Славески бара да се намалат банкарските провизии
25 јуни 2025Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески им се закани на банките да ги намалат провизиите, или во спротивно тоа ќе го стори институцијата на чие чело е тој.
Како прв чекор, Народната банка ќе ги намали надоместоците што банките ги плаќаат за користење на услугите во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), како што се надоместоците поврзани со долговниот промет, но Славески очекува во најкус можен рок самите банки да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво. Гувернерот на Народната банка Трајко Славески на средба со претставници на банките од Македонсаката банкарска асоцијација (МБА) порача дека надоместоците за платежните услуги треба да бидат на разумно ниво, одржливо за банките, но истовремено фер и прифатливо за корисниците во Северна Македонија.
Придобивки за граѓаните
Најголемата придобивка од поставување на разумни надоместоци е што кога плаќањата ќе станат поефтини и подостапни, повеќе граѓани ќе се охрабрат да ги користат дигиталните канали, да отворат сметки и да извршуваат трансакции преку официјални механизми. Тоа, пак, ќе придонесе и за намалување на сивата економија – бидејќи колку повеќе средства циркулираат преку формалниот банкарски систем, толку потранспарентни ќе бидат економските текови.
„И банките и граѓаните ќе имаат корист од тоа – преку подобра финансиска вклученост, зголемен број на плаќања, а со тоа и повисоки приходи, и подобри услуги за сите“, вели Славески.
Кој трошок треба да се намали или укине?
Гувернерот, по споредбата на надоместоците за платежните услуги на банките со надоместоците на матичните банки од ЕУ, веќе има на ум за кои платежни услуги треба да се намалат надоместоците, а за кои да се укинат:
- треба да се намалат надоместоците за одржување на платежна сметка за компаниите
- да се укинат надоместоците за користење на електронско и мобилно банкарство
- да се укинат надоместоците за плаќањата со платни налози во рамки на банката, бидејќи оваа услуга е вообичаено бесплатна за граѓаните кај матичните банки од ЕУ
- значитено да се намалат надоместоците за меѓубанкарските плаќања во домашната валута кои се извршуваат преку платните системи КИБС и МИПС, имајќи предвид дека ваквата услуга кај матичните банки од ЕУ за плаќањата во евра како национална валута во СЕПА е бесплатна или по многу ниски надоместоци за граѓаните, најмногу до 1 евро.
- да се намалат и поедностават надоместоците за подигнувањето готовина на туѓи банкомати во земјата и странство.
Гуверенерот вели дека и надоместоците за прифаќање картички на продажни места кај трговците кои банките ги наплатуваат од трговците треба да се намалат, имајќи предвид дека меѓубанкарските провизии се ограничени со Законот за платежни услуги и платни системи и се сведени на нивоата во ЕУ.
Славески вели дека Народната банка активно работи на создавање предуслови за намалување на трошоците за платежните услуги. „Очекуваме и банките во најкус можен рок да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво“, порача Славески.
Според последните податоци од 2024 година, нето-приходите од надоместоци учествуваат со 18 проценти во вкупните нето-приходи на банките.