Шумски пожари: Шпанија бара помош од европските партнери
14 август 2025Шпанија официјално побара помош од ЕУ во борбата против шумските пожари. Мадрид во средата вечер официјално го активирал механизмот за помош на ЕУ за да се справи со бројните пожари и побарал „два авиони Канадер“, наведе шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка. Барањето е превентивна мерка со оглед на временската прогноза. Властите посакуваат авионите да стасаат во земјата што е можно поскоро за да може во случај на потреба да бидат веднаш распоредени. Шпанија е освен тоа подготвена да побара и дополнителна помош, како испраќање на пожарникари од други земји.
Тешко повредени лица во болница
Регионалните власти наведоа дека речиси 6 илјади лица се евакуирани од 26 места. Две лица се веќе починати како последица на пожарите. Во северозападна Шпанија, која што е опустошена од шумски пожари, седум лица се хоспитализирани со делумно тешки изгореници. Според владата на регионот Кастиља и Леон, четворица од нив се во критична состојба, вклучувајќи и еден 37-годишен маж со изгореници на 85 проценти од телото.
Десетти ден од топлотниот бран
И во соседниот регион Галиција пожарникарите со денови се борат со пламените јазици, кои веќе проголтаа околу 11.500 хектари земја. Заради пожар во близина на железничката пруга, возовите меѓу Галиција и главниот град Мадрид не сообраќаат. Во Шпанија веќе десетти ден по ред има топлотен бран, кој во вторникот ја достигна својата кулминација со температури до 45 степени Целзиусови. Прогнозите покажуваат дека топлотниот бран на Иберискиот полуостров би можел да трае до понеделник.
Во Португалија нема олеснување на повидок
И во Португалија противпожарните служби се борат со неколку шумски пожари, меѓу другото и во близина на градот Коимбра во центарот на земјата. Во близина на градот Транкосо силни навеви на ветришта во ноќта кон средата, повторно ги разгореа пламените јазици Повеќе од 1.500 пожарникари се борат со шестте најголеми пожари.
Мало смирување на ситуацијата во делови од Грција
Ситуацијата со пожарите во Грција пак, покажува знаци на мало смирување, но пожарникарите, волонтерите и жителите и натаму неуморно се борат со бројни жаришта. Особено тешко се погодени регионите околу пристанишниот град Патра, островите Хиос и Закинтос, како и област во близина на албанската граница. Од утрово има и поддршка од воздух, откако службите на копно цела ноќ се бореа со пожарите, изјави претставник на противпожарните служби за грчката телевизија.
Ситуацијата варира регионално, па така на островот Закинтос пожарот сега е под контрола, додека на островот Хиос и натаму има голема загриженост. „За сега најголем предизвик за нас е фронтот на тамошниот пожар“, оцени Костас Цингас, претседател на Здружението на пожарникари, во разговор со информативната телевизија Скај. Според информации на локалните медиуми, ситуацијата е малку порелаксирана во регионот околу Патра, трет најголем град во Грција.
Веројатно подметнат пожарот во јужна Франција
Во јужна Франција, каде што пламена стихија дивее со денови меѓу Нарбон и Каркасон, истражителите ја бараат причината за пожарот, а не е исклучено тој да бил подметнат. Огромниот шумски пожар на францускиот медитерански брег, во кој загинаа две лица, а две се тешко повредени, „би можел да има криминална позадина, на дело сторено со умисла“, изјави надлежниот јавен обвинител. Иако пожарникарите успеаја во најгоелм дел да го стават пожарот под контрола, тој сè уште не е изгаснат. Се работи за најголемиот шумски пожар во францускиот медитерански појас во изминатите најмалку 50 години. Неколку балкански држави исто така се борат со сериозни шумски пожари, во кои во Црна Гора и во Албанија имаше и по еден загинат.