Германски воздушен мост до Газа и критики од хуманитарците
29 јули 2025Со оглед на хуманитарната криза во Појасот Газа, германската влада ќе воспостави воздушен мост за испорака на хуманитарна помош. Како што најави канцеларот Фридрих Мерц по седницата на Советот за национална безбедност во Канцеларијата на канцеларот, ова треба да се реализира во соработка со Јордан, а поддршка најавија и Франција и Велика Британија. Во таа насока денеска (29 јули), Мерц разговараше со кралот Абдула Втори од Јордан во Берлин. Секако, тоа е само „многу мала помош“ за луѓето од Газа, но тоа е придонес што владата сака да го даде, рече Мерц, додавајќи: „Сакаме што е можно поскоро да го прекинеме хуманитарното страдање на цивилното население во Газа. Неодамна повторно дозволените конвои за помош и воздушната испорака на помош од страна на Израел се 'важен прв чекор'“. Но, сега, понатамошните чекори мора да следат брзо, истакна Мерц. „Израел мора веднаш, сеопфатно и трајно да ја подобри катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа“, нагласи германскиот канцелар.
Фрлање хуманитарна помош од воздух е „бесмислено“ и „цинично“
Хуманитарната организација Лекари без граници остро го критикуваше исфрлањето хуманитарна помош од воздух, кое го спроведува израелската армија. Овој метод не е само неефикасен, туку и опасен за луѓето што чекаат помош на терен, рече Жан Ги Вато, координатор за итни случаи на организацијата во Појасот Газа. „Фрлањето хуманитарна помош од воздух е бесмислена иницијатива која зрачи со цинизам“, нагласи тој.
Многу е поефикасно, објасни Вато, да се доставува помош со камиони до крајбрежната област. „Има патишта, има камиони, има храна и лекови таму - сè е подготвено за доставување хуманитарна помош во Појасот Газа.“ Според него, помалку од 20 тони помош биле фрлени од воздух - количина која може да се пренесе со еден камион без никакви проблеми. „Единственото нешто што е потребно сега е одлука од страна на израелските власти да дозволат доставување помош по копно.“
Поради наредбите за евакуација на израелската армија, додаде Вато, многу луѓе се концентрирани на мала област. „Ако нешто се испушти од воздух на таа мала област, луѓето неизбежно ќе бидат повредени“, предупреди тој.
Без протерување, без анексија
Во својот преглед на ситуацијата во Појасот Газа, Фридрих Мерц го повтори барањето на германската сојузна влада за траен прекин на огнот. Но, за тоа радикално-исламистичкиот Хамас мора да го отвори патот - да ги ослободи заложниците и да го положи оружјето. Сè уште има меѓу киднапираните и германски државјани.
Во исто време, меѓутоа, Мерц го предупреди Израел дека не смее да има протерување на населението во Појасот Газа или понатамошни чекори насочени кон анексија на територии на Западниот Брег. Но, признавањето на палестинска држава, како што најави Франција, во моментов не е тема за германската влада. Ова не е „првиот, туку еден од можните последни чекори“ на патот кон решение со две држави, е ставот на Берлин.
Што се однесува до германските граѓани, повеќето веруваат дека треба да се зголеми дипломатскиот притисок врз Израел. Според анкетата на Институтот Форса, речиси тројца од четворица Германци (74 отсто) го поддржале, 22 насто биле против, а четири отсто не дале коментар.