Хамас одговори позитивно на предлогот за ново примирје
5 јули 2025Исламистичкиот Хамас соопшти дека е „подготвен веднаш и сериозно“ да учествува на рунда преговори за механизмот за спроведување на условите од предлогот за прекин на огнот презентиран од медијаторите.
Исламскиот џихад, поврзан со Хамас, ја искажа својата поддршка за преговорите за прекин на огнот. Сепак, побара „гаранции“ дека Израел нема да ги продолжи своите воени операции откако ќе бидат ослободени заложниците што сè уште се држат во Појасот Газа.
Американскиот претседател Доналд Трамп на соопштението на Хамас во петокот (4.07) реагираше со изјавата: „Тоа е добро“. Трамп, исто така, рече дека може да има „договор за Газа“ во следната недела. Тој вели дека е „голем“ оптимист, но тоа се менува од ден на ден.
Во моментов на маса е предлог од меѓународните медијатори за ново 60-дневно примирје, велат палестински преговарачки извори за агенцијата АФП. Хамас треба да ослободи половина од преживеаните израелски заложници - приближно 22 лица - што сè уште се држат во Појасот Газа. За возврат, според предлогот, Израел треба да ослободи повеќе палестински затвореници.
Поранешни израелски офицери повикуваат на крај на војната во Газа
Пред планираното патување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон следната недела, високи поранешни израелски воени офицери повикаа на крај на војната во Газа. Во отворено писмо, Командантите за безбедност на Израел (ЦСИ) го повикаа американскиот претседател Доналд Трамп да го убеди израелскиот лидер да ги прекине борбите. Продолжувањето на војната, како што се вели, ги загрозува животите на заложниците и израелските војници и го продолжува страдањето на Палестинците. „Според нашата професионална проценка, израелските одбранбени сили одамна ја исполнија својата двојна мисија за демонтирање на владата на Хамас и уништување на нејзините воени капацитети“, се вели во писмото од групата, во која се тврди дека се вклучени над 550 поранешни воени, полициски и разузнавачки офицери. „Хамас повеќе не претставува стратешка закана за Израел“, оценува ЦСИ.