СИПРИ: Украина купува, Америка продава
10 март 2025Клучна реченица во новиот извештај на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ) на прв поглед изненадува - глобалниот извоз на оружје стагнира во споредба со периодот од 2010 до 2019 година.
Но, кога се анализираат поединечни земји, драматичните геополитички промени стануваат очигледни. Украина сега, во петгодишниот период од 2020 до 2024 година, е најголемиот купувач на тешко наоружување во светот. Споредено со годините меѓу 2015 и 2019 година, земјата го зголемила увозот речиси стократно. Цели девет проценти од вкупниот глобален извоз на оружје завршува во Украина.
Руска агресија и страв од Америка
Истовремено увозот на оружје во другите европски земји е исто така зголемен и тоа за 155 насто. Ова е директна последица на руската агресија која започна во февруари 2022 година. Покрај тоа, според шведските истражувачи, причина за порастот е неизвесноста во однос на развојот на американската надворешна политика.
„Новите податоци го одразуваат зајакнувањето на вооружувањето во европските земји како одговор на новата закана од Русија“, вели Метју Џорџ, еден од авторите на извештајот. „Од друга страна, некои од најголемите увозници на оружје во светот како Саудиска Арабија, Кина и Индија, забележаа поголем пад на увозот и покрај растечката перцепција на закана и во нивните региони“, додава тој.
САД - убедливо најголем поддржувач на Украина
Според истиот извештај, 35 држави учествувале во испораките на оружје за Украина во текот на анализираниот период. Меѓу 2020 и 2024 година, на Украина отпаѓаат 8,8 проценти од вкупниот светски извоз. САД обезбедиле 45 проценти од испораките, Германија 12, а Полска 11 проценти. Ова јасно покажува какви промени би можеле да настанат доколку САД со претседателот Доналд Трамп целосно се повлечат од воената поддршка за Украина.
Меѓу десетте најголеми увозници на оружје во светот во периодот од 2020 до 2024 година, Украина е единствената европска земја, иако и другите европски држави значително ги зголемиле нарачките и испораките на оружје.
САД ќе продолжат да ја снабдуваат Европа
Питер Веземан, истражувач во Стокхолмскиот институт, вели дека „откако Русија стана сè поагресивна, а трансатлантските односи веќе беа под стрес за време на првиот претседателски мандат на Доналд Трамп, европските членки на НАТО почнаа да ја намалуваат својата зависност од увозот и да ја зајакнуваат сопствената воена индустрија“.
Веземан додава дека сепак соработката меѓу Европа и САД во снабдувањето со оружје има длабоки корени, така што американскиот извоз кон европските партнери ќе продолжи да расте. Трамп веќе еднаш беше претседател на САД од 2017 до 2021 година и повторно ја презеде функцијата во јануари оваа година. Сега, по невидениот спор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, тој ја прекина воената помош за Украина. Дали тоа тка и ќе остане, е неизвесно.
САД остануваат водечки извозник, Русија паѓа во подолен ранг
САД остануваат најголем извозник на оружје во светот. 43 проценти од вкупната глобална трговија со оружје доаѓа од земјата, која во овој петгодишен период снабдувала 107 земји. „САД се во уникатна позиција кога станува збор за извозот на оружје - нивниот удел е повеќе од четири пати поголем од оној на вториот по големина извозник, Франција“, вели Метју Џорџ.
Од друга страна, Русија го намалила извозот на оружје за 63 отсто, а вкупниот извоз во 2021 и 2022 година бил најмал во последните две децении. Не е ни чудо - очигледно веќе се подготвувала за војна, па ги зајакнувала сопствените воени капацитети наместо да продава оружје на други. „Војната против Украина дополнително го забрза падот на рускиот извоз на оружје бидејќи повеќе оружје беше потребно на фронтот. Покрај тоа, санкциите на Русија ѝ го отежнаа производството и продажбата на оружје“, вели Веземан. Додека Русија извезуваше оружје, главни купувачи беа Кина и Индија.
Заливските земји и Азија
Четири од десетте најголеми увозници на оружје меѓу 2020 и 2024 година се арапски земји и тоа Катар, Саудиска Арабија, Египет и Кувајт. Уште четири се од Далечниот Исток, имено Индија, Пакистан, Јапонија и Австралија. Веземан е изненаден што не се посветува поголемо внимание на овој факт. „Додека пратките на оружје во Европа и Блискиот Исток привлекуваат најголемо медиумско внимание, Азија и Океанија остануваат најголеми региони на светот кои увезуваат оружје“, потенцира тој. И покрај војната во Појасот Газа која започна во октомври 2023 година, увозот на оружје во Израел меѓу 2015 и 2024 година останал практично непроменет. Според извештајот на СИПРИ, за своите воени операции од почетокот на конфликтот, Израел главно користел оружје што многу порано му било испорачано, пред сѐ од САД. Заклучно може да се каже дека глобалната трговија со оружје навистина стагнира во однос на обемот, но структурата меѓу примателите на оружје драстично се менува. А, нештата би можеле уште побрзо да се менуваат со оглед на тоа дека Германија планира да инвестира астрономски суми во Бундесверот во претстојните години, како и дополнителна поддршка за Украина. Експерти проценуваат дека ќе станува збор за околу 400 милијарди евра. Ваквите програми првенствено го зголемуваат профитот на светските производители на оружје. Како што СИПРИ веќе заклучи во декември 2024 година, приходите на 100-те најголеми светски производители на оружје се зголемиле за 4,2 проценти во 2023 година, достигнувајќи околу 632 милијарди долари.