ХРВ: Балканот не треба да биде „магацин“ за мигранти
27 мај 2025ЕУ и Велика Британија не треба да го користат Балканот како „магацин“ за мигранти - е пораката којашто ја испрати организацијата „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ), којашто се вклучи во дебатата за можните „центри за враќање“ од трети земји за барателите на азил. Реакцијата следи откако ЕУ и Велика Британија презедоа чекори за преселба на потенцијалните имигранти надвор од нивните граници.
„Хјуман рајт воч“ во соопштението објавено на 26 мај посочува дека „наместо да го третираат Балканот како магацин за мигранти, ЕУ и Велика Британија би можеле да играат важна улога во поддршката на развојот на функционални системи за азил и подобри рамки за заштита на правата на мигрантите“. Во извешајот посветен на состојбите во Босна, се наведува дека таа „веќе се користи како камп за луѓе кои случајно транзитираат низ неа на пат кон ЕУ“.
Проблематично префрлање на одговорноста
Владата на Велика Британија ја предложи Босна и Херцеговина, заедно со Србија и Албанија, како потенцијални локации на Балканот за „центри за враќање“. Во извешајот не се споменуваат Северна Македонија и Косово, коишто во извешташите на британските медиуми, пак, се почесто се наоѓаат во фокусот на интересот како можни дестинации за ваквите центри за мигранти и азиланти. Идејата е барателите на азил од други земји, чии барања беа одбиени, да бидат испратени во тие центри додека не се направат аранжмани за нивно враќање дома или заминување во други земји.
Но, Хју Вилијамсон , директор за Европа и Централна Азија во „Хјуман рајтс воч“, смета дека продолженото задржување на мигранти без соодветни заштитни мерки ги изложува луѓето на ризик од кршење на правата. Донесувањето на одбиени баратели на азил од Велика Британија, или потенцијално од ЕУ, во веќе проблематичниот систем за задржување во Босна, според ХРВ, само би ги влошило постојните проблеми и би ги влошило злоупотребите.
Европската комисија, исто така, предложи воспоставување центри за враќање на сè уште неодредени локации надвор од Европската Унија за да се олесни враќањето на луѓето на кои им е наредено да ја напуштат ЕУ. Комисијата, исто така, предложи да им се олесни на земјите од ЕУ да ги испраќаат барателите на азил во земји надвор од ЕУ означени како „безбедни“ за обработка на нивните барања за азил. Но, префрлањето на одговорноста за мигрантите и барателите на азил е по својата природа проблематично, децидни се од Хјуман рајтс воч.
Кој ќе прифати центри за мигранти?
Британскиот премиер Кир Стармер неодамна објави дека неговата влада започнала разговори со повеќе земји за формирање „центри за враќање“, за одбиените баратели на азил кои ќе чекаат депортација, со цел трансфер на потенцијалните имигранти надвор од нивните граници. На овој начин земјата се обидува да се справи со порастот на мигранти и азиланти, што стана жешко политичко прашање.
Стармер го објави ова за време на посетата на Албанија, која веќе е домаќин на центри за враќање на мигранти во Италија. Тирана веќе го одби Стармер, но британските медиуми се почесто наведуваат дека спас ќе се бара во Северна Македонија и во Косово. Британската влада неодамна најави инвестициски пакет од шест милијарди евра во Северна Македонија, а двете земји потпишаа и стратешки договор, којшто наметна многу дилеми во земјата.
Британскиот амбасадор во Македонија, Метју Лосон, на 17 мај категорично ги демантираше шпекулациите дека во рамки на новопостигнатиот Договор за стратешко партнерство меѓу Обединетото Кралство и Македонија, во земјата ќе се градат кампови за мигранти. Тој објасни дека соработката во делот на миграцијата ќе се однесува исклучиво на поддршка во борбата против криминални банди, споделување разузнавачки информации и заедничка работа на полициските сили, како дел од поширока европска иницијатива.
И премиерот Христијан Мицкоски порача дека граѓаните треба да се спокојни, бидејќи бегалски кампови во Македонија нема да има. „Апсолутно нема таква работа, а тоа се наметна откако во Албанија беше потпишан помеѓу тамошниот премиер и премиер на земја од Европската Унија за изградба на кампови, каде Албанија ќе прими десетици илјади мигранти. Таа тема е затворена. И аналогно на тоа таа тема се пренесе тука. Но таа тема е затворена. Јас разбирам дека дел од опозицијата и малкумината нивни поддржувачи се обидуваат да растурат пердови и да го оцрнат стратешкиот договор“, рече Мицкоски на 22 мај.
Напредна фаза на разговори
Британскиот весник „Тајмс“ неодамна објави дека владата на Велика Британија е во напредна фаза на планирање за отворање центри за депортација во странство за мигранти чии барања за азил се одбиени. Меѓу земјите што се разгледуваат за вакви центри е и Косово. Извори цитирани од весникот посочија дека британскиот план вклучува девет избрани земји, вклучувајќи ги Косово, Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, како и неколку неевропски држави.
Целта на оваа иницијатива е да се ограничи приливот на мигранти кои нелегално влегуваат во Велика Британија, особено преку Ламанш, чиј број бележи нагло зголемување во 2025 година. Во коментар за „Тајмс“, косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека досега нема официјално барање од Велика Британија за ова прашање, но додаде дека Косово е отворено да слушне и да разговара за такви идеи доколку бидат презентирани. Најавите се дека овој процес треба да се забрза пред самитот на лидерите од Западен Балкан, што се очекува да се одржи во Лондон оваа есен, каде што миграцијата ќе биде една од главните теми.