Германски војници во Украина? Уште една фантомска дебата
23 август 2025Дали наскоро ќе има средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, како што предложи американскиот претседател Доналд Трамп? И ако двајцата навистина може да се договорат како прво да се дојде до прекин на огнот, а потоа и до мир во Украина, каква ќе биде улогата на Германија во тоа? Во моментов нема одговори на овие прашања, а тие сепак веќе предизвикаа дебата во политичките кругови во Берлин. Уште само неколку дена трае летната пауза, а следната среда кабинетот повторно се состанува, токму во министерството за одбрана и тоа за прв пат по многу години.
Германска фантомска дебата
Германските политичари со денови се расправаат за прашање кое воопшто не е ни дојдено на ред да се решава - ако Русија и Украина постигнат договор, дали Германија ќе испрати војници за можни мировни сили? Веројатно и подготвеноста на Зеленски воопшто да се впушти во разговори со Путин е условена со добивањето безбедносни гаранции за Украина од самиот почеток. И тоа би можело да значи дека меѓународни сили во земја кои ќе обезбедуваат да не дојде до повторни борби. Тешко дека Германија може тоа да го одбегне, особено ако канцеларот Фридрих Мерц- како неодамна – инсистира да се слуша германскиот глас во меѓународните конфликти. Тоа е во иста линија софактот дека американскиот потпретседател Венс на Фокс њуз јасно стави до знаење дека Европа мора да го преземе „лавовскиот дел“ од сите можни безбедносни гаранции. Колку е несигурен целиот план, покажува реакцијата од Москва. Имено, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го опишува стационирањето на европските вооружени сили во Украина како „целосно неприфатливо“.
Мнозинството против германски војници во Украина
И во самата земја се чини јасно дека нема да му биде лесно на Мерц да добие одобрение за учество во таквите сили. Неговиот коалициски партнер, Социјалдемократите, предупредуваат од избрзани планови. Лидерот на СПД, Ларс Клингбејл, за телевизијата САТ1 рече дека би било добро ако сега дојде до сериозни разговори. Секако на Украина ѝ е потребна безбедноста да не биде веќе напаѓана, но „прво и основно тоа вклучува силна украинска армија. А, потоа ќе видиме што друго може да се направи. Но, дали со германски војници или не, во моментов не е предмет на одлучување.“ Очигледно и луѓето во Германија на ист начин гледаат на нештата, па така во анкета спроведена од институтот за истражување на јавното мнение Сивеј по нарачка на „web.de", 51 процент од испитаниците се изјасниле против учеството на Германија во мировна мисија во Украина. Само 36 проценти од испитаниците мислат дека тоа е исправно.
Вадефул воздржан, Мерц повеќе наклонет кон согласност
Попретпазливо се изјасни министерот за надворешни работи Јохан Вадефул, кој исто како и канцеларот Мерц, се вбројува меѓу конзервативните членови на ЦДУ. На патување во Индонезија и Јапонија, Вадефул се најде на насловните страници кога во подкастот „Table.Today" рече дека распоредување на германски војници во Украина „веројатно ќе ја префорсира Германија“. Борбената бригада на Бундесверот што моментално се формира во Литванија, со приближно 5 илјади војници, веќе на големо го ангажира Бундесверот. Во подоцнежната фаза на патувањето, Вадефул во интервју за ДВ беше скептичен дали воопшто ќе дојде до мировни преговори. „Сега сите чекаат на тоа Владимир Путин да биде навистина сериозно подготвен да разговара за ставање крај на војната. За жал, на бојното поле нештата сè уште изгледаат сосема поинаку“, рече Вадефул.
Германија уште сега префорсирана?
На средбата меѓу Трамп и Зеленски и различни водечки европски политичари пред една недела, канцеларот Мерц уште звучеше поинаку. Во однос на можниот мировен процес, тој рече дека „ние како Сојузна Република Германија имаме голем интерес и одговорност да учествуваме, тоа ми е јасно“. Но, тоа секако би требало да се разгледува и во рамки на коалицијата, „вклучително и прашањето дали можеби ќе треба да донесуваме мандаторни одлуки“. За распоредување на Бундесверот во странство секогаш е потребна резолуција од Бундестагот.
Голема скепса, особено во источна Германија
Веројатно вознемирени од прилично смелата изјава на канцеларот, речиси секојдневно сега се јавуваат политичари со став за испраќање сили во Украина. Повеќето се скептични или дури и против и речиси сите додаваат дека времето да се одлучува по ова прашање е сè уште во далечна иднина. Особено жестоко противење за планот искажуваат конзервативните политичари од истокот. Таму и левичарските и десничарските партии, како што се Левица и во делови десно-екстремната „Алтернатива за Германија“ (АфД), ги отфрлаат таквите планови. Ова е една од причините зошто покраинскиот премиер од ЦДУ во Саксонија, Михаел Кречмер, рече дека „не смее да се помисли на тоа германски војници да бидат ангажирани во Украина“. Јоханес Винкел, прв човек на конзервативната младинска организација „Унија на млади сили“ со сосем поинаков став се огласи за „Редакциската мрежа Германија“. Тој рече дека „не можеме од една страна да велиме дека нашата зависност од американската војска мора да се намали и Европа конечно да порасне, а од друга страна да отфрламе одговорност кога работите првпат ќе станат конкретни“. Но, кога ќе станат конкретни не знае никој. И можеби евентуална средба меѓу Путин и Зеленски е или дел од голема претстава, или дури и опасна за Украина, како што стравува долгогодишниот раководител на Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер. Уште по средбата на Путин со американскиот претседател Трамп во Алјаска, Ишингер на платформата X пиша дека „нема ниту еден показател оти претседателот Путин е подготвен да ја заврши војната токму сега“. Осврнувајќи се на средбата меѓу украинскиот и рускиот претседател, тој вели дека „ можам да си замислам само хорор сценарио“. Средбата нема да доведе до решение, туку ќе биде искористена од Путин за да добие на време за потоа да продолжи да води војна. Тоа е став што го делат доста германски политичари.