Грицки и оризови барови со поминат рок завршиле на пазарите
31 март 2025Над 250 килограми на производи со поминат рок се запленети од страна на инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Станува збор за 34 пакети со т.н. флипс производи и 35 пакети оризови барови со различни вкусови, грицки и други кондиторски производи коишто се небезбедни и се одземени од страна на инспекторите. Случајот бил откриен при рутинска контрола на патничко возило, каде полицијата пронашла значително количество кондиторски производи со поминат рок. Веднаш биле алармирани инспекциските служби кои извршиле претрес на домот на возачот на возилото. Кај него биле пронајдени кутии со неисправни производи, коишто биле набавени од различни магацини и се нуделе и продавале на скопскиот пазар за стари работи во Маџари, како и на пазарот во Шуто Оризари во Скопје.
„Сторителот е казнет со парична казна од 400 евра во денарска противвредност. Издадена е и наредба за уништување на небезбедните производи“, наведуваат од АХВ.
Откриени неколку тони небезбедна храна
Ова не е прв случај да се открие поголемо количество на небезбедна храна којашто завршила на дел од пазарите во Северна Македонија. Последниве месеци запленети се неколку тони небезбедна храна.
На 24 март во скопската населба Маџари, беше откриен магацин за храна кој работел на диво. Во него била складирана храна од животинско и од неживотинско потекло. Инспекторите тогаш објавија дека пронашле 40.751 килограми небезбедни производи (сувомесни и кондиторски производи). Анализите покажале дека дел од производите биле со зголемено количество на фосфати. Пратките со небезбедни сувомесни производи место да бидат уништени, фирмата ги складирала во дивиот магацин, поради што треба да плати казна од 18 илјади евра.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во текот на март спровела 165 вонредни инспекциски надзори во магацини и ладилници за храна. Недоследности се утврдени кај 41 оператор и изречени се 15 парични казни. Кај некои не се почитувале хигиенските услови, а кај други недозволено биле препакувани производи од животинско потекло.
Инспекциските служби на АХВ, на почетокот на март во Скопје, при спроведен вонреден надзор, затворија нелегална работилница за производство на производи од месо, при што беа уништени околу 200 килограми небезбедни производи. При друга спроведена вонредна контрола, од физичко лице, одземени се и 50 килограми производи од месо со непознато потело. Производите се продавале на отворено, без потребен температурен режим.
На македонскиот пазар нема небезбедни супи
Во меѓувреме од Германија пристигна и предупредување дека потрошувачите треба да бидат особено внимателни, откако позната компанија објави дека повлекува од пазарот супа со брокули, поради можност за присуство на метални делови.
Од АХВ за агенцијата МИА информираат дека засега нема известување преку Системот за брзо известување за небезбедена храна и храна за животни - (RASSF) на ЕУ дека на македонскиот пазар се пласирани небезбедни супи
„Агенцијата за храна и ветеринарство ја следи состојбата со повлекувањето супи во Германија и доколку добие известување преку овој систем, навремено ќе преземе мерки за евентуално повлекување на производи“, велат од АХВ.