Горан Марковски: Скопје е погодено од транзициско цунами
27 август 2025Изборната понуда со кандидати за градоначалници на Скопје се збогатува. Во изборната трка влегува и реномираниот професор и декан на Градежниот факултет на УКИМ, д-р Горан Марковски. „Инфраструктурни конструкции“, „Армиранобетонски мостови“, „Трајност на бетонските конструкции“, „Санација и зајакнување на бетонските конструкции“, се само дел од предметите што ги предава на факултетот, а овојпат пред него ќе биде голем предизвик - да понуди решенија за многубројните проблеми на Скопје.
Пред денешната официјална промоција на неговата кандидатура, поддржана од граѓанската платформа „Независни заедно“, Марковски за ДВ накусо ги посочи мотивите за неа.
„Скопје е погодено од посттранзициско цунами, кое зад себе остави разрушени институции, загаден воздух, дехидрираност, депресивност, чувство на безизлез. Tешко беше, и за мене веќе невозможно, да го игнорирам очајничкиот крик на мојот роден град. Град со изгубен идентитет. Оттаму и мојата кандидатура за негов градоначалник. Притоа, потполно свесен за општествено полтичкото опкружување во кое, сѐ уште неприкосновено доминираат политичките партии, но истовремено и непоколебливо убеден дека без граѓански активизам и независни личности, не може да има ниту вистинска демократија, ниту здраво општество, ниту силни институции", оценува професорот Марковски.
Стандардизација наместо импровизација
Тој верува дека големиот број реализирани проекти и дела, како и неговото богато животно и професионално искуство, му даваат за право со надеж да влезе во изборната трка.
„На Скопје му треба визија, решенија на многуте проблеми, реализам наместо популизам, стандардизација наместо импровизација. Му треба стручност, искуство, чесност. И секако - кохезија. Верувам дека под вистинско водство Скопје може да стане пристојно место за нормално живеење - модерен и регулиран град со планиран развој и предвидлива иднина“, потенцира независниот кандидат д-р Горан Марковски.
Професорот е често баран и присутен во јавноста со свои експертски ставови и решенија за проблеми во градот. Во претходни јавни настапи предупредуваше дека „недостигот од визија за развој на Скопје е супституиран со незнаење и урбанистичко-архитектонски мобинг врз супстратот на македонската престолнина“. Укажуваше дека еден од проблемите е што транзицијата од еден во друг систем, во кој доминира приватниот интерес и капитал, сме ја дочекале неподготвени. Како пример за тоа го посочуваше фактот дека првиот Закон за градење е донесен во 2005 година - дури 14 години по осамостојувањето на земјата.
Покрај деканот на Градежниот факултет, според досега објавените кандидатури, во трката за Скопје се еден градоначалник, еден директор, поранешна министерка и двајца пратеници. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го кандидираше актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, а нивиот партнер ВЛЕН се определи за Башким Бакиу, директор на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопјe. Кандидат на опозициската СДСМ е поранешната министерка за животна средина, Каја Шукова, а на Европскиот фронт е пратеникот и лидер на Народното движење, Скендер Реџепи-Зејд. Партијата Левица за градоначалник на Скопје го кандидираше актуелниот пратеник во Собранието, Амар Мециновиќ.
Сегментирање или здружување?
Д-р Горан Марковски не е единственото име докажано во својата бранша што добива поддршка од граѓанска инцијатива. Претходно граѓанската платформа „Независни заедно“ (во чиј состав се „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“) ја поддржа и кандидатурата на поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска, која како независен кандидат влегува во трка за градоначалничката функција во Општина Центар.
Во трката на локалните избори со свои кандидатии и листи за советници ќе учествуваат и други граѓански иницијативи, од кои дел се во процес на собирање потписи за да се регистрираат како партии, со цел да имаат предвидливост околу условите за настап на изборите. Потписи собирa и граѓанската инцијатива „Зелен хуман град", која пред неколку дена најави прес-конференција за промовирање на името на кандидатот за градоначалник на Скопје, но потоа ја откажа. На социјалните мрежи може да се прочитаат и сугестии, дека сите независни иницијативи треба да се обединат окулу еден кандидат за Скопје, со што би добиле повеќе шанси да изберат личност надвор од црно-белиот свет на партиите.
„Истакнување на повеќе кандидати, од двете независни иницијативи, само ќе ја разводни борбата и нема да донесе никаков резултат, посебно за скопјани“, се вели во една од тие сугестии.
Податоците од изборните циклуси покажуваат дека најмалку независни кандидати за градоначалници имало на првите локални избори во 1996 година - само 7,5%. Рекордно учество имало во 2005 година, кога речиси една четвртина од кандидатите (нешто над 25%) биле независни. На локалните избори во 2021 година учеството на независни кандидати било 8,75, што е помалку од учеството на изборите во 2017 година, кога процентот бил нешто над 10 отсто.
На изборите во 1996 година еден независен кандидат добил мандат, во 2000, 2009 и во 2013 година независни кандидати освоиле по две градоначалнички мандата, во 2017 - три, а најмногу во 2005 година - седум.
На локалните избори во 2021 година за независни гласаа 56.000 граѓани, со што внесоа свои независни претставници во советите во 33 општини и во Градот Скопје.