Германскиот пензиски систем се соочува со колапс
1 август 2025За германската министерка за економија Катерина Рајхе, едноставен начин за да се поправи германскиот пензиски систем е „да работиме повеќе и подолго“, како што отворено изјави за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ кон крајот на јули, со што инстантно се отвори нова дебата на веќе познатата тема. Рајхе објасни дека ветувањата што нејзината влада ги дала во коалицискиот договор порано годинава, едноставно нема да бидат доволни. Сѐ постарото население во Германија одамна важи за проблем. Просечната возраст на населението - 46,7 години - е осмо по највисока возраст во светот, а Германија е трета меѓу големите економии, по Јапонија и Италија со највозрасна популација. До 2040 година, се очекува цела четвртина од населението да биде на 67 години или постаро.
Тоа има значаен ефект - на почетокот на 60-тите години, сè уште имаше шест активно осигурени работници за секој еден пензионер. Тој сооднос сега е 2 спрема 1 и опаѓа, а во 2025 година две третини од буџетот на Министерството за труд ќе се одлеваат во пензискиот систем, односно 121 милијарда евра (140 милијарди долари). „Неодржливо е на долг рок да работиме само две третини од нашиот живот како возрасни лица и да минеме една третина во пензија“, рече Рајхе и додаде дека „за жал, премногу луѓе предолго одбиваат да ја прифатат демографската реалност“. Изјавите на Рајхе предизвикаа брза реакција од нејзините колеги од левиот центар. Ларс Клингбајл, министерот за финансии и лидер на Социјалдемократската партија (СПД), која традиционално го таргетира електоратот од работничката класа, изјавата на Рајхе ја опиша како „шлаканица“ за многу работници. „Лесно е тоа да го кажеш од удобната фотелја во Берлин“, рече Клингбајл за НТВ и додаде дека „треба да излезете и да разговарате со луѓето во земјата кои се градежни работници, работат како медицински сестри или наставници и навистина се исцрпени и мачно им е да стигнат до 67 години.“ Синдикатите реагираа дека планот на Рајхе е едноставно нов начин за намалување на пензиите. Имено, многу работници нема да може да работат до постара возраст од здравствени причини, што ќе ги принуди порано да се пензионираат и да прифатат отстапки што трајно ги намалуваат нивните пензии.
Спор околу пензионирањето
Договорот постигнат од двете владејачки партии во Германија - конзервативната Демохристијанска унија (ЦДУ) на Рајхе и СПД - ветуваа дека сегашната возраст за пензионирање во Германија нема да се помести. Наместо тоа, коалицискиот договор ветуваше дека „сакаме поголема флексибилност во транзицијата од работа во пензија.“ Во пракса, „флексибилност“ значи нудење стимулации за луѓето кои работат и по законската горна граница за одење во пензија. Тоа вклучува мерки како т.н. „активна пензија“, според која секој приход до 2 илјади евра месечно е ослободен од данок за оние над законската возраст за пензионирање. Јан Шарпенберг, експерт за пензии во компанијата за финансиски консалтинг „Финанцтип", е убеден дека германскиот пензиски систем итно треба да се реформира, но дека дебатата околу тоа премногу се одолговлекува. „Должината на работниот век е само еден од факторите кои може да се прилагодат за да се реформира германскиот пензиски систем, со цел да се справи со демографската трансформација“, вели тој за ДВ и додава дека „да бидам искрен, малку исцрпува тоа што со години и децении се изнесуваат истите аргументи про и контра, но не се спроведува фактичка реформа“.
Иако се согласува дека зголемувањето на возраста за пензионирање може да стане неопходно, тоа не го побива аргументот дека во пракса би значело намалување на пензиите за некои луѓе. „Двете работи може истовремено да бидат вистинити, но тоа не треба да спречи пензиска реформа“, вели тој. „Реформата на системот ќе функционира само ако се комбинираат и повлечат неколку потези“, смета тој.
Како функционира германскиот пензиски систем
Системот за пензионирање во Германија е застрашувачки комплициран. Во моментов, законската возраст за пензионирање во Германија е 65 години, иако е предвидено да се зголеми на 67 до 2031 година. Но, возраста се менува во зависност од годината на раѓање на поединецот и колку долго уплаќал во системот. Има и исклучоци кога луѓето може да се пензионираат порано, на пример за инвалиди, или ако лицето уплаќало во системот 45 години. Придонес од 18,6% од бруто месечната плата на вработениот оди во државниот пензиски фонд, при што вработениот и работодавачот плаќаат по половина. Владата очекува оваа стапка на придонес да се зголеми на 22,3% до 2035 година. Јоханес Гајер, истражувач за јавна економија при Германскиот институт за економски истражувања истакнува дека прашањето за возраста за пензионирање е толку спорно бидејќи различно влијае на работниците. „Има многу луѓе кои не можат да си замислат да работат по 67-годишна возраст“, вели тој и додава дека „оние кои подобро заработуваат можеби може да го сторат тоа.“
Приходи за пензија контра расходи за пензија
Многу експерти велат дека фокусирањето само на возраста за пензионирање е неполезно, бидејќи постојат многу различни начини за зголемување на придонесите во пензискиот систем. На пример, една мерка би била да се обезбедат подобри услови за дневен престој на децата, така што повеќе самохрани родители би можеле да работат со полно работно време и да плаќаат повисоки пензиски придонеси. Друго решение е полесно и попривлечно да се направи мигрирањето во Германија за работа. Исто така има предлози за зголемување на бројот на луѓе што уплаќаат во јавниот систем со вклучување на самовработените и државните службеници. Што се однесува до трошоците, може да се воведат некои поболни мерки покрај зголемување на возраста за пензионирање, односно продолжување на „времето на чекање“ (бројот на години колку што мора едно лице да уплаќа во системот пред да може да користи пензија) или намалување на стапката по која пензиите се зголемуваат секоја година. Зголемувањето на пензиите се пресметува врз основа на развојот на бруто платите во Германија и се очекува да изнесува 3,74% за 2025 година. Во коалицискиот договор, СПД успеа да обезбеди ниво на пензија од 48% од стандардната пензија во однос на просечниот приход до 2031 година. За критичарите ова е неодржливо. Според Шарпенберг, комбинација од мерки треба да биде имплементирана, но наместо тоа вечната политичка дебата се врти околу спроведувањето на една или на друга мерка, како да е невозможно да се комбинираат.
Меѓународна компарација
Германскиот пензиски систем е многу поинаку структуриран од другите европски земји. Во Данска на пример возраста за пензионирање е поврзана со животниот век во земјата, така што автоматски се зголемува како што луѓето живеат подолго. А во Шведска придонесите на поединецот се инвестираат во различни финансиски пазари, а потоа профитот се исплатува кога лицето ќе достигне старост. „Тоа помага да се распредели ризикот“, вели Гајер и посочува дека „тие не се толку зависни од стареењето на нивното население.“ Од друга страна во германскиот систем, придонесите се ставаат во еден фонд, кој што се користи за финансирање на тековните пензии. Гајер тврди дека, за разлика од другите европски земји, Германија не успеала да развие опции за приватно осигурување како комплементарни на државните пензии и за да профитира целото население, а не само богатите слоеви. „Други земји тоа го прават значително подобро“, вели тој и додава дека „Велика Британија, Холандија, Данска, Шведска имаат системи на задолжително осигурување со релативно ниски трошоци и добра добивка. Тоа тука ни фали.“