Ѓоковиќ и Кустурица: Од српски херои до предавници
22 јули 2025Швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“ (НЦЦ) го анализира судирот меѓу режимот на српскиот претседател Александар Вучиќ и двете национални икони- тенисерот Новак Ѓоковиќ и режисерот Емир Кустурица. Причината: поддршката која Ѓоковиќ и Кустурица им ја даваат на студентските протести во земјата, поради која, како што објаснува НЦЦ „најдобриот тенисер во светот и повеќекратно наградуваниот филмски режисер, станаа мета на режимот."
„Ѓоковиќ главно ја изразува својата поддршка за студентите и младите, без директно да се спротивстави на Вучиќ или на владата. Сосема поинаку постапува Емир Кустурица. Тој уште пред трагедијата во Нови Сад се скара со Вучиќ, откако се изјасни против планираниот ископ на литиум, проект на Вучиќ што му носи поддршка од ЕУ. Во јануари Кустурица изјави дека добивал закани по живот, на кои Вучиќ и обвинителството молчеле. Истовремено, првпат ги поддржа студентските протести," пишува швајцарскиот весник.
Проблем за Вучиќ
За Вучиќ, солидарноста на Ѓоковиќ и Кустурица со протестите претставува проблем, наведува НЦЦ, објаснувајќи дека и двајцата уживаат голема почит во Србија.
„Ѓоковиќ е српска суперѕвезда, сметан за најдобриот тенисер во историјата. Често го користи теренот за политички пораки, на пример, против независноста на Косово. Се претставува како горд Србин, ги крштева децата во православни манастири и редовно донира за добротворни цели. Многу Срби го ценат тоа. Според анкетите, мнозинството би сакале да се кандидира на избори.
Кустурица, пак, е познат и дома и во светот по своите наградувани филмови. Националистите во Србија го слават бидејќи, иако роден во Босна, за време на војните во Југославија најде нов дом и идентитет во Србија и застана на страната на Милошевиќ“, пишува НЦЦ.
Главната улога во нападите врз двете српски икони ја презема таблоидот „Информер", наведува натаму весникот.
„И двајцата му служеа на Вучиќ за престиж: го претставуваа лицето на Србија што е отворено кон светот, но и религиозно и патриотско, токму како што Вучиќ сака да се прикаже. Тој ги поддржуваше нивните проекти со значителни средства и се претставуваше како нивен пријател.
Сега, таа меѓусебна инструментализација се врти против Вучиќ. Поддршката на студентите од страна на Кустурица и Ѓоковиќ му дава на протестот патриотска легитимност, која Вучиќ сака да ја монополизира. Неговите конзервативни и националистички гласачи може да застанат на страната на студентите, и многумина веќе го направиле тоа. Затоа режимските медиуми жестоко ги напаѓаат. Кампањата ја води таблоидот Информер“, верен на Вучиќ."
Кога херојот станува „срам“
„По големиот протест на 15 март, Информер го нарече Ѓоковиќ „срам“, поддржувач на насилство и на „шарена револуција“. Кога се дозна дека Ѓоковиќ планира да се пресели со семејството во Атина, беше нарекуван лажен патриот кој со години се претставувал како симбол на Србија, а сега „бега“ во Грција. Пред неколку дена, еден бизнисмен и противник на протестите објави видео што го поврзува таткото на Ѓоковиќ со наводен педофил.
И Кустурица е означен како активист на „шарената револуција“. Бидејќи често се појавува на руската пропагандна телевизија „Спутник“, „Информер“ веднаш ја посочи Русија како уште еден организатор на револуцијата“, пишува НЦЦ и заклучува:
„За медиумите блиски до претседателот, протестот доаѓа од секаде, само не од српското општество. Вучиќ се претставува како разумен татко на нацијата. По неуспехот на Ѓоковиќ да влезе во финалето на Вимблдон, немаше навреди. Напротив: „Тој е легенда на Србија“, го цитираше „Информер“ претседателот. „Може да зборува против мене колку сака и да ги поддржува моите противници. Но да се каже нешто лошо за него е глупаво и смешно.“