Полскиот премиер планира реконструкција на кабинетот во јули
11 јуни 2025Полскиот проевропски премиер Доналд Туск најави реконструкција на владата за јули. Ќе има промена во структурата, но и „нови лица“, рече Туск во својата владина изјава пред гласањето за доверба во парламентот во Варшава. Во својот говор, Туск се осврна на процутената економија на Полска, надградбата на социјалната држава и достигнувањата во надворешната политика на неговата влада: „Полска се врати во екстра класата на глобалната политика“, уверен е тој.
За дебатата во парламентот пред гласањеот за доверба се пријавија рекорден број опратеници - 267.
Туск побара гласање за доверба по поразот на неговиот табор на претседателските избори на 1 јуни. Либералниот кандидат Рафал Часковски, близок сојузник на Туск, тесно ја загуби трката за највисоката функција во земјата од десничарскиот конзервативец Карол Навроцки, кој е поддржан од опозициската ПиС. Тоа се смета за сериозен неуспех за шефот на владата. Туск зазеде борбен став во својата владина изјава: „Го знам вкусот на победата и горчината на поразот, но има еден збор што не го знам: капитулација“.
Победата на Навроцки значи дека централно-левичарската влада на Туск нема да постигне напредок во своите клучни реформски проекти, како што се либерализацијата на законот за абортус и деполитизацијата на судството. „Се соочуваме со две и пол години тешка, сериозна работа под услови кои не се подобруваат“, рече Туск.
Во Полска, претседателот може да блокира нови закони со вето. Навроцки веќе објави дека по преземањето на функцијата на 6 август, Туск може да очекува „силен отпор од претседателската палата“.