Грчка миграциска политика: Мотото е одвраќање
4 септември 2025Првиот закон што беше дискутиран и усвоен во грчкиот парламент по летната пауза се однесува на нелегалната имиграција. Конзервативната влада na премиерот Киријакос Мицотакис сака да воведе построги мерки за да се олесни враќањето на лицата кои немаат право на азил. Основната идеја зад законот на министерот за миграција Танос Плеврис е одвраќање: секој што нелегално ќе пристигне во Грција ќе заврши во затвор. А секој што живее нелегално во Грција не може да се надева дека некогаш ќе добие легален статус.
Досега, нелегалните имигранти имаа можност да аплицираат за дозвола за престој по најмалку седум години престој и работа во Грција и, под посебни околности, да ја добијат. Новите мерки имаат за цел да ги одвратат луѓето што бегаат во Европа преку Медитеранот од истоварување во Грција. Во јуни и јули, бегалците што пристигнаа на популарниот остров за одмор Крит, се најдоа на насловните страници. Повеќето од нив се качиле на бродови во Либија. Но, тие не беа добредојдени на Крит и на крајбрежниот остров Гавдос.
Грција не е пријателска земја
Уште на почетокот на парламентарната дебата, Плеврис сакаше недвосмислено да го презентира својот став, обраќајќи се кон фиктивен бегалец кој сака да стигне до Европа преку Либија: „Оние што ти кажале дека Грција е пријателска земја, те измамиле“, рече тој. Министерот, кој ја започна својата политичка кариера како десничарски радикал во христијанско православната националистичка партија ЛАОС, сакаше да докаже дека никој не е построг кон „нелегалните“ од него.
Најважната нова одредба во неговиот закон: пет години затвор за барателите на азил чии барања се одбиени по жалба. Плеврис објасни дека е горд на идната постапка, опишувајќи ги деталите речиси со задоволство: „Ако твоето барање биде одбиено, ќе се користи електронската нараквица. Мора да ја напуштиш земјата зашто сега си нелегално во неа. Но, бидејќи директивата го бара тоа, ќе ти дадам временска рамка до твоето заминување во која ќе те следам. Откако ќе те имам под надзор, ќе те вратам таму од каде што си дошол. И кога ќе дојде тој момент, ќе имаш избор: или да одиш во затвор пет години без условна слобода, или да се вратиш.“
Плеврис е убеден дека строгоста на законот ќе дејствува како одвраќање. Тој како пример за успех го наведе – многу контроверзното – привремено суспендирање на правото на азил во јули 2025 година за секој бегалец што пристигнува на Крит од Тобрук. Оттогаш, на Крит се регистрирани многу помалку пристигнувања. Во август имало само 689, во споредба со 3.624 во јули. Дали строгоста на Плеврис довела до ова намалување, или тоа биле силните ветрови што го направиле Медитеранот опасен во август, останува нејасно.
Меѓународните организации се спротивставуваат на законот
Факт е дека сите институции и организации кои директно или индиректно имаат врска со миграцијата ги изразија своите резерви и забелешки на предлог-законот на Плеврис. Се изјаснија и претставници на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци и Советот на Европа, како и на Меѓународната организација за миграција и Националната комисија за човекови права. Амнести Интернешнал, Грчкиот совет за бегалци, Грчките адвокатски комори, па дури и грчкиот омбудсман, се изјаснија против предлог-законот. Но, министерот ги игнорираше забелешките на експертите и противењето на бранителите на човековите права.
„Властите не донесуваат закони, туку владата“, рече тој, наведувајќи го мнозинството Грци кои, според анкетите, сакаат построга политика. Всушност, во анкетата спроведена на 25 јули од страна на институтот за истражување на јавното мислење ГПО, а по барање на порталот Parapolitika.gr, речиси 80 проценти од испитаниците го поддржале притворањето и враќањето на мигрантите кои нелегално влегуваат во Грција.
Законот не оди доволно далеку?
Во парламентарната дебата, грчкиот министер за миграција првенствено се обиде да освои поени кај десничарските опозициски партии. Од една страна, рече тој, стоеле правата на некој чие барање за азил е одбиено, а од друга страна, се правата на грчките граѓани кои сакале нивната татковина да биде заштитена и да се бори против нелегалната имиграција. „На оваа скала, се навалува тасот во корист на Грците, без разлика дали тоа ви се допаѓа или не“, грмеше тој кон сите оние кои инсистираа на зачувување на човековите права.
И покрај неговата реторика, Плеврис не беше во можност да ги добие гласовите на опозициските партии десно од конзервативната Нова демократија (НД). Неговата решеност да им го отежни животот на бегалците, според нив, не оди доволно далеку.
Ксенофобна демагогија
Против законот гласаа и сите опозициски партии лево од НД. Социјалдемократскиот ПАСОК го обвини Плеврис за екстремна ксенофобна демагогија. Сириза ја обвини владата дека ја прифатила улогата на „затворски чувар“ за Грција, наместо да промовира колективни решенија, легални и безбедни транзитни патишта и заеднички систем за азил во Европа. Комунистичката партија го нарече законот нехуман и расистички. Сите заедно тврдеа дека со овој закон нема да се олесни легитимното враќање на луѓето кои немаат право на азил. За тоа е потребна дипломатија, повеќе договори со земјите на потекло и со таканаречените „безбедни“ трети земји.
Според Грчкиот совет за бегалци, најавите за враќање не се лесни за спроведување, особено не толку брзо колку што би било потребно за да се намали притисокот врз центрите за притвор. Затоа, многу е веројатно дека бројот на притворени лица наскоро нагло ќе се зголеми. Грчките затвори се веќе безнадежно преполни, а новиот закон ќе ја направи ситуацијата уште покатастрофална.
Во 2024 година, вкупно 5.865 странски државјани беа депортирани од Грција. 38 проценти биле Грузијци, 35 проценти Албанци, 6,6 проценти Пакистанци, а 2,1 процент дошле од Бангладеш.
Грчката јавност не обрна многу внимание на антимиграцискиот закон - речиси ниту еден грчки весник не најде место на својата насловна страница за ова прашање еден ден по донесувањето на законот.