Германија: „Време е војната во Газа да заврши“
2 август 2025По враќањето од патувањето на Блискиот Исток, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул упати апел во врска со ситуацијата во Појасот Газа. „Мора да има фундаментална промена“, рече Вадефул за првата програма на германската телевизија АРД. „Ситуацијата мора фундаментално да се подобри за луѓето од Појасот Газа. Целиот свет го гледа тоа“. Хуманитарната ситуација во Газа, рече тој, „е неподнослива“.
Истовремено, овој политичар од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) ја нагласи потребата од постигнување договор за тоа како да се обезбеди ослободување на преостанатите заложници што ги држи терористичката и исламистичка организација Хамас.
Вадефул го нагласи своето блиско пријателство со Израел, но исто така најави дека ќе започне разговори со арапските држави во наредните денови. Германија, додаде тој, има добри односи со нив. „Тоа покажува дека меѓународната заедница како целина е повикана на акција. Затоа верувам дека германското вклучување тука е неопходно."
Министерот го одложи својот годишен одмор поради оваа мисија, а неговиот распоред на средби беше преполн.
За само 24 часа, тој се сретна со својот израелски колега Гидеон Саар, премиерот Бенјамин Нетанјаху и претседателот Исак Херцог. Разговорите продолжија на Западниот Брег со палестинскиот претседател Махмуд Абас.
„Хуманитарна катастрофа"
За време на престојот на Блискиот Исток, Вадефул постојано повторуваше дека „сега е време војната во Појасот Газа да се заврши “. Тој нагласи дека привремените паузи во борбите не се доволни за да се постигнат целите - ослободување на заложниците и уништување на Хамас - или за ублажување на хуманитарната криза.
Со особено остар тон, тој ги повика израелските власти да обезбедат поголема хуманитарна помош за Газа. „Хуманитарната катастрофа таму е надвор од секоја замисла. Во целиот Појас Газа, луѓето гладуваат. Тоа е целосно неприфатлива ситуација што мора веднаш да се промени“, им рече тој претходно на новинарите, како што пренесува агенцијата АФП.
И покрај апелите до Израел, Вадефул не остави сомнеж за одговорноста на Хамас за ескалацијата на конфликтот. „Со својот брутален напад врз Израел на 7 октомври 2023 година, Хамас предизвика војна во Појасот Газа“, рече тој, истакнувајќи дека Хамас продолжува да се спротивставува на ослободувањето на заложниците, и покрај меѓународните дипломатски напори.
Јасна поддршка за решение со две држави
Германија, истакна Вадефул, не само што стои покрај Израел, туку го користи своето влијание за зајакнување на политичкото решение што вклучува две држави. „Германија го поддржува правото на Палестинците на сопствена држава“, истакна германскиот министер во петокот за време на неговиот престој во Рамалах, на окупираниот Западен Брег, додавајќи дека државата „мора да се создаде како резултат на политички процес“.
За разлика од, на пример, Франција или Обединетото Кралство, Германија сè уште одбива да го стори тоа. Ова, изјави Вадефул, е еден од последните чекори во процесот на преговори. Во тој процес, нагласи тој, двете страни мора да разговараат меѓусебно и да се договорат за границите.
Вадефул ја пофали соработката со Палестинската самоуправа, нагласувајќи дека Германија веќе придонесува за идната палестинска држава помагајќи во градењето институции и спроведувањето реформи. „Абас покажа големо разбирање за ставот на германската влада и ѝ се заблагодари на Германија за нејзината посветеност на решение со две држави“, рече министерот.
Двете страни, додаде тој, се согласуваат дека во идната палестинска држава и по постигнувањето примирје и ослободувањето на заложниците, Хамас „веќе не смее да игра никаква улога“ и „мора да го положи оружјето“. „Таа усогласеност ми беше исклучително важна", порача Вадефул.
Владата ќе одлучи во сабота
Вадефул изјави дека речиси секојдневно разговара со својот израелски колега Гидеон Сар. Ситуацијата, рече тој, ескалираше до тој степен што, за жал, Израел се наоѓа сè повеќе во меѓународна изолација, што не може да ја остави Германија рамнодушна.
За промени, нагласи тој, потребен е и притисок врз Хамас. Вадефул ги повика земјите што имаат добри односи со таа милитантно-исламистичка организација да се вклучат во постигнување примирје. Во овој контекст, тој ги спомена Катар и Турција. „Кој сака на Палестинците да им биде подобро, мора и да се залага за тоа“.
Колку силно Германија може да влијае на настаните на Блискиот Исток може да се покаже уште овој викенд. Вадефул за своето патување на Блискиот Исток ќе ги извести канцеларот Фридрих Мерц и остатокот од кабинетот. Потоа Мерц ќе одлучи за понатамошните постапки на сојузната влада.