Кфир и Ариел Бибас се вратија во Израел - во ковчези
20 февруари 2025Милитантниот исламистички Хамас ги предаде телата на четворица израелски заложници во Појасот Газа. Според Хамас и израелските медиуми, меѓу мртвите се мајка и две мали деца. Сите тројца имаат и германско државјанство. Четвртиот заложник е постар маж.
Доцна во средата вечерта, Форумот на семејствата на заложниците објави дека ја добил „потресната вест“ дека „Шири Бибас, нејзините деца Ариел и Кфир, како и Одед Лифшиц повеќе не се со нас“.
Кфир и Ариел Бибас беа последните деца кои сè уште ги држеше Хамас во заложништво во Појасот Газа. Хамас пред повеќе од 16 месеци ги киднапираше малите деца и нивните родители од кибуцот Нир Оз. Кфир тогаш имал само девет месеци, а неговиот брат Ариел четири години.
Пред две и пол недели Хамас го ослободи единствениот член на семејството, таткото Јарден Бибас. Неговата сопруга и децата беа одвоени од него во заложништво на Хамас во Појасот Газа. Терористичката организација уште претходно ги прогласи за мртви Шири Бибас и нејзините деца. Тие, наводно, биле убиени во израелски воздушен напад во ноември 2023 година. Меѓутоа, израелските власти не го потврдија ова.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред предавањето објави дека списокотот на загинатите е достапен и дека семејствата се информирани. Идентитетот ќе биде утврден во форензичкиот институт во близина на Тел Авив, по што роднините ќе бидат известени за резултатот.
За предавањето, Хамас подигна бина на која беа поставени четири црни ковчези. Во позадина, Нетанјаху беше прикажан како вампир, со фотографии од убиените заложници. Бројни скандирачки набљудувачи се собраа заедно со десетици маскирани исламисти со качулки и во униформи.
За возврат за четирите тела, Израел ќе ги ослободи сите жени и малолетници приведени од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година, за кои се верува дека не учествувале во вооружената борба против Израел.