Градежници: Одредбата за работници од Балканот е штетна
19 април 2025Одредбата во коалицискиот договор на ЦДУ/ЦСУ и СПД за преполовување на квотата за работници од државите од Западен Балкан е „изненадувачка и штетна за индустријата“, оценува за „Штутгартер цајтунг“ и за „Штутгартер Нахрихтен“, Тим-Оливер Милер, шеф на Здружението на германската градежна индустрија. Тој притоа укажува на планираните инфраструктурни проекти, „кои се очекува да ја зголемат побарувачката за работна сила“.
Значителен дел од странските работници во градежната индустрија доаѓаат од земјите на поранешна Југославија, нагласува Милер. „Намалувањето на контингентот за Западен Балкан на максимум 25.000 работници особено ја погаѓа градежната индустрија“, вели тој.
Во коалицискиот договор на партиите кои ќе ја сочинуваат идната германска влада стои: „Регуларната миграција во Германија во рамки на таканареченото Западнобалканско правило ќе ја ограничиме на 25.000 лица годишно“.
Во моментов, 50.000 луѓе од регионот годишно можат да добијат виза за Германија под поедноставени услови и да работат во земјата.
Влез само со договор за работа
Но, сите работници од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија или Србија кои сакаат да дојдат во Германија преку Западнобалканската регулатива, мора однапред да покажат договор за работа. Од оваа регулатива можат да профитираат и неквалификувани работници. Таа е воведена за да ги одврати луѓето од овие држави да бараат неоснован азил во Германија. Дозволата за вработување во Германија мора да се побара во земјата на потекло. Покрај тоа, согласност не смее да се даде ако барателот во изминатите 24 месеци примал социјална помош за азиланти.
Многу работници од Косово
На 30 ноември 2024 година, со дозвола за престој заради вработување во Германија живееле вкупно околу 79.500 луѓе кои при влезот профитирале од Западнобалканската регулатива. На крајот на 2023 година имало околу 76.000 луѓе кои на таа основа имале дозвола за престој.
Работниците од Косово ја сочинувале најголемата група меѓу нив со околу 20.800 мигранти, а следеле луѓе од Босна и Херцеговина (скоро 16.100) и Северна Македонија (околу 14.200).