И Австралија најави признавање на Палестина како држава
11 август 2025По Франција и Канада, Австралија, исто така, има намера да ја признае Палестина како држава. „Решението со две држави е најголема надеж на човештвото да го прекине циклусот на насилство на Блискиот Исток и да го запре конфликтот, страдањето и гладот во Газа“, изјави премиерот Ентони Албанезе за новинарите. Кабинетот претходно ја дискутираше оваа одлука.
Формално, признавањето треба да биде објавено на Генералното собрание на Обединетите нации во септември. „Јасно ставивме до знаење дека ќе ја признаеме Палестина кога тоа најдобро ќе придонесе за мирот“, рече министерката за надворешни работи Пени Вонг. Времето за тоа е во септември.
Албанезе дури за време на викендот изјави дека е само прашање на време кога Австралија ќе признае палестинска држава - поттикнувајќи ги очекувањата дека таквото соопштение би можело да биде непосредно. Одлуката е дел од „координиран глобален напор“ за унапредување на решението со две држави, нагласи Албанезе. Терминот решение со две држави значи дека Израел и независната палестинска држава ќе коегзистираат мирно.
Израел ја осудува одлуката, ја нарекува „срамна“
Албанезе рече дека претходно разговарал за ова прашање со британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон, новозеландскиот премиер Кристофер Луксон и јапонскиот премиер Шигеру Ишиба. Минатиот четврток, тој разговараше за темата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и претседателот на Палестинската самоуправа, Махмуд Абас.
Уште на крајот на јули, Макрон објави дека официјално ќе го објави признавањето на Палестина на Генералното собрание на ОН. Канада следеше неколку дена подоцна. И Велика Британија неодамна отворено му се закани на Израел со признавање на Палестина, доколку владата на Нетанјаху не ја прекине војната во Газа и страдањето на Палестинците.
И Нов Зеланд размислува за признавање на Палестина
Речиси 150 од 193-те земји членки на Обединетите нации веќе ја признаа Палестина како држава.
Нетанјаху го нарече неодамнешното соопштение од Австралија и одлуките на другите земји „срамни“ и нагласи: „Денес, мнозинството од еврејската јавност е цврсто против палестинска држава, од едноставна причина што знаат дека тоа нема да донесе мир. Ќе донесе војна“.
Министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Питерс во меѓувреме најави дека пацифичката земја размислува за признавање на Палестина и дека тоа е дискутирано во кабинетот. Одлуката, сепак, треба да биде објавена дури во септември.