Германски печат: Гренел ја води изборната кампања во Косово
6 февруари 2025Кога Доналд Трамп во декември минатата година го назначи Ричард Гренел за свој пратеник за специјалните мисии, тој најави дека неговиот повереник ќе работи на некои од најжешките точки во светот, вклучувајќи ги Венецуела и Северна Кореја, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг. И додава: „Во толкувањето на специјалниот пратеник на Трамп, Косово очигледно е една од тие точки, бидејќи Гренел директно се вмеша во изборната кампања во Косово пред парламентарните избори на 9 февруари“.
Авторот потсетува на постот на Гренел на платформата Х од 3 февруари, во кој тој најави дека администрацијата на Трамп ќе се ангажира на Балканот. Исто така, се укажува на оценката дека Вашингтон мора да има сигурни партнери и дека владата на косовскиот премиер Албин Курти и неговата партија Самоопределување, според Гренел, не е таков партнер.
„Владата на Курти не беше доверлива за време на првиот мандат на Трамп, ниту за време на мандатот на Бајден“, рече Гренел, како што пренесува франкфуртскиот весник.
Весникот потсетува дека уште во јануари Гренел го обвини Курти дека ги довел косовско-американските односи на „ниска точка“, дека Курти отсекогаш се спротивставувал на секоја американска идеја, дури и кога на власт беа претходниците на Трамп, Обама, Буш и Клинтон, односно од војната во Косово во 1999 година. Во пресрет на изборите во недела, Гренел им порача на косовските Албанци: „Не дозволувајте да ве залажуваат“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.
Чувствителни на американските пораки
Пораката на Гренел е упатена до публиката во Косово, оценува авторот, објаснувајќи дека оваа публика е почувствителна на американските пораки отколку јавноста во повеќето други земји: „Основното расположение во Косово е проамериканско, и тоа е од пред ослободувањето на земјата од српската власт во 1999 година. Од очигледни причини: без американско лидерство, НАТО во тоа време немаше да ја бомбардира Србија. Без Вашингтон, српските трупи составени од војска, полиција и паравоени единици, немаше да бидат принудени да се повлечат во јуни 1999 година од територијата што Србија ја освои од Османлиите во 1912 година. И без САД, немаше да биде прогласена независност на Косово во 2008 година. Повеќе од сто држави, вклучително и огромното мнозинство демократии, немаше да ја признаат независноста. Израел е последната држава што го призна Косово - по интервенцијата на Трамп“, потсетува франкфуртскиот весник.
Со оглед на таквата американска улога во Косово, секако може да се очекува дека предупредувањето на Гренел за Курти ќе биде сериозно дискутирано во Косово, смета весникот. „Останува да се види дали тоа ќе има влијание како што посакува Гренел. Тој експлицитно се изјасни против Курти и пред претходните парламентарни избори на Косово во февруари 2021 година, но партијата на Курти - Самоопределување тогаш победи со рекорден резултат од повеќе од 50 отсто од гласовите. Нејзината цел е повторно да го надмине тој триумф“.
Отворен отпор кон Вашингтон
Анкетите покажуваат дека партијата на Курти повторно би можела да биде најсилна, се наведува во текстот, но се додава дека апсолутното мнозинство е неизвесно :„Ако тој биде принуден да формира коалиција или ако опозицијата ја преземе власта, Гренел би ја постигнал својата цел: Курти би бил во опозиција или барем во коалиција“. Првата влада на Курти, формирана во февруари 2020 година, пропадна по само два месеци, делумно поради тоа што Гренел изврши огромен притисок врз коалициските партнери на Курти да ја напуштат коалицијата, што и се случи“.
Исто така, се потсетува дека за време на првиот мандат на Трамп, Гренел не само што беше американски амбасадор во Берлин, туку и специјален пратеник за „мировните преговори“ меѓу Косово и Србија : „Во забрзан процес, Гренел сакаше да подготви „историски договор“ меѓу Белград и Приштина, што ќе му овозможи на неговиот шеф да изгледа како големиот креатор на историскиот договор. Курти, сепак, ги отфрли идеите на Гренел, кои, не само во Приштина, беа сфатени како некохерентни, површни и несмасни“.
Отворен отпор кон Вашингтон – ниту еден премиер во Приштина досега не се осмелил да го стори тоа, оценува авторот на текстот и заклучува: „Сега, пет години подоцна, ситуацијата е слична. Гренел сака послушен шеф на владата на Косово. Курти никогаш не бил таков. Во недела последниот збор ќе го кажат гласачите во Косово“.