Грција поделена по прашањето за Израел
2 август 2025„Сакам да им се извинам на луѓето. Сакам на Израел да му пренесам порака за длабока поврзаност и пријателство и да кажам дека Израелците се добредојдени во Грција и дека за антисемитизам тука нема место“, рече грчкиот министер за здравство Адонис Георгијадис, осврнувајќи се на протестите против израелски туристи на островот Сирос од 22 јули годинава.
Во вторникот околу 300 демонстранти го блокираа излезот на копно додека израелскиот крузер МС Краун Ирис беше закотвен. Демонстранти носеа палестински знамиња и транспарент со натписот „Стоп на геноцидот“, протестирајќи против израелското постапување во Појасот Газа. Акцијата ја организираа членови на локални здруженија и синдикати на островот Сирос – за да покажат дека е неприфатливо да се дочекуваат туристи од Израел додека Палестинците во Газа гладуваат. На бродот беа 1.600 патници, а некои од нив со лутина реагираа на протестите во пристаништето - некои мавтаа со израелски знамиња, други ги навредуваа демонстрантите и извикуваа „нека изгоре твоето село“, слоган кој што израелски десничарски екстремисти вообичаено им го упатуваат на Палестинците. На крајот, операторот на бродот одлучи патниците да не се симнуваат на Сирос и крстарењето продолжи кон Кипар.
Блокирање на воена опрема за Израел
Вакви инциденти во Грција се доста ретки. Тука има значително помалку про-палестински протести отколку во други европски држави. Сепак, грчките синдикати повремено изразуваат противење на војната, особено кога во пристаништето Пиреја пристигнува воена пратка наменета за Израел. На 16 јули годинава пристанишните работници и граѓаните се обидоа да спречат истовар на воена опрема наменета за натамошен транспорт до Израел.
Сстанува за бродот Коско Шипинг Пишес, кој според наводите пренесувал контејнери и материјал за воена намена. Синдикатот на пристанишните работници нагласува дека нема да дозволи пристаништето да се претвори во „воена база“. Слични протести се одржаа во октомври 2024 година, а синдикатот најавува дека ќе има и други.
Дебата за антисемитизмот
По повод случувањата на Сирос во грчката јавност се разгоре жестока дебата. Многу Грци протестите ги сметаат за расистички, а демонстрантите ги нарекуваат „дрски фашисти“. Други застануваат на страната на демонстрантите и тврдат дека израелските туристи што ја посетуваат Грција треба да бидат свесни за масакрите што нивната влада ги спроведува во Газа. Пропалестинските гласови главно се од левицата, која остро се спротивставува на обвинувањата за антисемитизам. Тие тврдат дека токму злосторствата на Израел врз цивилите во Газа го поттикнуваат антисемитизмот. Оние кои отворено го поддржуваат Израел често ги обвинуваат противниците за антисемитизам - иако најголемите сојузници на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Грција се токму десничарските сили и поранешните радикали, кои традиционално беа антисемити, но сега израелската воената моќ за нив е предмет на воодушевување. Израел го сметаат за силен сојузник, првенствено против Турција, но и во борбата против муслиманите, кои ги обвинуваат дека доаѓаат во Европа за да „ја поткопаат нашата цивилизација“.
Од неутралност до поддршка за Палестинците
Сите анкети покажуваат дека мнозинството Грци заземаат неутрален став во врска со блискоисточниот конфликт. Но, по 21 месец војна во Газа, поддршката за Израел опаѓа. Поддржувачите на конзервативната владејачка Нова демократија (НД) и десничарската партија Фони Логикис се речиси 50% про-израелски настроени. Социјалдемократите од ПАСОК се најнеутрални. 12% од нив го поддржуваат Израел, 34% Палестинците, а останатите се неодлучни. Наспроти тоа, поддржувачите на сите левичарски партии - од Комунистичката до фракциите настанати по распадот на Сириза - ги поддржуваат Палестинците од 74 до 86%. Премиерот Киријакос Мицотакис јасно и безрезервно го поддржува Израел. Нетанјаху го нарекува „свој пријател“, па дури и го посети во Израел откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за негово апсење. Од друга страна, грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис долго време се залагаше за поизбалансиран пристап. Тој често го контактираше палестинското раководство и натаму продолжуваат да поддржуваат решение со две држави.
Стратешко партнерство
Тесната соработка со Израел започна многу пред Мицотакис да стане премиер. Цврст сојуз меѓу Грција и Израел беше склучен во 2008 година со историска размена на посета меѓу тогашните премиери Јоргос Папандреу и Бенјамин Нетанјаху. Од тогаш сите грчки влади инвестираа во стратешка соработка со Израел. Пред тоа, односите меѓу Грција и Израел беа прилично ладни - Атина традиционално беше близок сојузник на Арапите и Палестинците. Грција беше единствената европска земја што гласаше против формирањето на државата Израел во 1947 година, поради нејзините традиционални врски со арапскиот свет. Иако Грција де факто го призна Израел во март 1949 година, двете земји не воспоставија дипломатски односи сè до 23 мај 1990 година. Тогашниот премиер Константинос Мицотакис, татко на сегашниот премиер, де јуре го призна Израел и воспостави дипломатски односи со ПЛО и Палестинците.
Односите меѓу двете земји во денешно време се блиски на сите нивоа, а особено во економијата, енергетиката и воената соработка. За Израелците, Грција и заради географската близина е привлечна дестинација за одмор, а грчката храна и музика се многу популарни во Израел. Многу грчки уметници редовно настапуваат во Израел. Неодамна, популарната пејачка Гликерија наиде на остри критики во Грција бидејќи покрај барањата за бојкот, таа започна концертна турнеја низ Израел.