ќе ги убедува САД
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој се приклучи преку видео врска, изјави: „Русија мора да биде повикана на одговорност за својата агресија, исто како што беа нацистите.“
Вадефул исто така изјави дека ќе се обиде да го убеди својот американски колега Марко Рубио дека Соединетите Американски Држави треба повторно да се приклучат на групата која го поддржува трибуналот. Откако претседателот Доналд Трамп дојде на власт, САД се повлекоа од поддршката.
Групата држави – која ги опфаќа земјите членки на ЕУ, како и други држави меѓу кои Канада, Јапонија, Австралија, Коста Рика и Норвешка – сега планира формално да побара од Советот на Европа да склучи договор за основање на трибуналот што е можно поскоро.
Пресудите ќе можат да бидат донесувани и во отсуство на обвинетите – бидејќи е малку веројатно, на пример, дека рускиот претседател Владимир Путин ќе биде суден лично.
Трибуналот ќе има 15 судии, секој избран на мандат од девет години. Според проценките на ЕУ, вкупните трошоци ќе изнесуваат 1 милијарда евра.