Хуманитарни организации контра Нетанјаху: Во Газа има глад
1 август 2025Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху негира дека жителите на Газа гладуваат. „Нема глад во Газа, нема политика на изгладнување во Газа“, изјави Нетанјаху неодамна во Ерусалим на настан со Дејстар, протестантска телевизиска мрежа. Неговите забелешки се во остра контрадикција со планина докази од агенциите за помош, хуманитарни организации и очевидци кои опишуваат ескалација на кризата со глад, особено на север од енклавата.
Проверката на факти на ДВ фрла потемелен поглед на ситуацијата.
Што велат извештаите
Интегрираната класификација на фази на безбедност на храната (ИПЦ), односно телото за мониторирање на глобалната ситуација со глад, предупреди дека прагот на глад е надминат во делови од Газа - особено во градот Газа - нарекувајќи ја кризата „најлошото можно сценарио“ што се одвива актуелно. Според Светската здравствена организација, 63 од 74 смртни случаи поврзани со неухранетост регистрирани во Газа годинава, се случиле во јули - вклучувајќи 24 деца под пет годишна возраст и 38 возрасни лица. Хуманитарните работници на терен известуваат дека и самите тие веќе се погодени од глад, а од Министерството за здравство на Газа велат дека во текот на изминатите три недели десетици луѓе починале од причини поврзани со изгладнетост. Со зголемувањето на меѓународниот притисок, британскиот премиер Кир Стармер најави дека официјално ќе ја признае државата Палестина на Генералното собрание на ООН во септември, освен ако Израел не преземе „суштински чекори за да се стави крај на ужасната ситуација во Газа“.
Нетанјаху и Израел го обвинуваат Хамас за недостигот од храна
Израелските власти, вклучително и портпаролот на Министерството за надворешни работи, Орен Марморштајн, ги отфрлаат бројките за неухранети и изгладнети лица што ги објавија здравствените власти во Газа и телата на ОН, и велат дека се претерани и непроверени. Тие тврдат дека бројките, некои наведени од Хамас, група која Израел, ЕУ и други земји ја оквалификуваат како терористичка организација, не се кредибилни. Сепак, нова независно спроведена студија доаѓа до заклучок дека бројките се всушност премногу ниски во однос на реалните. Негирањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека Газа се соочува со глад и неговите коментари беа преземани и повторувани на социјалните медиуми од бројни личности познати во виртуелниот свет и профили кои или ја намалуваат сериозноста на кризата, или тврдат дека извештаите за широко распространет глад се фабрикувани.
Израел воведе целосна блокада на храна, гориво и други залихи во март годинава, а бројни политичари – меѓу кои и Нетанјаху - постојано повторуваа дека во Газа нема да влезе храна. Израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, во август 2024 година рече дека „можеби е оправдано и морално“ да се дозволи Израел „да предизвика два милиони цивили да умрат од глад“ сè додека „не бидат вратени заложниците“. „Ова е официјална мисла што премиерот ја повторува, неговиот кабинет и крајно десните медиуми“, вели за ДВ Орен Персико од израелскиот независен медиум „Седмо око“. „Тие или негираат дека се случува изгладнување, го обвинуваат Хамас дека не се предава, или дури тврдат дека тоа е добра работа - затоа што наводно помага да се отвори патот за изградба на еврејски населби во Газа“.
„Генетско мускулно нарушување“
Неколку профили ги оспоруваат нашироко споделуваните фотографии од страшно ослабени деца во Газа, тврдејќи дека наведуваат на погрешни заклучоци, или пак дека им недостасува контекст. Една фотографија- на Мухамед Закарија Ајуб ал-Матук - објавена во извештаите на неколку меѓународни новински агенции, исто така циркулираше на социјалните медиуми заедно со објави во кои се осудува хуманитарната криза.
Про-израелските коментатори, заедно со израелското министерство за надворешни работи, подоцна тврдеа дека момчето страдало од ретко генетско мускулно нарушување и дека изоставувањето на овој детал е обид за дефамирање на Израел.
Иако на некои објави и извештаи им недостасуваше таков контекст, медиуми како Си-Ен-Ен ја наведоа неговата состојба и забележаа дека момчето живеело поздрав живот пред војната, благодарение на терапијата и адекватната исхрана, понатаму наведувајќи дека „тоа има мускулно нарушување кое бара физикална терапија и специјализирана исхрана и се соочува со неухранетост опасна по живот како што хуманитарната ситуација се влошува поради тековните израелски напади и блокадата“. „Њујорк тајмс“ исто така потврдува дека тој страда од неухранетост покрај претходно постоечка болест. Сепак, голем број профили продолжија да го шират тврдењето дека такви фотографии се злоупотребуваат за лажно да се сугерира изгладнување - што тие упорно тврдат дека не постои. Една многу споделувана објава (види скриншот од екранот подолу) гласи: „Момче од Газа со ретка мускулна болест е експлоатирано за да се промовира лажната кампања за изгладнување во Газа“. Проверката на факти на ДВ идентификуваше десетици речиси идентични објави што циркулираат со истата слика и текст.
„Претходно постоечка медицинска состојба не исклучува неухранетост“
Нашиот тим ја покажа сликата споделена преку овие објави на неколку педијатри во Германија за да ги верификува тврдењата за мускулното нарушување на детето. Тие велат дека точната состојба не може да биде дијагностицирана само врз основа на фотографии и видео клипови. Сепак, лекарите нагласуваат дека претходно постоечка медицинска состојба не исклучува неухрантост, а припишувањето на сите знаци на исцрпеност исклучиво на генетски нарушувања го занемарува поширокото влијание од континуиран нутритивен дефицит. За Орен Персико од „Седмо око“, обвинувањата од израелската влада се дел од политичка стратегија. „Една тактика што се користи е да се истакнат нерепрезентативните примери и да се презентираат како доказ дека човечко страдање во Газа не се случува“, објаснува тој. „Тоа е како теории на заговор кои се фокусираат на ирелевантни детали за да ја нарушат целокупната слика. Во таа смисла, би го нарекол ова кампања за дезинформации што избира маргинални факти за да негира огромен број докази, вклучувајќи и сведоштва на очевидци, податоци и извештаи“, нагласува Персико.
Преполн пазар за храна во Газа?
Сличен наратив се појави околу видео објавено од медиуми, меѓу кои и „Ерусалим пост“, на кое во крупен план се гледа тезга со зеленчук на пазар во Газа. Снимката брзо се споделуваше на социјалните медиуми, каде што беше искористена од профили кои се обидуваат да ги оспорат извештаите за Газа. „...Ова е денешна снимка од пазарот Ал-Сахаба во градот Газа, преполн со храна. Толку за гладувањето. Просечниот жител на Газа се храни подобро од вас!“, стои во една објава. Проверката на факти на ДВ разговараше со Маџди Фати, новинарот кој е автор на видео снимката. Тој потврди дека снимката е автентична и се гледа пазар во Газа, но додава дека тоа не значи оти храна е достапна за секого. „Тие зеленчуци и овошје се многу скапи“, вели Фати и додава дека „поголемиот дел од луѓето во Газа не можат да си ги дозволат. На Газа ѝ недостасуваат други прехранбени производи како месо, млеко, ориз и јајца. Не најдов ништо друго за снимање на пазарот“, раскажува новинарот.
Други медиумски извештаи го поддржуваат неговиот став. Истражувачка сторија на Би-Би-Си открива дека во пакетите со храна што ги доставуваат локални групи за помош во Газа често недостига нутритивна разновидност потребна за здрава исхрана, што доведува до дефицити и долгорочни здравствени проблеми, дури и кога количините се соодветни. „До сега месо, јајца, млеко и други основни производи не дошле", вели Фати и додава дека „проблем се и високите цени. Од почетокот на војната, многу семејства не се во можност да работат и немаат приходи за да си купат храна.“
На својот Инстаграм профил, Фати сподели уште едно видео на кое жители на Газа на пазарот се жалат за високите цени на основните производи. Неодамнешниот потег на Израел да дозволи повеќе испораки на помош малку ги намали цените во некои области, но влијанието останува ограничено. Иако помошта е наменета за бесплатна дистрибуција, некои резерви се складираат, пренасочуваат или препродаваат. Без јасен надзор од страна на хуманитарните организации, локалните власти или израелските сили, обемот на пренасочување е нејасен. Израелските власти повеќекратно тврдат дека Хамас е одговорен за кражба на помошта, но „Њујорк тајмс“ известува дека претставници на израелската војска потврдуваат оти нема докази за наводите дека Хамас систематски ја ограбува хуманитарната помош на ОН, вклучително и од конвоите на организацијата, туку дека станува збор за спорадични кражба од помали чинители, а не за организирано пренасочување од страна на Хамас. Меѓу 120 и 200 камиони со помош се влезени во Газа во неделата според проценките на ООН, а дополнителни 260 камиони наводно чекаат дозвола за понеделник. Но, официјални лица од организациите за помош велат дека таквите напори се неадекватни и дека во некои случаи се опасни за цивилите на терен кои треба да ја земат помошта.