Хути милицијата: Преку 50 мртви по американскиот напад
18 април 2025Има најмалку „58 загинати и 126 повредени“, објави во петокот телевизиската станица на милицијата, цитирајќи ги властите во градот Ходеида, кој е под контрола на Хутите, на западот од земјата. САД го потврдија нападот, велејќи дека тој имал намера да ги лиши Хутите од еден од нивните извори на приход.
Американската регионална команда Центком соопшти дека 13 работници биле убиени во нападот на пристаништето на Црвеното Море. Со уништување на пристаништето, американската војска сакаше да го елиминира „овој извор на гориво за терористите Хути поддржани од Иран“. Целта беше да се лиши милицијата од важен извор на „незаконски приход“ со кој се обидуваше да го тероризира целиот регион повеќе од десет години, дополнително објасни Центком. „Целта на овие напади беше да се ослабне економската моќ на Хутите, кои продолжуваат да го експлоатираат својот народ и да нанесуваат големи страдања".
Иран, кој ги поддржува Хутите, го критикуваше нападот како „варварски“. Нападот е „јасно кршење на основните принципи на Обединетите нации“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи во Техеран.
Во средината на март, САД започнаа масовна воена операција во Јемен за да ги прекинат тековните напади на Хути милицијата, финансирана од Иран, врз бродови во Црвеното Море. Американскиот претседател Доналд Трамп им се закани на Хутите со „целосно“ уништување. Оттогаш, американските сили речиси секојдневно ги гранатираат областите во Јемен контролирани од милицијата.
Хутите, заедно со Хамас, кој владее со Појасот Газа, и Хезболах во Либан, припаѓаат на „оската на отпорот“ предводена од Иран и насочена против Израел и САД. Нивната декларирана цел е уништување на Израел.
Хамас ја предизвика војната во Појасот Газа со својот невиден напад врз Израел на 7 октомври 2023 година. Хутите оттогаш постојано вршат ракетни напади врз Израел. Од почетокот на војната во Газа, тие исто така постојано напаѓаа бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив, како и цели во Израел, со беспилотни летала и ракети - според нивните сопствени изјави, „од солидарност со Палестинците“ во Појасот Газа.