Силата на студентското движење е неговата Ахилова петица
3 февруари 2025Во текот на викендот бројни германски медиуми известија за протестите и блокадата на мостовите во Нови Сад. Агенцијата КНА пренесе дека поп-иконата Мадона ги поддржа српските студенти, додека јавниот сервис РББ пишува за собирите на солидарност кои се одржаа и во Берлин.
Во печатот има и подетални анализи и коментари. Под насловот „Нагризана автократија“, берлинскиот Тагесцајтунг објавува коментар во кој се вели дека против власта во Србија се кренаа студентите и широките слоеви на општеството, и тоа не само во големите градови.
„Александар Вучиќ повеќе не може да ги мобилизира своите луѓе како порано. Не важи повеќе аргументот дека протестите се управуваат од странство“, пишува левичарскиот весник.
Се наведува дека луѓето во Србија не можат да сметаат на поддршка однадвор, во време кога либералните демократии се во дефанзива, а Вучиќ може да смета на поддршка на автократи како Орбан и Путин.
„Сè уште е отворено прашањето за балканската политика на Европа и Германија. По цена на литиумот, Берлин и Европа се подготвени да го поддржат Вучиќ“, пишува весникот, додавајќи дека во Србија се гледа фактор на стабилност иако Србија под автократска контрола не може да биде таква.
Беспомошниот Вучиќ
Весникот Рајнише Пост пишува дека, под впечатокот од доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа, малку се забележува дека постои и спротивен тренд – луѓето се креваат против автократите, на пример во Србија, Словачка и Унгарија.
Примерот на Србија, се наведува, демонстрира „погубни последици од укинувањето на поделбата на власта во авторитарна и корумпирана партиска држава“.
Дописникот на весникот од Белград потсетува дека цената за реновирање на Железничката станица во Нови Сад „се зголеми“ од 3,5 на 16 милиони евра, и дека е свечено отворена – без употребна дозвола. А потоа падна надстрешницата и избија протестите.
„Дејствуваат беспомошно обидите на Вучиќ со коктел од закани и отстапки малку да го смири бесниот граѓани“, пишува весникот.
„Охрабрени од протестите, сè повеќе Срби го надминуваат стравот од репресиите на автократскиот режим или губењето на работното место. Со демонстрациите се солидаризираат дури и со години поттиснати државни службеници како судии, наставници и новинари од државниот емитер РТС кој го контролира СНС."
Во текстот се заклучува дека Вучиќ и СНС нема „доброволно да се откажат од златната кокошка“, но дека делува дека ова е почеток на крајот на автократскиот режим.
Каде водат протестите?
На ова прашање, каде водат протестите, се осврна и Франкфуртер Алгемајне Цајтунг во неделното издание. Весникот пренесува дека многумина полагаат надеж во овие протести токму затоа што, за разлика од претходните, не ги предводи омразената опозиција.
„Нема имиња и лица кои јавноста би ги поврзала со водството на протестите. Затоа е невозможно за подметнувачките медиуми да ја следат вообичаената тактика. Кога би се појавил во политичката арена макар и малку изгледен ривал кој би ја загрозел моќта на Вучиќ, сценариото секогаш беше слично: печатот, порталите и телевизиите започнуваа кампања на навредување, често поткрепена со документи од тајните служби“, пишува весникот.
„Тоа со студентите досега не е можно. Движењето се заснова на собири по принцип на директна демократија“, ги опишува весникот пленумите. „Некои набљудувачи сепак забележуваат дека сегашната сила на движењето долгорочно може да биде неговата најголема слабост.“
Во сличен тон претходниот викенд пишуваше и најголемиот швајцарски весник, Ноје Цирхер Цајтунг. Сите сценарија се на маса, но е „неспорно дека во еден момент ќе се издува моментумот на српските улици ако не се преточи во политичка стратегија“.
„Колку и да се продорни барањата на протестите, прашање е на проценка кога тие се исполнети. Дистанцирањето од дискредитираната институционална политика е сила на движењето, но долгорочно негов проблем“, пишува циришкиот весник.
Неделникот Шпигел објави кратко интервју со Ведран Џихиќ од австрискиот Институт за меѓународна политика, кој исто така нагласува дека ново е тоа што студентите не дозволуваат протестите да ги преземе опозицијата, но дека клучното прашање е нешто друго:
„Режимот негува приказна која е мешавина од закани, ветувања за мир, национален патос и предупредувања за криминалната опозиција. Сè уште има луѓе приклонети кон тие пораки. Само владејачката СНС има 800.000 членови, речиси во сите општини има апсолутна контрола. Клучно е прашањето во која мера режимот е подготвен да употреби насилство“, вели Џихиќ.